Во новиот дизајн определеноста ќе почне да се врзува со индикаторите за успехот на преземените проекти. Ако некоја конкретната опција (група, платформа..), добие легитимитет, таа ќе почне да се мери преку мерката за испораката.
Емилија ЦЕЛАКОСКА
Според законот, поставени се две чесни страни за искрена комуникација: граѓаните и оние што треба да ги реализираат нивните потреби. Целта е оптимално впарување на можностите и интересите во корист на општеството. Но, притоа се пропишува и парадокс. Од една страна партиите добиваат власт над јавноста, а од друга страна – гласањето е тајно. Ова е дефект на штета на гласачите, а во корист на кандидатите и партиите, не обратно! Затоа што со тајноста од гласачката страна, корумпираниот продор е заштитен додека под маса врши агресија. Законскиот пропис за тајност на гласањето ја штити корупцијата, затоа што се инсистира надзорот врз политичарите да остане неформален.
Погледнете ја само тековната динамика: Неформално, сите гласачи (и апстиненти) по социјалните мрежи тркалаат констатации за партиска порамнетост на овој и оној. Но, официјално, тоа нема никаква улога. „По уставот и законот“, никој ништо не знае ниту за декларираните уверувања на партиите, ниту за недекларираните. Недекларираните се оние „сосем десетти“ немериторни критериуми по кои најмногу се редат гласовите за власт-сласт. Во религијата, на пример, изјаснувањето е јавно и доброволно, не е тајно. Но, таму нема таква борба за власт врз основа на изјаснувањата на верниците. Тоа е затоа што, нормално, религиското не може многу да послужи за решавање на „световни“ проблеми. Затоа нема ни толкава јагма околу купени, корумпирани зголемувања на „стадата“. Ова сугерира дека отвореното изјаснување е она слободното и легитимното. Односно, тајноста е алатка што мора многу внимателно, обмислено и ограничено да се користи, особено кога станува збор за јавни работи. Навистина, не-тајноста може да ослободи закани и насилие, но тоа е пат кон знаењето кого носите на грб: Тајните работи се индикатор за веќе постоечко ропство. Прашајте се – кој денес има предност кога партиите точно знаат кој гласал за што, а државата, да нагласам – државата, таа суверената – допрва брои. Па каква е таа комедија!
Овој принцип на јавна определеност, би морал да има задолжителност, бидејќи ескивирањето на определеноста, дури и во систем со тајност носи бенефити. Ескиватори се неутралните („неутроните“) – замислете рацете да им се врзани, да не можат да го изразат своето ескивирање! Затоа што таа „супер-морална“ позиција на неутронство би била автоматски избришана со задолжителност на јавната определба – за што се залага. Взаемниот мониторинг на определеноста одеднаш го брише „гревот“ (според неутронскиот аспект), бидејќи сите стануваат „грешни“ со истиот „грев“! Ова е принцип на рецензија, ревизија, односно двостран надзор, кој ја отвара и страната на мониторирање од гласачите кон гласаните! Моментално, само обратната насока (од гласаните кон гласачите) има реален и доста точен надзор, и тоа, со нелегитимни алатки.
Овој дизајн на транспарентна и задолжителна определеност би требало да послужи за транзиција кон сѐ пофлуидни структури наместо партии. Првата фаза технички би можела да се одвива на следниот начин. Се регистрират само тематски платформи, тематски експертски групи, тематски коалиции (екологија, образование, правда, здравство, итн.). Партии – не. Нема „општи“ експерти, па според тоа, забранети се „сешторски“ групи, платформи и коалиции. Нема проекти од тема за која опцијата не е регистрирана и со проверено портфолио. Би имале, како гласачи, буквално матрица од опции од секоја тема. Гласот би бил сложен – не се одбира само една структура. Партии за сѐ – нема. Секој полнолетен деловно – способен граѓанин би морал да депонира низа определености, по една од секоја тема. Тоа би го направил електронски, од каде што му е најкомфорно. Ова, кога сака може да го менува, ете ни блокчејн потпис за таа услуга. Нема Д-ден за избори, нема ставање ливчиња во кутии (кој пештеризам!). Така, нема полнење кутии, бугарски возови, чкртање, гласање со триаголници и слични селски лукавости.
Полека, определеноста ќе почне да се врзува со индикаторите за успехот на преземените проекти. Односно легитимитетот на конкретната опција (група, платформа..) ќе почне да се мери преку мерката за испораката. Континуираните отчетни извештаи за перформанс влегуваат во системот за проверка – во медиуми, специфични институции и на сите мрежи на кои имаме сметки и сега. Секакви лаги системот веднаш ги гледа и ја дисквалификува опцијата што ги „почестила“ граѓаните со тоа. Ова би била следна фаза, со која гласањето ќе премине во континуирано кооперативно учество, наместо како што е сега. Сега имаме 12-часовен ритуал за да подариме енормно долг мандат на фиксирани хиерархии за сештории (т.е. таканаречените – партии).
Овој нов дизајн претставува и крај на гласањето „за помалото зло“, бидејќи гласачот овде го раздвојува гласот за, на пример, најнаучната или најактивната еколошка група, за најискусната група за правда или некоја адвокатска активистичка група, итн. Тоа е голем граѓански суверенитет за гласачот! Во нашиот сегашен систем, партиите се „црни кутии“. Или ја земате целата кутија или ништо. Најослободувачкиот дел од овој нов радикално транспарентен и континуиран дизајн е токму раздвојувањето на моќта. А моќта, исто така би била флуидна: Ако образовната група што ја поддржувате донесе одлука што ја сметате за неетичка, можете веднаш да ја повлечете вашата поддршка и да ја префрлите на соперничка група. Од комоцијата на домот. Бидејќи гласањето е јавно и задолжително, „политичката апатија“ исчезнува. Продавање на низа од гласови би станала многу тешка операција.
