Пет тони марихуана: Христијан Мицкоски се сомнева, ВМРО-ДПМНЕ обвинува „по навика“

Кога државата треба да даде јасен одговор дали преку Северна Македонија поминала рекордна пратка дрога, јавноста добива две паралелни приказни од ист центар на моќта. Во првата, премиерот го релативизира фактот со реторичко прашање: „А како знаеме дека поминале?“ – и додава дека ќе се воздржи од коментари додека трае истрагата. Во втората, партиската машинерија не се воздржува воопшто: наместо одговори за граничниот надзор, за логистиката и за институционалниот ланец на контрола, се пушта класичниот чаден екран – префрлање вина кон опозицијата и кон Зоран Заев, со инсуинации што звучат како обвинување без тежина на доказ.

Ова „контра“ не е стилска нијанса, туку симптом. Ако владата наводно нема потврда дека дрогата воопшто минала, зошто тогаш владејачката партија настапува како да има доволно инсајдерско знаење за да прашува „зошто Заев лично ѕвонел“ во Царинска управа и „какова е улогата“ на трети лица во случајот? И уште поважно: ако тврдат дека опозицијата „растура пердуви“, зошто истиот ден најавуваат тужби наместо да побараат институционално расчистување со мерки, дисциплинска одговорност и итни проверки на граничните премини?

Клучната непријатност за власта е што прашањето „од каде знаеме“ не доаѓа во вакуум. Во Србија, на 29 јануари 2026 година во селото Коњух, кај Крушевац, полицијата заплени пет тони марихуана – најголема таква заплена во земјата, со пронајдено оружје и со истрага што треба да го утврди потеклото. Во Скопје, Јавно обвинителство отвори предмет и воспостави континуирана комуникација со српските органи за да се утврди дали и како случајот се поврзува со Северна Македонија. А од српска страна, обвинителството за организиран криминал соопшти дека групата ја донела марихуаната во јануари 2026 година од Северна Македонија, при што се посочува и улога на лице поврзано со фирма регистрирана за медицински канабис во Скопје. Во регионалните извештаи дополнително се наведува дека дрогата била набавена во Северна Македонија на почетокот на јануари.

Со ваков контекст, реториката на премиерот изгледа како политички штит: не да се откријат фактите, туку да се релативизира одговорноста додека истрагата не се „потроши“ во тишина. Истовремено, партиското соопштение на ВМРО-ДПМНЕ оди уште подалеку: ја повикува СДСМ „ако има докази“ да ги достави до обвинителството, заканувајќи се со тужба, и притоа реди прашања за Заев, за „камиони без таблици“ и за телефонски јавувања во царина – без да приложи јавни, проверливи докази за тие тврдења. Тоа е стара техника: кога власта е притисната од конкретен настан, ја претвора истрагата во партиски ПР натпревар – кој ќе довика погласно, не кој ќе расчисти побрзо.

Најголемиот проблем за власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ е што ова се случува во момент кога самата си создаде мегаломанска слика за „држава со ред“: остар систем, силни институции, „нема недопирливи“. Но кога ќе се појави прашање од јавен интерес – дали пет тони дрога минале низ територијата и каде потфрлиле контролите – одговорот не е пресек на мерки, туку сомнеж во фактите и политички прст вперен наназад. Тоа не е борба против криминал; тоа е управување со впечаток.

Ако навистина „истрагата ќе даде одговор“, тогаш првиот тест не е дали опозицијата ќе достави „докази“, туку дали власта ќе се однесува како држава: ќе наложи итни внатрешни контроли, ќе објави кои служби биле вклучени во надзорот на трасите, ќе соработува транспарентно со обвинителството и ќе ја тргне партиската пропаганда од местото каде што треба да стои институционална одговорност. Сè друго е продолжување на истиот модел – кога фактите се опасни, се претвораат во прашање, а кога прашањето е опасно, се претвора во напад.

Зачлени се на нашиот е-билтен