Стармер се сретна со Си: Лондон бара „пософистицирани“ односи со Кина

Фото: DC Studio/Freepik

Британскиот премиер Кир Стармер се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг во Пекинг, со порака дека Велика Британија сака „пософистициран“ однос со Кина и ресетирање на билатералните врски. Средбата е втора меѓу Стармер и Си и доаѓа по повеќемесечни подготовки за посетата, во период кога Лондон ја преиспитува рамнотежата меѓу безбедносните, дипломатските и економските интереси во односите со Пекинг.

Стармер му кажал на Си дека поминало „премногу долго“ откако британски премиер ја посетил Кина, нагласувајќи дека Пекинг е клучен глобален актер и дека е важно да се изгради поорганизиран и посложен канал на соработка. Во настапот го ставил акцентот на практичните ефекти од надворешната политика, поврзувајќи ги меѓународните настани со секојдневните прашања што ги чувствуваат граѓаните, од цените во супермаркетите до чувството на безбедност.

Си Џинпинг, од своја страна, оценил дека односите меѓу Кина и Велика Британија во последните години биле обележани со „пресврти“ што не им користеле на двете земји. Опишувајќи ја глобалната состојба како „турбулентна и флуидна“, Си порача дека зголемен дијалог меѓу Пекинг и Лондон е „императив“, и за стабилноста и за економиите и граѓаните во двете држави. Во ист контекст, тој изразил подготвеност за „долгорочно и конзистентно стратешко партнерство“, со оценка дека тоа би донело корист за двата народа.

Пред средбата со Си, Стармер бил пречекан и од претседателот на Националниот народен конгрес, Жао Леџи, во Големата народна сала во Пекинг. Жао оценил дека е значајно да се развиваат односите меѓу Велика Британија и Кина во „променлив и турбулентен меѓународен пејзаж“, и ги поздравил напорите за приближување, наведувајќи дека е забележан позитивен напредок.

Зачлени се на нашиот е-билтен