Хронологија: 27 тони марихуана и отворени прашања за системот на контрола

хронологија

27-те тони марихуана ја отворија најнепријатната дилема за Македонија: како пратка што српските органи ја опишуваат како рекордна, запленета кај Крушевац на 29 јануари 2026, воопшто стигнала до северната граница на државата, а дома со денови немаше јасна, видлива институционална слика – кој истражува, што проверува и каде е одговорноста.

Случајот почна на 29 јануари, кога српската полиција во реонот на селото Коњух, кај Крушевац, заплени над пет тони марихуана. Според информациите што ги пренесуваат српските институции, паралелно биле пронајдени и оружје и опрема, а вредноста на дрогата во јавноста се проценуваше на 7 до 10 милиони евра.

Два дена подоцна, на 31 јануари, Посебното одделение за организиран криминал при Вишиот суд во Белград одреди притвор до 30 дена за тројца осомничени поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци, ризик од повторување на делото и поради тежината на делото и вознемиреноста на јавноста.

На 1 февруари, српското Обвинителство за организиран криминал соопшти дека води истрага против пет лица и дека групата, од почетокот на јануари до 29 јануари 2026 година, на територијата на Северна Македонија се стекнала со 5.002.079,18 грама марихуана. Како осомничени беа наведени Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски, а за Мијајловиќ, означен како организатор, беше најавен предлог за потерница, вклучително и меѓународна.

Истиот ден, претседателот на Србија Александар Вучиќ јавно реагираше дека државата не е вмешана во шверцот и дека неговите политички противници „секој успех“ на институциите го претвораат во афера. Во медиумските преноси од Србија се спомна и дека дрогата била откриена на имот поврзан со локален функционер на владејачката партија, што дополнително ја политизираше темата во Белград.

На 2 февруари, случајот ја доби својата најостра домашна димензија: се отвори прашањето зошто во Македонија нема јасен јавен сигнал дека институциите ја проверуваат наводната траса и потекло. Во истиот контекст, од СДСМ јавно прашаа дали „пет тони дрога се доволни“ за Обвинителството да реагира, со теза дека шверц од ваков обем не може да помине без институционална „поддршка и заштита“.

До 4 февруари, наместо единствена државна линија со факти и мерки, во јавноста се наметна впечаток за двојни пораки: премиерот Христијан Мицкоски релативизираше со прашањето „А како знаеме дека поминале?“ и порача дека ќе се воздржи од коментари додека трае истрагата, додека партиската комуникација паралелно одеше во насока на префрлање вина кон опозицијата. Токму тука се отвори суштинската слабост на владеењето во вакви кризи: кога се зборува за граничен надзор, лиценци и институционален ланец на контрола, јавноста очекува мерки и отчет, не реторички одбранбени позиции.

На 5 февруари следеше конкретна оперативна реакција: беа спроведени претреси во „Алфафарм“ во кругот на поранешната хемиска индустрија ОХИС во Скопје, а под истрага, според информациите, беа и други компании со лиценца за медицински канабис. Во рамки на поврзаната меѓународна акција, беше соопштено и дека еден ко-сопственик на фирмата е уапсен во Србија, додека по друг се трага.

кривична

На 6 февруари, македонските безбедносни органи објавија дека во акција поврзана со претходниот шверц во Србија се запленети околу 27 тони марихуана. Активностите, кои се интензивираа на 5 и 6 февруари, според објавените информации беа концентрирани на две локации: во Скопје, во кругот на ОХИС, каде биле пронајдени околу 10 тони дрога складирани во објекти на приватна фирма, и во струмичкиот регион, каде во паралелна акција биле запленети дополнителни 18 тони. Во овие операции логистички била вклучена и Царинската управа, со присуство на специјални единици и медицински екипи на терен.

Во фокусот останува „Алфа фарм ДОО Скопје“, фирма регистрирана во 2023 година, за која се наведува дека поседувала лиценца издадена во 2024 година за одгледување и преработка на билки за фармацевтска употреба. Истовремено, во јавноста се наметнаа наводи дека пратката во Србија била транспортирана под маската на извоз на корнишони, како и дека имало сомнителни промени во сопственичката структура на фирмата неколку дена пред откривањето на пратките.

Оваа хронологија не наметнува пресуда, туку бара одговорност: ако лиценциран сектор може да биде злоупотребен за количини мерени во тони, тогаш државата мора да објасни како се следи производството, каде се „пукнал“ надзорот, кој потпишувал контроли и што точно ќе се смени за следниот пат прашањата да не ја стигнат институционалната реакција. Во меѓувреме, јавноста чека транспарентен расплет на истрагата, со јасни информации што е утврдено за трасата, за лиценците и за одговорните лица во системот.

Зачлени се на нашиот е-билтен