Опозицијата живее од критика, а власта од резултати: Одговорноста е голема, ама цената на неодговорноста – уште поголема

опозиција

Малку подолго потраја од вообичаеното, но политичкиот „меден месец“ на ВМРО-ДПОМНЕ/Влен/ЗНАМ заврши. Владеачката ВМРО-ДПМНЕ веќе не може да ја гради својата позиција врз реторика на критика, разобличување и дистанца од претходниците. Тоа е веќе бајата работа. Од моментот кога ја презеде извршната власт, партијата ја презеде и одговорноста – не само за политичките одлуки, туку и за секојдневниот живот на граѓаните. А проблемите чукаат на вратата.

Синдикатите се на улица. Дел од ромската заедница протестира. Буџетот покажува слабости. Администрацијата продолжува да се партизира. Реформите се закочени. Европската интеграција тапка во место. Воздухот останува токсичен…

Прашањето што повеќе пати досега се истакнува е едноставно: Дали власта ќе продолжи да се однесува како опозиција – или ќе почне да владее, односно да ја менаџира власта во интерес на граѓаните? Или барем во она што беше политичка програма за изборите врз основа на што ја доби довербата да владее?

Синдикален бунт: економска реалност наместо политичка реторика

Организираниот излез на синдикатите во структурирани протести не е симболичен гест, туку силно предупредување. Минималната и просечната плата во земјата и понатаму се меѓу најниските во регионот, а растот на трошоците за живот ги еродира и тие скромни примања.

Синдикалните барања се јасни: корекција на минималната плата во согласност со реалните трошоци, системско усогласување на платите и вистински социјален дијалог. Наместо одговори, јавноста засега слуша политички формулации – „затекната состојба“, „наследени проблеми“, „потребно време“, „ветуваме до 2028…“.

Но времето е луксуз за семејствата што живеат од плата до плата. Извршната власт има инструменти – фискални, законски и преговарачки. Доколку не ги употреби тие иснтрументи или не седне сериозно да преговара, протестите ќе се продлабочуваат.

А, социјалното незадоволство ретко останува ограничено на една тема. Се случува едно незадоволство да повлече друго…

Ромската заедница: кога законската строгост станува социјална неправда

Протестите на граѓани од ромската заедница против строгите одредби од новиот закон за сообраќај отворија чувствителна, но суштинска тема – дали еднаквоста пред законот значи и еднаква стартна позиција?

Засилените казни и строгата примена на прописите, без паралелна социјална поддршка и образовни кампањи, за дел од најранливите категории може да значат дополнителна маргинализација. Власта има право да спроведува ред. Но има и обврска да процени како тој ред влијае врз заедниците што веќе живеат на маргините на системот. Дури може да се каже и дека не се во системот.

Ако протестите се сведат на „непочитување на закон“, а не се анализира контекстот – сиромаштија, недостиг на документи, недоверба кон институциите – тогаш извршната власт пропушта можност да ја демонстрира својата државничка зрелост.

Буџетската дупка и кредитите: реалноста на фискалната одговорност

Една од најчувствителните точки останува буџетот. Постојаното задолжување преку кредити, во услови на висок јавен долг и структурни дефицити, ја отвора дилемата за одржливоста на јавните финансии.

Опозицијата секогаш лесно предупредува на задолжување. Но кога е на власт, таа мора да објасни зошто се задолжува, за што се трошат средствата и каков е планот за фискална консолидација. Транспарентноста и јасната стратегија не се избор, туку обврска.

Без структурни реформи – во јавната администрација, во даночниот систем, во капиталните инвестиции, секое ново задолжување ја одложува, но не ја решава суштината на проблемот.

ЕУ интеграцијата: застој без јасен патоказ

Процесот на членство во Европската Унија се наоѓа во застој. Политичката реторика околу уставните измени, националните позиции и „црвените линии“ можеби носи краткорочни политички поени, но не ја придвижува државата кон Брисел.

Европската агенда бара политичка храброст, јасна комуникација со јавноста и подготвеност за компромис. Доколку извршната власт остане заробена во дискурсот на одбрана од притисоци, а не во проактивна дипломатија, процесот ќе продолжи да стагнира.

Одговорноста сега е кај тие што преговараат, не кај тие што критикуваат.

Загадениот воздух: хронична криза без итност

И оваа зима, загадениот воздух повторно се враќа како аларм. Мерките се повторуваат од година во година – апели, краткорочни ограничувања, субвенции со ограничен ефект. Системско решение и натаму недостига.

Борбата против загадувањето бара координирана политика: енергетска транзиција, контрола на индустриски емисии, урбано планирање и вистинска инспекциска контрола. Без тоа, секоја изјава останува декларативна.

Кога здравјето на граѓаните е во прашање, нема простор за политичка калкулација.

Од опозиција до власт: психолошката транзиција

Најголемиот тест за ВМРО-ДПМНЕ не е во конкретен закон или буџетска ставка, туку во менталната трансформација. Опозицијата живее од критика. Власта живее од резултати.

Секое повикување на „наследени проблеми“ со тек на време звучи како алиби. Секое одложување ја намалува довербата. Граѓаните не гласаат за анализа на минатото, туку за управување со сегашноста.

Медениот месец заврши. Сега започнува периодот на одговорност. Доколку извршната власт не го препознае тој момент и не почне да испорачува конкретни, мерливи резултати, незадоволството што денес е фрагментирано, утре може да стане обединето.

А тогаш, политичката цена нема да биде реторичка, туку реална.

Зачлени се на нашиот е-билтен