Американскиот претседател Доналд Трамп и демократскиот сенатор Чак Шумер постигнале договор за нови ограничувања во работењето на Федералната служба за имиграција и царина (ICE), со што е избегната можна блокада на владата на САД, објави „Њујорк тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со преговорите.
Според договорот, финансирањето на Министерството за внатрешна безбедност ќе биде одвоено од поширокиот пакет закони за државна потрошувачка, со цел да се овозможи навремено финансирање на федералните институции до крајот на фискалната година.
Сенатот треба да усвои посебен закон со кој ќе се обезбедат средства за Министерството за внатрешна безбедност, одвоено од шесте закони што се однесуваат на финансирање на војската, здравствените програми и другите федерални агенции.
Договорот доаѓа откако демократите побараа нови ограничувања за работата на имиграциските агенти, што доведе до тензии со администрацијата на Трамп и закана од прекин на работата на федералните служби.
Според планот, Сенатот треба да ги изгласа законите до крајот на неделата, со што би се спречила блокада на клучни институции како што се Агенцијата за безбедност на транспортот, Крајбрежната стража и Федералната агенција за управување со вонредни состојби.
Дополнително, ќе биде донесен и привремен закон со кој ќе се овозможи продолжување на финансирањето додека траат разговорите за нов, посеопфатен закон за внатрешна безбедност. Тој би вклучувал и построги правила за постапувањето на службениците на ИЦЕ, како и поголема одговорност за случаи на прекумерна употреба на сила.
Според извори на „Њујорк тајмс“, договорот меѓу Трамп и Шумер претставува обид да се стабилизира функционирањето на федералната администрација и да се избегне нова политичка криза во Вашингтон.