Кристијан Велјанов раководи со одделот за грчки јазик во Здружението Пелагонија во Битола. Контактот со Грција, со грчкиот народ за време на долгогодишните активности на здружението го прават вреден соговорник на темите како што се односите со соседната држава на ниво на граѓанска комуникација и соработка.
Тој вели дека во Битола отсекогаш личните и семејни врски го помагале зближувањето на Македонците и Грците и тие отсекогаш биле фокусирани на намалување на страстите, на она што е заедничко добро.
Велјанов открива дека, за жал, интересот на грчките бизнисмени опадна во последните години. Тој се сеќава дека некогаш во Битола имаше 42 грчки компании, а сега се само две или три.
Голем потенцијал гледа во соработката на универзитетско ниво и укажува дека Универзитетот од Кожани има сериозен институт за грчки јазик, а Здружението Пелагонија има меморандум за соработка со универзитетот.
Велјанов вели дека пограничната соработка го намалува иселувањето и невработеноста и дека карактеристика за овој регион е дека и пред Преспанскиот договор имало силна академска соработка меѓу универзитетите во Битола, Кожани и Корча.
Со Кристијан Велјанов разговараше Зоран Бојаровски
Како Здружението Пелагонија, веќе 28 години успева да биде епицентар или синоним за непосредно запознавање на грчката култура во Северна Македонија, иако сето тоа започна со програмите заизучување на грчкиот јазик?
Здружението Пелагонија, како што веќе кажавте, постои од 1998 година официјално и формално, а претходно постоеше краток период како неформална група на граѓани.
Започна пред сѐ со изучување на грчкиот јазик како странски јазик во Битола, бидејќи во тие години после 1995-та година започна активно доаѓање на грчки инвестиции во битолскиот регион, па така се јавуваше потребата за некое подобро изучување на јазикот заради комуникација со тогашните грчки стопанственици во Битола.
И бидејќи во Битола постои традиција на познавање и на изучување на грчкиот јазик, се работеше за еден збир на ентузијасти коишто го познаваа во поголема или помала мера грчкиот јазик и се потрудија да иницираат во градот едно малку поорганизирано изучување и настава, факултативна нормално, на најосновно најбазично ниво, со едноставна организација на грчкиот јазик.
Опстојувањето на Здружението Пелагонија до денес и можам да речам неговиот сериозен развој веќе сега, се должи на тоа што никогаш не отстапи од своите првични намери здружението и од фокусот којшто беше примарно грчкиот јазик.
И како што кажува и самиoт наслов на Здружението за пријателство и соработка со Грција, се потруди преку приватни лични врски понатаму и институционални можеби, да придонесе за зближување и на двата народи и понатаму со тек на годините и на академско ниво веќе денес.

Во Битола отсекогаш личните и семејни врски го помагале зближувањето на Македонците и Грците.
Она што можеме да претпоставиме и да насетиме од вашиот одговор и од она што го знаеме за Пелагонија, за здружението и за мисијата што ја извршува, беше многу важно што во тој период 95-та, 96-та година, практично неколку години по осамостојувањето на нашата земја, почна таа комуникација со Грција. Овој тип на иницијативи помогна цело време да се одржува една отворена порта за комуникација преку изучување на грчкиот јазик.
Претпоставам дека си поставивте мисија и во однос на тоа што го рековте – за пријателство и соработка со Грција?
Во почетоците можеби постоеја, некои предрасуди. Меѓутоа за среќа и тоа е нешто кое што треба и двете земји да го да го почитуваат и да го вреднуваат да го валоризираат колку што е можно повеќе. Во Битолскиот регион, во Битолско Леринскиот регион да речем, постојат по многу основи семејни врски.
Се работи за растојание од триесет километри. Практично Прилеп е подалеку од Битола отколку Лерин. И беа употребени и семејни врски на братучеди, браќа, сестри можеби коишто сè уште постојат, коишто беа чинители во сопствените заедници и можеа да придонесат за подобрување на комуникацијата, за намалување на страстите и да се фокусираат кон она што е заедничко добро, кон заедничка иднина, заедничка соработка и така натаму.
Низ годините беше така, иако сега е во мало опаѓање последните години прекуграничните проекти не се нешто толку активни, не се толку застапени помеѓу чинители од двете земји, од нашите две соседни земји, како што беа предходно.
Кога веќе спомнувате и семејни и врски и организации, тоа наложува дека иако има некакви проблеми или пречки во комуникацијата на државно ниво, на високо политичко ниво и така натаму, не беше пречка за граѓанските организации семејните врски да се воспоставува таа комуникација?
Да, во никој случај, бидејќи сепак на граѓанско ниво беше целата и е, целата наша активност, така што на граѓанско ниво комуникацијата е полесна.
Се пренесе ли тој ентузијазам и на општините? Да се воспостави, да се поттикне меѓуопштинската соработка во тој пограничен регион?
Не било секогаш лесно. Претпоставувам заради потесните врски помеѓу локалната самоуправа и централната власт. Иако последниот период можам да речам дека Битола, самата општина, е многу отворена за соработки со грчката страна.

