Клековски се пожали дека платите може да им бидат под 500 евра

Додека работниците и Соjуз на синдикати на Македонија ја туркаат дебатата кон „колку пари остануваат во џеб“ и бараат минималец што ќе ја покрие реалната кошничка, директорот на Фондот за здравствено осигурување ја префрли расправата на терен на статистика, методологија и продуктивност. Неговата поента, поедноставено, е дека јавноста споредува „баби и жаби“ – нето со бруто, а потоа извлекува заклучок дека Северна Македонија е „на дното“.

Но, токму во тој „технички“ пристап се крие и суштинскиот проблем што ги нервира граѓаните: ако како репер се зема бруто-минималец од 586 евра (бројка што ја користи Клековски во споредбите), тогаш е доволно да се пресмета само пензиското (18,8%) за да се види зошто платата „може да падне“ под 500 евра – уште пред да се додадат останатите придонеси и данокот.

Клековски како контрапример ја посочува Црна Гора: таму минималната плата е 600 евра во нето, но околу 670 евра во бруто, токму поради различни придонеси и даноци. Во исто време, според него, моделот со пониски придонеси се „плаќа“ со повисок ДДВ – односно со повисоки цени за сите.

Вториот столб на неговата аргументација е паритетот на куповна моќ (ПКМ): во таа мерка, тврди тој, бруто-минималната плата во Македонија достигнува 1.069 евра и со тоа земјата не е при дното, туку „скока“ во средина на табелата. Од таму извлекува и политички чувствителен заклучок: минимална нето плата од 600 евра би ја ставила земјата во исто „купопродажно друштво“ со Германија и Холандија, што – според него – е нереално без сериозен раст на продуктивноста.

Тука почнува критичниот дел што во неговата анализа останува недоречен: работникот не купува со ПКМ, туку со нето-плата во денари, во услови на локални цени, сметки и кредити. Кога институционален функционер ја сведува расправата на „методологија“, а не на стандард, ризикува да звучи како да ја релативизира реалноста: дека минималната плата не е академски индикатор, туку граница меѓу достоинствен живот и постојана несигурност.

Клековски вели дека „клучниот проблем не е минималната плата, туку ниската продуктивност“ кај дел од домашните компании и дека извозно ориентираните фирми се далеку поефикасни. Тоа може да биде точно како дијагноза, но како јавна порака во момент на социјален притисок звучи како да се бара од работникот да ја плати цената за структурните слабости – од слабата конкуренција, преку селективните субвенции, до пазар во кој државата често е најголем клиент и најголем арбитер.

Суштинското прашање, затоа, не е дали Еуростат мери бруто или нето, туку зошто државата и големите системи секогаш имаат јазик за „реализам“ кога се зборува за минималец, а многу поретко за „реализам“ кога се зборува за профити, јавни набавки, монополски позиции и мерки што треба да ја кренат продуктивноста без да го држат работникот во зона под 500 евра. Ако продуктивноста е проблем, тогаш таа е и одговорност на економските политики – не само на работната сила.

Зачлени се на нашиот е-билтен