Осврт: Игор Исаковски, „Писма“, читани два-три пати во 1992 и еднаш во 2026

Исаковски

Денес, кога повторно ја прочитав книгата, од временска дистанца од дваесет и пет години, можам да кажам дека барем за мене „Писма“, прочитана во 1992 и повторно во 2026, не е иста книга – иако страниците се исти. Разликата не е во текстот, туку во светот што стои меѓу двете читања.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Издавачката куќа „Или-Или“ го објави реизданието на првата книга на Игор Исаковски, „Писма“. Повод да ја прочитам по трет пат. Првите два пати беа во 1992 година.

– Слушај, мораш ова да го прочиташ, има е***е, пиење, сè, нема да веруваш – ова беше реченицата со која другар ми Нино, тогаш средношколец во „Корчагин“, а јас во „Моша“ ми даде фотокопија од „Писма“ на Игор Исаковски.

Ми беше некако чудно да читам копија од книга и онака ја ставив некаде настрана. Ама за ден-два, на чуден начин, како и секој ракопис, пак некако се појави пред мене. Се сеќавам, читањето траеше половина час, ајде нека бидат и четириесет и пет минути. Му се јавив на Нино да му кажам дека ова е неверојатно, дека не ми се верува што читам и дека утре ќе ја донесам да им пренесам на другарите во клас.

Ова беше 1992 година. Имав полни 16 години.

Се сеќавам, откако ја однесов фотокопијата од „Писма“ во клас, не поминаа ни три-четири дена, па ние машките ја прераскажувавме, сè додека една таква сеанса не ја прекина една другарка од клас, (И.). Ни свика нешто во смисла: „Да знаете дека имам другарка која беше во врска со Игор и книгата е половина измислена“. Не ни смени ама баш ништо. И да беше измислена – за нас тоа беше текст што ни укажуваше дека може поинаку да се пишува. Колку и да звучи несоодветно од оваа временска дистанца, тоа беше во корелација со социјалните и културните вредности на последната тинејџерска генерација во поранешната СФРЈ, на преминот кон независна Македонија.

Така беше тогаш.

Поминаа години. Станав новинар и така натаму. Во 2005 година се запознав со Игор на концерт во МКЦ. Нè запозна Драган Антоновски, заеднички пријател, во тој период афирмиран новинар. Повремено се дружевме. Имаше ситуации што заслужуваат расказ, во најмала рака. На пример, кога непланирано заминавме на „Струмички карневал“ и непланирано заглавивме до утредента напладне со некои чудни ликови – дел беа индијанки, дел пожарникари, а во текот на ноќта, иако не дојдовме маскирани, приметив дека Игор на себе имаше каубојски аутфит. Супер беше тоа. Сè.

Тие денови се обидов да разговарам со него за „Писма“, ама неговиот одговор беше во стилот: „Мали, ај не го дрви сега“. Дури сега, веројатно, сфаќам дека не сакал да зборува за „Писма“. Можеби тоа е оној уметнички синдром што го имаат големите артисти. Како, на пример, Том Јорк од „Радиохед“, кој никогаш не сака да ја пее „Creep“.

Денес, кога повторно ја прочитав книгата, од временска дистанца од дваесет и пет години, можам да кажам дека барем за мене „Писма“, прочитана во 1992 и повторно во 2026, не е иста книга – иако страниците се исти. Разликата не е во текстот, туку во светот што стои меѓу двете читања.

Во раните деведесетти, „Писма“ (која покрива период 1988/89) звучеше како глас што доаѓа директно од улица: суров и искрен. Јазикот беше намерно брутален, телесен, безобразен. Во таа бруталност имаше бунт против лажната пристојност, против книжевната стерилност. И тоа тогаш, веројатно, беше призвук на отпор.

Денес истиот тој јазик звучи поинаку. И овде нема да бидам суд и да одредам зошто е тоа така. Прво, не знам. Второ, не сакам. Јазикот старее. Општествата со секоја генерација, веројатно, ги препознаваат последиците од претходната.

„Писма“ денес за некого ќе биде книга што може да звучи навредливо. Но во „Писма“ речникот што го користи нараторот е употребуван и од страна на главните хероини, без задршка. И, се разбира убаво е да се прави дистанца меѓу автор и наратор. Прашањето е како млад човек, кој не ги знае историските околности на тој период, ќе ја разбере книгата.

Исаковски во својата прва книга создава документ на еден машки, урбан, постјугословенски глас, врз моделот на Буковски. Во 1992 книгата провоцираше со својата суровост, а денес провоцира со своите граници.

За крај: книгата не е должна да се прилагоди на времето.
Но, читателите се должни да читаат свесно.

И да – честитки за издавачите „Или-Или“.

Зачлени се на нашиот е-билтен