Што се однесува до акредитацијата, иако секој може да започне група, „експертските профили“ би им биле јавни. Тука би било вклучено нивното образование, минатите успеси во политиките и, најважно, нивните конфликти на интереси. Потребни се и докази за придонес. Имено, за да го задржи статусот „експертска“, групата мора редовно да објавува „Отчет за својот импакт“ што покажува како всушност се покажале нивните предложени политики. Заради радикалната транспарентност, системот треба да има повеќе нивоа на проверки на флуидните групи. Тие проверки се, практично, природни и на неформална основа се остваруваат и денес. Конкурентската (во сегашни термини „опзиционата“) проверка е таква. На пример, „Унијата за обновлива енергија“ може точно да види како гласала „Групата за енергија од јаглен“ и да извршат легитимно „јавно разоткривање“ во реално време. Може и да повикаат веднаш да се гласа, во моментот.
На друго ниво, треба и согледувања (рецензија, практично) на разликата меѓу ветеното и резултатот. На пример, ветено е дека рамката од закони таа-и-таа ќе ја намали инфлацијата, а инфлацијата се зголемила за цели 4%. Тогаш, во базата за гласање, за името на групата треба да се врзе и лоша оценка за точност и тоа гласачот би го гледал. Понатаму, бидејќи нема тајно гласање, можеме точно да видиме кој ги финансира групите. На пример, доколку „експертската група за здравство“ добие донација од некоја компанија, логото на таа компанија ќе оди со опцијата за гласање на групата, да можат да го видат сите граѓани.
Групите не би можеле да почнат да се „здружуваат“ и да прават „партификација“ во системот, бидејќи изборот би бил ограничен по теми и мора да е директен – не се делегира понатаму. На овој начин се спречуваат „пастири“ и „шефови“ во системот. Да не може некој да си собира одеднаш десетици-стотици илјади гласови. Можат да се предевидат „корелациски казни“ за премногу исти избрани парови или тројки групи со намалување на нивната комбинирана тежина при гласањето за одреден процент сè додека не покажат независност. Групите од секој домен посебно би морале да бараат оригинални, специјализирани перспективи, наместо само да си најдат некој лидер и да го следат. Во некои екстремни случаи може да се вклучат и ревизорски куќи за да утврдат што си споделуваат на таквите групи: заедничко финансирање, заеднички персонал или простории, опрема… Ваков систем за нездружување подразбира и губење мандати на посебните групи. Ако смислат и докажат со своите експертски профили една заедничка тема, тогаш можеби и би можеле да одат како една група, но со оценка за претходното однесување и маркирани јавни профили.
Покрај задолжителноста и јавноста на определеноста на гласачот во систем во кој гласањето е континуирано, сепак е потребен механизам за поттикнување на активност на гласачот. Тоа е со цел да се спречат преспивања на функционерските мандати, без оглед што би биле кратки. Механизмот би се состоел во временско распаѓање на гласот. Гласот, со времето да се троши како батерија за да се превенираат „зомби гласови“ од некои луѓе кои не се ни тука, не се заинтересирани, го продале еднократно гласот на некоја група, итн. Ако гласачот не ги проверува отчетите тогаш гласот вреди 0.8 гласа, па 0.5 гласа, па до 0 гласа. Значи, гласачкиот софтвер би морал да ги следи и гласачките проверки на отчетите на групите од сите домени.
Со поврзување на базите за населението, софтверите апсолутно би можеле да идентификуваат немериторна мотивација да се гласа за некоја група. На пример, 90% од гласовите за некоја група се од луѓе во големи долгови. Во транспарентен систем, групата би била означена и казнета со, на пример, десет пати распад на гласовите – на 0.1 по глас. Прашањето „дали оваа група навистина ги претставува должниците, или ги купува“ би била сосема на место. Затоа, иако гласот не би можел еднократно да се купи заради континуираноста на гласањето (би морал, практично континуирано да се изнајмува), сепак гласачкиот систем би можел технички да се одбрани и од децентрализирани контрактори за дигитален пазар на гласови.
Радикалната транспарентност на гласот (додуша комплексен глас!) автоматски води кон колективна одговорност, секако, под услов граѓанинот уставно да биде заштитен во однос на определеноста кон било која опција, во рамки на било кој домен. Заштита – барем според елементите на дискриминација, но може и повеќе: Имунитет. На прв поглед радикалната транспарентност изгледа како рецепт за притисоци, непријателства, закани, насилства, губење работа… Сепак, како граѓанство во партискиов систем, губиме моќ кога само нагаѓаме, се чудиме, се плукаме кој излегол, а кој не излегол да гласа и што гласал или чкртал. За на крајот, повторно и повторно сите се наоѓаме заробени од злоупотребувачи на власта.
Потребна е јавна декларација на вредностите, од секој деловно-способен граѓанин. Лагите лесно би се збришале на овој начин, бидејќи гласањето е флуидно, континуирано и со глас кој се разделува по области. Задолжителноста на гласањето всушност и не мора вештачки да се пропишува – механизмот би бил таков што би било спротивно на сопствениот интерес да не се гласа, што е основата на кооперативниот суверенитет. Личниот интегритет на самиот гласач би станал многу важен, како валута. Премногу очигледно би се гледало кој навистина за што се залага, ако зборува спротивно.
Што се однесува до губењето на средствата за живот – то а би било оневозможено, бидејќи дизајнов, со вакви напори за надзор и гласање, може да е основа за Загарантираниот приход (или Универзалниот основен приход, UBI). Дополнително, на тој начин може да се отежне, па и да се спречи мотивацијата за временско изнајмување на гласот. Моќта би станала повоедначена во општествата на овој начин.