Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека барањата на работниците за повисоки плати се легитимни, бидејќи „луѓето не можат крај со крај да врзат“, а синдикалната кошничка одамна ги надминува сегашните приходи. Тој ова го кажа во интервју за Радио Слободна Европа, во време кога синдикатите ја подигнаа реториката и притисокот кон Владата со протести и условувања.
Филипче ја врза платата со секојдневната сметка: значаен дел од месечните приходи оди за храна и пијалаци, струјата е поскапа, а комуналните трошоци растат, особено во општините каде што градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ носат одлуки што директно ја зголемуваат сметката на домаќинствата. Во тој контекст, порача дека Владата не може да „затвора очи“ и да ги игнорира реалните потреби на работниците.
Во истото интервју, лидерот на СДСМ потсети дека минималната плата, според неговите тврдења, пораснала од 150 на 400 евра во периодот на претходната влада, и дека бил поставен модел што би ја кренал и до 500 евра. Најави и дека СДСМ повторно ќе турка законско решение во Собранието, посочувајќи дека сличен предлог бил поднесен и во 2024 година, но бил одбиен од актуелното парламентарно мнозинство.