Ситуацијата во сицилијанскиот град Нисчеми станува сè поалармантна откако пред четири дена се активираше огромно свлечиште долго околу четири километри, предизвикано од разорниот циклон Хари. Градот буквално почнува да се лизга кон југ, а жителите ноќите ги минуваат во страв.
Италијанските медиуми јавуваат дека во текот на изминатата ноќ врнело дожд, по што се слушале силни удари и чудни звуци од подземјето – јасен знак дека тлото продолжува да се слегнува. Свлечиштето е сè уште активно, а опасноста расте од час во час.
„Црвената зона“ се шири кон центарот
Според „Кориере дела Сера“, состојбата е критична. Заштитната „црвена зона“, која првично опфаќаше 150 метри, постепено се приближува кон центарот на градот. Иако шефот на цивилната заштита Фабио Чичилијано тврди дека централното подрачје засега е безбедно, жителите се сè поуплашени, особено по најавите за нови врнежи.
Министерот Нело Музумечи соопшти дека е формиран експертски тим кој треба да процени дали и кога свлечиштето ќе зафати и други делови од градот.
Над 1.000 луѓе евакуирани, куќи висат над бездната
Досега се евакуирани повеќе од 1.000 жители, кои се сместени во привремени прифатни центри и јавни објекти. Иако нема загинати или повредени, ситуацијата е драматична – куќи и автомобили се буквално на работ на провалија, а дел од објектите се веќе сериозно оштетени.
На фотографиите што ги објавија агенциите може да се види како цели делови од куќи се урнати, а некои дневни соби се преполовени од лизгањето на земјиштето.
Војската на терен, се гради итен обиколен пат
Поради прекин на комуникациите и опасност од целосна изолација, италијанската армија е мобилизирана. Потполковникот Џузепе Џеновези изјави дека војската ќе започне со изградба на импровизирана обиколница за да се обезбеди пристап до градот.
Земјоделските патишта ќе се претвораат во проодни сообраќајници за да се овозможи движење на возила и службите за итни интервенции.
Политички судири: „Катастрофа што се чекаше со години“
Природната катастрофа брзо се претвори и во политичка пресметка. Министерот Музумечи ги обвини локалните власти дека со години не презеле ништо иако постоеле предупредувања.
– Формирав комисија за да се утврди зошто опасноста била игнорирана – изјави тој.
Градоначалникот Масимилијано Конти возврати дека со години испраќал предупредувања до државните институции, но реакција немало. Тој тврди дека средства за санација биле одобрени дури во декември минатата година – речиси три децении по првото свлечиште.
Опозицијата, пак, го обвинува токму Музумечи, наведувајќи дека имал на располагање извештаи и средства, но не презел ништо. Според пратеничката Даниела Морфино, за Нисчеми биле предвидени 100 милиони евра од Националниот план за обнова, но ниту едно евро не било побарано.
Град на работ на катастрофа
Нисчеми денес е симбол на институционален застој и занемарена опасност. Земјата продолжува да се лизга, стравот расте, а жителите со денови живеат во неизвесност – прашањето не е дали, туку кога ќе дојде следниот удар.