На првиот ден од целосното функционирање на системот „Безбеден град“ (Сејф сити), премиерот Христијан Мицкоски изјави дека нема евидентирани поплаки од граѓаните и дека стартот поминал мирно.
Но суштинската новост е во „кочницата“ што Владата ја повлекува во стартната фаза: Министерството за внатрешни работи и Владата одлучиле прагот на толеранција да се крене на 15% над дозволената брзина, што, според Мицкоски, е над европскиот стандард од 10%. Образложението е дека граѓаните треба постепено да се навикнат на новиот систем, а потоа толеранцијата постепено да се враќа во „европските рамки“.
Преведено на секојдневен јазик: во првите недели системот ќе „простува“ повисок вишок на брзина, па дури потоа ќе се стега. Тоа е политички разбирливо – никој не сака првиот ден да заврши со масовна реакција и наратив дека државата „лови казни“ – но истовремено ја отвора дилемата дали ретерирањето ја разјаснува или ја замаглува пораката што системот треба да ја испрати: дека правилата важат веднаш и за сите, без „привикнување“ на прекршок.
Мицкоски инсистира дека целта не е полнење буџет, туку намалување на незгодите и спасување животи. Во таа логика, 15% толеранција е обид да се постигне дисциплина без шок-терапија. Сепак, за да не остане мерката само политичка финта, јавноста има право на две јасни работи: прецизно правило (како точно се пресметува толеранцијата по различни ограничувања) и јавно објавена динамика – кога точно ќе почне намалувањето кон 10% и по која временска шема.