Ако може декрет за пензии, зошто не и за минимална плата?

Кога Владата реши линеарно да ги зголемува пензиите, порака беше јасна: државата верува дека може политички да „коригира“ големи неправди, дури и кога постои законска формула што веќе го уредува усогласувањето. Впрочем, и во јавните настапи се бранеше логиката дека линеарното е „поправедно“ и дека со тоа најниските пензии се креваат над критични прагови, па премиерот најави дека до април 2026 сите пензионери ќе добиваат над 15.000 денари.

Истовремено, токму на пензиската политика ѝ се отвори уставно-правен фронт: Уставниот суд поведе постапка за член од законските измени со кои беше воведено фиксно, еднакво зголемување за сите, без разлика на висината на пензијата и уплатените придонеси. Дилемата не е само правна, туку и суштинска: дали државата смее да го „пресече“ принципот на придонесност заради социјален ефект и политичка порака, и каде е линијата меѓу социјална корекција и селективно редизајнирање на системот.

Тука се отвора прашањето што го мачи работничкиот дел од јавноста: ако за пензиите може да се носи политичка одлука што ги надминува постојните правила, зошто истиот принцип не важи и за минималната плата. Затоа што кога се зборува за минималецот, пораката од власта се сведува на „мора по закон“ и „нека се договорат работодавачите и синдикатите“, како државата да е нем набљудувач, а не креатор на економската и социјалната рамка.

Контрадикцијата станува поостра кога истата правна аргументација се користи селективно. Во дебатите за минималната плата, власта се повикува на законската формула и на потребата од договор во Економско-социјалниот совет, но за пензиите се признава дека имало постоечки механизам на усогласување и дека сепак се одело со линеарно зголемување затоа што тоа било ветување. Така „правната држава“ лесно се претвора во политичка алатка: законот станува цврст кога станува збор за работниците, а флексибилен кога станува збор за пензионерите.

Вистинскиот одговор на прашањето „зошто нема храброст за минималец“ не е во формулите, туку во силите што ги туркаат и ги кочат одлуките. Зголемувањето на минималната плата директно удира во моделот на ниски трошоци за труд, особено во сектори каде профитната маржа се брани преку ниски плати и прекарна работа. Таму државата не е само арбитер, туку и соучесник ако избере да „не се меша“: со придонеси, инспекции, јавни набавки и субвенции таа веќе го моделира пазарот. Затоа и синдикатите тврдат дека одложувањето на покачување над законскиот минимум во пракса ја штити комоцијата на крупниот капитал, додека притисокот се префрла врз работникот.

Од другата страна, пензионерите се политички појасна цел: бројна, дисциплинирана и мобилизирачка група, со силен јавен наратив за „правда“ и „достоинство“. Владата лесно може да ја продаде пензиската корекција како социјална мерка, дури и кога таа отвора спор околу придонесноста и кога институциите признаваат дека системот има свои правила. Работникот, пак, е распрснат, поделен по дејност и често без моќ да преговара од позиција на сила, освен преку штрајк и блокада.

Затоа спорот не е „пензионери против работници“, туку прашање за тоа што значи социјална држава во пракса. Социјална држава без силен минималец останува празна форма: може да ветува корекции на крајот од животниот циклус, но не гарантира достоинствена работа во текот на него. А политичар што може да „потпише“ политичка корекција за пензии, може да потпише и за повисока минимална плата, преку иницирање измени, буџетски и даночни олеснувања или јасна преговарачка рамка што ќе ги принуди работодавачите и државата да ја поделат цената на транзицијата кон повисоки плати. Прашањето е дали сака, или само пресметува каде е поевтино да се купи мир.

Зачлени се на нашиот е-билтен