Солун – Новата точка на зближување на Орбан и Вучиќ

Солун се претвора во клучна точка на растечката мрежа на унгарско-српско стратешко партнерство – процес кој сè појасно ја напушта територијата на класичната дипломатија и се појавува како инструмент за регионално влијание врз оската Централна Европа – Балкан – Егејско Море, оценува агенцијата БГНЕС.

Отворањето на унгарскиот конзулат во Солун официјално се претставува како административен потег за олеснување на туризмот, но неговото вистинско значење оди подалеку од оваа рамка, се укажува во текстот. Суштинската политичка мисија се рефлектира во моделот на работа. Унгарскиот конзулат функционира како заедничка канцеларија во зградата на Генералниот конзулат на Србија – земја управувана од режимот на Александар Вучиќ, кој ја концентрираше моќта и балансираше помеѓу Брисел, Москва и Пекинг. Формулата на „заедничко дипломатско присуство“ се претвора во симбол на тесна политичка координација помеѓу двата режима, кои сè повеќе дејствуваат синхронизирано.

Станува збор за две земји кои делат заеднички модел на управување – централизирана моќ, контролирани институции и прагматично зближување помеѓу авторитарните антиевропски сили. Дипломатското присуство на Будимпешта во Северна Грција доаѓа во време кога владата на Виктор Орбан систематски ја користи надворешната политика како инструмент за градење паралелни сојузи надвор од општата позиција на Европската Унија.

Распоредувањето на дипломатското присуство во Солун оди рака под рака со забрзувањето на клучните инфраструктурни проекти меѓу Будимпешта и Белград, и Скопје како средна точка, констатира БГНЕС. Планираната брза железничка линија меѓу главните градови Умгарија, Србија и Северна Македонија, се воспоставува како ‘рбет на Коридорот 10 – проект реализиран со активно кинеско финансирање и учество. На овој начин, Пекинг го потврдува своето присуство во регионот преку зависност од долгови, контрола на инфраструктурата и стратешки позиции, вклучително и во грчките пристаништа.

Додека Унгарија, Србија и Северна Македонија намерно го развиваат Коридорот 10, Коридорот 8 – стратешката врска меѓу Црното Море и Јадранското Море со клучно значење за НАТО – останува практично блокиран со години. Недостатокот на напредок не е технички проблем, туку политички избор, кој го пренасочува сообраќајот, инвестициите и влијанието кон алтернативна балканска унија, доминирана од режими со авторитарни карактеристики и надворешна поддршка од Кина.

Коридорот 10 постепено се формира не само како транспортна и логистичка рута, туку и како геополитички канал што ги поврзува Унгарија и Србија со Северна Македонија, заобиколувајќи ги европските приоритети што се незгодни за овие влади.

Отворањето на унгарскиот конзулат во Солун во згрдата на српскиот, не е само административен детаљ, туку дел од поширока стратегија за градење паралелна регионална архитектура. Во него, дипломатските мисии, инфраструктурните коридори и надворешното финансирање служат за консолидирање на политичката оска, во која режимите на Орбан и Вучиќ, со активно присуство на Кина и Русија, ја преуредуваат политичката карта на Балканот, оценува анализата на БГНЕС.

Зачлени се на нашиот е-билтен