Експлозија во фабрика за бисквити кај Трикала: „мирисот на гас“ пред трагедијата

Експертски тимови во Грција, под надзор на обвинителство и со вклучување на специјализирани служби за истрага на пожари, ги реконструираат часовите пред експлозијата и пожарот во фабриката за бисквити „Виоланта“ во близина на Трикала, каде што во понеделникот, 26 јануари 2026 година, загинаа работнички од ноќната смена, а повеќе лица беа повредени. Во првите часови по несреќата, службите зборуваа за најмалку четири жртви и едно лице кое не било пронајдено, но подоцна беше потврдено дека бројот на загинатите е пет жени, по идентификацијата на дополнителни остатоци од тело во уништените делови од објектот.

Пожарот избувнал по силна експлозија во раните утрински часови, во делот каде што се наоѓале печките што работат на гас. Огнот брзо го зафатил производствениот погон, а пожарникарските екипи со часови се бореле со пламенот и со густ чад кој се издигал над фабриката. Дел од преживеаните биле пренесени во болница главно поради респираторни проблеми, меѓу нив и еден пожарникар, но лекарите соопштија дека нивните животи не се во опасност.

Клучната линија на истрагата е истекување на гас, со сомнеж дека експлозијата била активирана од искра. Во вакви сценарија, „мирисот на расипани јајца“ не е случајна опсервација, туку класичен аларм: пропанот по природа е безбоен и без мирис, па од безбедносни причини во него се додава супстанција со силен сулфурен мирис за да се детектира истекување навреме. Токму таков мирис, според сведочења дадени пред истражителите, бил почувствуван во фабриката непосредно пред детонацијата.

На терен работи Дирекцијата за истраги на подметнати пожари и експлозии при противпожарната служба, која ја презела прелиминарната истрага. Според наодите што ги пренесуваат грчките медиуми, во подрумскиот дел на производното крило, каде што се случила експлозијата, била констатирана дупка или оштетување на цевковод што го носел пропанот од надворешни резервоари кон печките. Тоа ја насочува истрагата кон прашањето дали системот за довод на гас бил одржуван, како се надгледувал притисокот и дали постоеле детектори што би сигнализирале опасни концентрации.

На 27 јануари, грчката полиција го уапси сопственикот на фабриката, одговорното лице за безбедност и раководителот на смената. Тие се соочуваат со обвиненија што опфаќаат, меѓу другото, тешки дела поврзани со небрежност и последици по живот и здравје, а нивното изведување пред обвинителство се толкува како сигнал дека истрагата веќе не се третира само како „несреќен случај“, туку како потенцијален пропуст во безбедносните процедури и одговорностите на менаџментот.

Следниот ден, 28 јануари, противпожарната служба излезе со уште потврда верзија: дека се работи за акумулација на високо запалив пропан кој истекувал од подземни цевки, се движел низ подлогата и се собирал во подрумска просторија, каде што експлодирал при контакт со искра од електрична опрема. Во истата линија се наведува и дека истекувањето, според проценките на службата, можело да траело со месеци, што ја отвора најнепријатната дилема: дали имало доволно аларми за опасност кои биле игнорирани, потценети или административно „покриени“ со рутина.

Синдикатите во Грција, исто така, излегоа со јавни барања за темелна истрага и утврдување на одговорност, нагласувајќи дека трагедијата повторно ја става на маса темата за работничката безбедност во индустриските погони, контролите, инспекциските капацитети и корпоративната култура на превенција. Паралелно, истражителите проверуваат дали фабриката имала системи за рано предупредување, какви протоколи постоеле за евакуација и дали внатрешните комуникации функционирале во критичните минути.

Додека се собираат искази од преживеаните и се обработуваат техничките наоди, јавноста во Грција останува со едно прашање што се повторува по секоја индустриска несреќа: колку рано можело да се спречи трагедијата, ако мирисот што „вика“ опасност бил третиран како аларм, а не како непријатност што ќе помине сама од себе.

Зачлени се на нашиот е-билтен