Овогодишното издание на Минхенската безбедносна конференција, која започнува денеска, на 13 февруари 2026, е под силно влијание на новата надворешнополитичка доктрина на Белата куќа. Иако претседателот Доналд Трамп и потпретседателот Џ. Д. Венс не присуствуваат, американската делегација предводена од државниот секретар Марко Рубио јасно ја пренесува пораката за „креативно уништување“ на глобалните норми.
Овој пристап, официјализиран во Стратегијата за национална безбедност од декември 2025 година, ги става под знак прашалник децениските сојузи, фаворизирајќи трансакциска дипломатија. Марко Рубио, пред пристигнувањето во Германија, оствари значајни посети кај премиерите Роберт Фицо во Словачка и Виктор Орбан во Унгарија, сигнализирајќи поддршка за лидерите кои се поклопуваат со визијата на Вашингтон за суверенитет и критика на либералните демократии.
Конференцијата ќе се одвива во услови на длабока трансатлантска криза предизвикана од изолационизмот на САД. Додека Вашингтон бара радикално зголемување на одбранбените трошоци и редефинирање на сојузите, Европа се соочува со императивот за стратешка автономија и неизвесноста околу иднината на војната во Украина.
Се разбира, Судбината на Украина останува централна, но крајно неизвесна тема во хотелот Бајеришер Хоф. Администрацијата на САД зазеде цврст став дека нема да ги финализира безбедносните гаранции за Киев сè додека не се постигне сеопфатен мировен договор со Русија.
Главните пречки во преговорите ги вклучуваат инсистирањето на Русија за целосна контрола врз регионот Донбас, вклучувајќи и територии кои воено не ги контролира и одбивањето на претседателот Володимир Зеленски да прифати територијални отстапки без цврсти меѓународни гаранции.
Во тој контекст, за приближување на разликите, се очекува новата рунда разговори во Мајами или Абу Даби следната недела, каде специјалниот претставник Стив Виткоф ќе се обиде да најде заеднички јазик меѓу завојуваните страни.
Додека Индија вети дека ќе го прекине купувањето на руска нафта, европските лидери како Емануел Макрон и Кир Стармер изразуваат загриженост дека секој избрзан прекин на огнот ќе и овозможи на Москва да се превооружи.
Тензиите во рамките на НАТО достигнаа критична точка по неодамнешните американски претензии кон Гренланд. Иако реториката за употреба на сила стивна по дипломатската интервенција на генералниот секретар Марк Руте, инцидентот остави длабоки лузни во довербата меѓу Данска и САД. Како одговор на зголемената активност на Русија и Кина на северот, НАТО ја започна мисијата „Арктички стражар“ на 12 февруари 2026.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, отворајќи ја конференцијата, упати историски повик до европските нации да научат да го зборуваат „јазикот на политиката на моќ“. Во услови кога американскиот безбедносен чадор веќе не се смета за безусловен, лидерите на Франција, Германија, Велика Британија, Полска и Италија се обидуваат да дефинираат пат кон стратешка независност.
Извештајот на конференцијата, насловен „Во уништување“, предупредува дека светот влегува во ера каде институциите се „растураат“ наместо да се реформираат. Додека гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, ги охрабрува Европејците на поголема цврстина наспроти притисоците од Вашингтон, внатрешните поделби во ЕУ околу трговијата и миграцијата дополнително ја отежнуваат изградбата на заеднички одбранбен идентитет.