Петти ден по ред, од чешмите во Струга тече темнокафеава, заматена вода, а граѓаните се под целосна забрана да ја користат – не само за пиење и готвење, туку и за лична хигиена. Во град што живее од туризам и јавни услуги, ваква забрана не е „дефект“, туку аларм дека системот за водоснабдување се распаѓа на најосновното: безбедна вода.
Во ваков контекст, директорот на ЈП „Водовод“ Струга, Меџијаит Јусуфоски, денеска поднесе оставка, наведувајќи „морални причини“ и оценувајќи дека станува збор за „голема катастрофа“ со директен ризик по здравјето – особено за училиштата, градинките и децата. Тој рече дека е 43 години во претпријатието и дека не памети вакво заматување, додавајќи дека како в.д. директор неговите надлежности „се до тука“.
Првичните анализи на Центарот за јавно здравје покажале дека заматеноста е дури 30 пати над дозволеното, по што водата е прогласена за технички неисправна. Лидија Симонска од ЦЈЗ изјави дека на изворот „Шум“ водата е „буквално како кал“, а мерењата во куќите и училиштата потврдиле екстремна заматеност, поради што на граѓаните им останува да купуваат флаширана вода или, во краен случај, да користат езерска вода за одржување хигиена.
Додека инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство и полицијата се на терен кај изворот „Шум“, од СВР Охрид информирале дека во ОВР Струга сè уште нема „официјална пријава“ од водоводното претпријатие за загаденоста на изворите, иако, како што наведуваат, преземаат интензивни мерки за утврдување на причините и за откривање евентуални сторители на кривични дела, по што ќе достават поднесок до Јавното обвинителство. Во превод: градот е без безбедна вода, а институциите сè уште се расправаат кој прв треба формално да „пријави“ нешто што го гледа секој граѓанин кога ќе ја отвори чешмата.
Револтот на стружани расте, затоа што кризата не е само здравствена, туку и финансиска: домаќинствата се принудени да купуваат вода, секој ден, без јасен рок кога забраната ќе биде укината и што точно ја предизвикало загаденоста. И ако оставката е чин на лична одговорност, тогаш следното прашање е институционално: кој ќе одговара за тоа што град со централен водовод остана со вода што не смее да се користи ни за основна хигиена.