ВНИМАНИЕ: Висок ризик од лавини на Шар Планина

Националниот парк Шар Планина ја известува јавноста дека на територијата на паркот е присутна висока лавинска опасност, особено над 1700 метри надморска височина.

Зголемената опасност е резултат на комбинација на температурни промени, силен ветер и снежни врнежи во изминатите денови. Овие фактори, заедно со карактеристиките на теренот, создаваат услови за нестабилност на снежната покривка и можност за појава на лавини.

По добиена дојава од операторот за слободно скијање „Ескимо спорт“ за забележана лавина, теренски екипи извршија увид. Утврдено е дека лавината поминала без човечки жртви и дека нема лица затрупани со лавински уреди.

Експертскиот тим ја процени стабилноста на снежната покривка и утврди висок степен на лавинска опасност – степен 4 од 5, според европската скала за лавински ризик.

Паркот апелира:

  • Избегнувајте движење во потенцијални лавински зони.
  • Не се движете во повисоките делови на планината без придружба на квалификувани и обучени лица.
  • Пријавувајте ја вашата посета преку официјалната веб-страница на паркот.

Стручните служби, заедно со туристичките оператори, континуирано ја следат состојбата и навремено ќе информираат за сите промени.

Зимските убавини на Шар Планина се извонредна атракција, но бараат одговорност, информираност и строго почитување на безбедносните правила. Лавинската опасност е непредвидлива, а личната безбедност треба да биде на прво место.

Следете ги упатствата и придонесете кон безбедно и одговорно користење на планината.

Зачлени се на нашиот е-билтен