Американскиот претседател Доналд Трамп го номинираше Кевин Ворш за нов претседател на Федералните резерви, како наследник на Џером Пауел, чиј мандат на чело на ФЕД истекува во мај. Номинацијата отвора процес што формално е институционален – потврда во Сенатот – но суштински е политички: прашањето колку далеку Белата куќа ќе оди во обидот да го обликува темпото на каматните стапки и да ја „приближи“ монетарната политика до дневната политика.
Ворш е познато име во финансискиот систем на САД. Тој беше гувернер на ФЕД од 2006 до 2011 година и беше дел од периодот кога централната банка ја менуваше улогата од класичен регулатор во клучен „пожарникар“ на глобалната финансиска криза. Денес, Ворш се позиционира како човек кој сака ФЕД да „намали отпечаток“: да го редуцира билансот, да ги олесни дел од регулативите и да ја преиспита начинот на кој централната банка ја проценува инфлацијата и продуктивноста во економија што сè повеќе ја турка технологијата.
Пазарите ја читаат номинацијата преку една проста формула: дали новиот шеф на ФЕД ќе биде поподготвен за пониски каматни стапки. Дел од инвеститорите го доживуваат Ворш како кандидат што би бил понаклонет кон поевтини пари, но без „радикални експерименти“. Истовремено, во Вашингтон се отвора и втор слој: дали изборот е обид Трамп да ја префрли контролата врз најмоќната централна банка во светот во зона на политичка лојалност, наместо институционална автономија.
Самиот процес во Сенатот не изгледа автоматски. Во услови на тесни мнозинства и висока партиска поларизација, секоја номинација станува и тест на влијание. Дополнителен ризик за потврдата е што дел сенатори веќе сигнализираат дека ќе ја користат постапката како алатка за условување, со аргументи поврзани со истраги, институционална доверба и „црвени линии“ за независноста на ФЕД. Во таков амбиент, не се расправа само за тоа кој ќе раководи со каматните стапки, туку и кој ќе ја постави границата меѓу економска политика и партиска агенда.
За остатокот од светот – и за мали економии како Македонија – ова не е американски „внатрешен спорт“. Одлуките на ФЕД се темпо-метар за доларот, за цената на задолжувањето, за капиталните текови и за апетитот за ризик. Ако новиот шеф на ФЕД испрати сигнал за пониски стапки, тоа може да ја олесни глобалната ликвидност; ако, пак, се отвори сомнеж дека ФЕД е политички притиснат, последиците се гледаат преку нестабилност, поскапи ризични премии и тензии на пазарите.