На политичката сцена во Македонија денес, за многу прашања наместо дијалог, имаме инает претворен во државна стратегија.
Зоран БОЈАРОВСКИ
Дали за правата на Македонците во Бугарија треба да ја платат цената Македонците во Северна Македонија? Дали европската иднина на Македонија треба да биде замрзната за да се одржува политички наратив кој народски се вика инает, и кој во суштина, не нуди решение, туку само продолжување на кризата? Дали инаетот станува државна стратегија?
Овде веднаш да ги предупредиме оние што веќе потстануваат во столиците и се подготвуваат да не именуваат како „предавници“ да се воздржат малку и да го прочитаат текстот до крај. Потоа, повелете, делете ги навредите.
А сега по ред:
Ставот на премиерот Христијан Мицкоски – „додека сум јас премиер нема да има уставни измени“ – не е израз на принципиелност, туку политичка уцена врз сопствената држава. Во момент кога уставните измени се единствената формална пречка за продолжување на преговорите со Европската унија, ваквата позиција практично значи свесна одлука за европска стагнација.
Аргументот дека Македонија мора „сега“ да ги реши правата на Македонците во Бугарија звучи патриотски, но е стратегиски погрешен. Токму членството во Европската унија, а не чекањето пред нејзините порти, нуди реални механизми за заштита на малцинските права. Сè друго е симболика без резултат. Прашањето, оттука, не е дали тие права се важни, туку зошто Владата инсистира тие да бидат изговор за блокада на иднината на целото општество.
За сѐ има време и место. Времето ќе дојде кога Македонија ќе биде членка на ЕУ, а местото за институциите на ЕУ каде што нашата држава ќе седи како рамноправна со другите и ќе може да отвора прашања за европските вредности. Такви се и правата на граѓаните на Бугарија кои се идентификуваат како Македонци.
Профитирање од инеает(от)
Сè поочигледно е и дека актуелната власт профитира од кризата во Бугарија. Политичката нестабилност во Софија, неможноста да се формира стабилна влада и парализираниот процес на одлучување се користат како совршен алиби: „не е до нас“. Но, токму тука се поставува прашањето – ако не е до нас, зошто ништо не се прави?
Македонската дипломатија, освен формално присуство на средби и протоколарни ракувања, не покажува никаква иницијатива за деблокирање на процесот. Нема нови предлози, нема дипломатска офанзива, нема притисок, нема креативност. „Тишината“ се продава како достоинство, а пасивноста како принцип.
Истовремено, европската блокада станува удобен параван за домашните неуспеси. Во Извештајот на Европската комисија јасно се нотира дека застојот во евроинтеграциите не е само резултат на билатералниот спор, туку и на слабата борба против корупцијата, бавните реформи и партизацијата на институциите. Наместо овие проблеми да се решаваат, тие се туркаат под тепих, додека јавноста се храни со надворешен виновник.
Прекинот на комуникацијата со Бугарија дополнително го продлабочува ќорсокакот. Историјата покажува дека ниту еден спор не е решен со молк, а уште помалку со инает. Спорот со Грција за името беше затворен дури кога Скопје и Атина седнаа на маса и донесоа политичка одлука, а не додека се раземнуваа тврди и националистички соопштенија и кога се организираа „патриотски“ протести. На двете страни.
Денес, наместо дијалог, имаме инает претворен во државна стратегија.
На крајот, суштината е брутално едноставна: уставните измени ќе се случат – прашање е само кога и по која цена. Колку подолго трае оваа блокада, толку цената ќе биде повисока, а изгубеното време нема да може да се надомести со патриотски говори.
Европската унија не се губи преку ноќ, но се губи полека – токму вака.