Ново истражување сугерира дека финото подесување на начинот на кој митохондриите го оркестрираат својот механизам за производство на енергија може да влијае и на стареењето и на целокупното метаболичко здравје.
Наследените гени играат многу позначајна улога во тоа колку долго ќе живееме отколку што претходно претпоставуваа научниците, покажуваат новите истражувања.
Претходните студии проценија дека генетиката влијае на животниот век во опсег од шест до 33 проценти.
Сепак, новото истражување објавено во научното списание Science сугерира дека влијанието може да биде дури 55 проценти.
„Очекуваниот животен век е под влијание на цела низа фактори, од начинот на живот и генетското наследство до чиста случајност“, објаснува Бен Шенхар, главен автор на студијата од Институтот за наука Вајцман во Израел.
Според него „дури и генетски идентичните поединци, кои живеат во слични услови, не умираат во исто време“.
Целта на истражувањето беше попрецизно да се утврди колку од разликата во животниот век меѓу луѓето може да се припише на генетиката, а колку на факторите на животната средина и животните околности.
Според Шенхар, анализата покажува дека генетиката и другите фактори учествуваат речиси подеднакво, секоја страна со околу 50 проценти од влијанието.
Научниците повторно ги анализирале податоците од претходните студии за близнаци и откриле дека тие студии честопати не ги земале предвид причините за смрт, како што се насилство, несреќи или заразни болести.
Наместо тоа, била евидентирана само возраста на смртта, што може да доведе до погрешни заклучоци.
На пример, ако едниот близнак живее до 90 години и умира од природни причини, а другиот умира во своите 30-ти години поради инфекција, ова може да ја искриви проценката на вистинскиот ефект на генетиката врз долговечноста.
Кога истражувачите го вклучија во новата анализа фактот дека склоноста кон инфекции и паѓања се зголемува со возраста, резултатите сепак покажаа дека генетиката придонела за околу половина од вкупниот животен век.
„Овој процент не е произволен“, изјави Шенхар за NBC News.
Според него, „ако ги погледнете студиите за близнаци за речиси секоја човечка особина, честопати ќе наидете на сличен сооднос од 50 проценти“.
Тој додава дека ова се гледа и во процесот на стареење, како што е возраста на која се јавува менопауза, чија наследна компонента е исто така приближно половина.
Особено интересни се примерите на луѓе кои живеат подолго од сто години.
„Стогодишниците не ги достигнуваат тие години по чиста среќа. Тие поседуваат заштитни гени кои ги штитат од најштетните последици од стареењето“, заклучува Шенхар.