Наместо модернизирање на образованието, власта крати студиски програми

Најавите за укинување студиски програми и нови правила за универзитетите предизвикуваат сомнежи за избрзан и недоволно осмислен реформски процес.

Укинување на студиски програми со по двајца или тројца студенти, построги критериуми за академско напредување и реизбор на редовните професори на секои седум години се дел од измените предвидени со Предлог-законот за високо образование, што денеска го презентираше министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Според неа, реформите се неопходни затоа што Законот од 2018 година создал повеќе проблеми отколку решенија, но дел од мерките веќе отвораат дилеми за нивната примена и последиците врз универзитетите.

Законот предвидува нов модел на финансирање со развојна и наградна компонента, како и заострување на условите за избор во академски звања. Кандидатите за доцент, вонреден и редовен професор ќе мора да објават најмалку шест до седум научни трудови, од кои дел во списанија индексирани во Web of Science и Scopus.

Најавена е и реформа на студиските програми преку воведување модуларност, со цел намалување на над 1.300 постојни програми, од кои дел функционираат со минимален број студенти. Министерството очекува дел од програмите сами да се затворат или да бидат укинати по сила на закон.

Иако целта е подобрување на квалитетот и отчетноста во високото образование, останува прашањето дали универзитетите ќе имаат капацитет брзо да се прилагодат без дополнителни кадровски и институционални потреси.

Зачлени се на нашиот е-билтен