Македонскиот рубин – единствениот ваков скапоцен камен во Европа – е на чекор до прогласување за национално богатство. Овој редок природен феномен не е само минерал, туку симбол на љубовта, страста и внатрешната енергија што ја носи Македонија во своето срце.
„Рубинот ја има моќта на нашето срце“, вели Деан Шкартов, еден од најголемите промотори на македонскиот рубин, во разговор снимен во просториите на „Откритие“ – организација посветена на истражување, едукација и заштита на природното и научното наследство.

Иако скапоцените камења со векови се поврзувале со далечни, егзотични земји – Индија, Африка, Јужна Америка – македонскиот рубин ја менува таа перцепција. Неговото откривање и постепено препознавање започнува пред речиси две децении, а првите десет години, како што вели Шкартов, биле период на „инкубација“ – тивко, но упорно градење на идејата дека Македонија поседува нешто навистина уникатно.

Денес, таа идеја веќе е сцена: мрежа од занаетчии, продавници и ентузијасти низ целата земја кои го промовираат македонскиот рубин како дел од современиот културен и креативен идентитет. Токму затоа, иницијативата за законска заштита на рубинот како природен ресурс е клучна – за да се зачува како суровина за македонското занаетчиство и како вредност што ѝ припаѓа на целата држава.

Во светот, скапоцените камења отсекогаш биле симбол на опстојност, долговечност и висока свест. Рубинот, заедно со сафирот и смарагдот, е меѓу најпознатите камења по дијамантот – а еден од тие симболи на вечноста го има токму Македонија. Иако македонскиот рубин не припаѓа на инвестиционата елита на скапоцени камења, неговата вредност е пред сè културна, симболична и енергетска.

Низ годините, македонскиот рубин станал и дипломатски и културен подарок – носен на светски уметници, духовни лидери и јавни личности. Но неговата најголема вредност не е во имињата што го добиле, туку во приказната што ја раскажува: приказна за земја која полека, но сигурно ги препознава и штити сопствените природни чуда.

Како основач на „Откритие“ и носител на иницијативите за заштита на Македонскиот рубин, овој процес го гледам и како дел од поширока мисија – популаризација на природните науки и градење свест дека нашите природни ресурси не се само економска можност, туку и темел на идентитетот.
Македонскиот рубин не е само камен.
Тој е розовото срце на Македонија – и време е тоа срце да биде заштитено!