Македонците и Грците од Битола и Лерин се фокусирани на намалување на страстите, на она што е заедничко добро.
На почетокот уште спомнавте дека тука помогна и тоа што се интензивира бизнес релациите и врските меѓу Битола и регионот од таа страна на границата во Грција. Дали бизнис заедницата, компаниите што функционираат на двете страни од границата, најдоа интерес да ги помогнат овие иницијативи?
Не во многу голема мера. Битола сепак отсекогаш бил и сè уште е доста поголем град од Лерин, и од времето на Југославија уште постоееше едно наследство во една сериозна инфраструктура, кое што во периодот на транзицијата 95-та -96-та година полека полека почна да преминува во рацете на грчки стопанственици.
Меѓутоа, тој нагорен пат, којшто претпоставувам траеше негде до кај 2006-2007 година, почна да опаѓа и опадна целосно во 2008-2009 година со почетокот на економската криза во Грција.
Во 2007-2008 година се сеќавам, бидејќи работев во здружение на грчки фирми, во Битола постоеја 42 фирми грчки компании. Сега такви се две или три можеби.
Зошто толку падна тој интерес? Политичките влијанија беа или економските?
Мислам дека чисто економските влијанија беа причина.
Да се вратиме назад на Здружението Пелагонија и на неговата мисија. Рековте дека станува збор за јазикот, за популаризација, ширење, изучување и така натаму, но рековте исто така дека се прошири и на културната соработка меѓу двете заедници. Колку младите луѓе покажаа интерес не само за изучување на јазикот, туку да се вклучат и во активности што Пелагонија ги правеше и на тој план?
Ќе започнам кратко повторно од изучувањето на грчкиот јазик. Се нудеше настава за изучување на грчкиот како странски јазик. Дел од предавачите беа и поранешни предавачи во работничките универзитети коишто полека полека замреа, нели, и имаше доста многу групи.
Од 2001 година се отворија вратите на грчките универзитети и за македонски студенти. И полека полека почнаа да студираат деца од цела Македонија на грчките универзитети и до денес мислам бројот е доста голем, доста сериозна е бројката на студенти кои што завршиле на некој од државните грчки универзитети. Настрана од приватните.
Здружението Пелагонија има работено и на европски проекти, на европска соработка од областа на театарот, на пример. Неформални соработки сме имале и со неколку хорови од Грција и Мандолинскиот оркестар од Битола. Бидејќи целосниот назив на здружението е Здружение за Битолско-грчко пријателство и соработка и сите чинители, барем во минатото, претежно беа од Битола, кои што соработувале со различни чинители од грчката страна.

За жал, опадна интересот на грчките бизнисмени. Некогаш во имаше 42 грчки компании, а сега се само две или три.
Рековте дека голем број млади почнаа да студираат. Дали сега сè уште има интерес, дали помагате во однос на тоа наши студенти да студираат во Грција? Грчки студенти доаѓаат ли во Македонија?
Грчки студенти помалку доаѓаат кај нас. А наши студенти има, има доста. Го користиме искуството од изминатите генерации, барем оние кои што сме останати во Битола, да им помогнеме, бидејќи процесот за упис на грчки универзитет е многу едноставен.
Чисто за да не лутаат ги насочуваме за да си ги организираат документите да си ја направат апликацијата за упис на некој грчки факултет.
Отиде ли пошироко таа соработка не само со Лерин, туку и Солун или другите градови?
Генерално нашата соработка е доста проширена и отсекогаш била. Значи не бил фокусот само на Лерин, бидејќи, како што споменав Лерин е помало место, доста конзервативно и генерално нема доволно институции кои што би можеле да ги покријат апетитите на битолската публика. Битолчани се луѓе кои што бараат, бараат од културата, бараат од образованието и сакаат да имаат колку е можно побогата понуда.
Така што сме имале многу сериозни соработки и со институции од Солун, од Атина, од Кожани. Последните десет години имаме многу добра соработка со Универзитетот во Кожани.
Таа соработка се однесува само на помагање на за упис на студенти или има и други облици на соработка?
И други облици. Соработуваме во областа на промоцијата и организирањето на наставата на грчкиот јазик како странски. Универзитетот од Кожани има доста сериозна катедра, доста сериозен институт за грчки јазик со којшто имаме потпишано меморандум за соработка уште 2016 година.
На крајот на 2016 година во рамките на здружението Пелагонија се основа испитен центар, кој што е сертифициран испитен центар за признавање на познавање, за сертифицирање на познавањето на грчкиот како странски јазик. До ден денес, ние сме единствениот центар во нашата земја кој што може да понуди и да организира испити за сертифицирање на познавањето на грчкиот. И, нормално, Центарот за грчки јазик во Солун, кој што е на светско ниво единствениот центар за сертифицирање на грчкиот јазик. Како испитен центар кај нас сме само ние.

Пограничната соработка го намалува иселувањето и невработеноста.
Дали во работата на Пелагонија и воопшто во оваа комуникација има некоја разлика до Преспанскиот договор и после тоа?
Не. И мое лично мислење е дека тоа се должи на природата на Битолчани, бидејќи можам да зборувам, нормално, само за Битола.
Битолчани, градот Битола е познат како космополитски град. За среќа во голема мера го одржува тој дух сè уште, и ниту претходно, ниту потоа имало некоја драстична промена, промена во однос на соработката или во однос на комуникацијата. Таа си тече некако најприродно.
Кои се вашите препораки врз основа на искуството што го имате, за натамошна соработка, за проширување и поквалитетна соработка со Грција на овој план?
Она што не интересира од 2016 година наваму, кога сме поактивно инволвирани во академските соработки, е продлабочување на соработката со македонските универзитети.
Направени се обиди, потпишани се и некои меморандуми со Универзитетот „Кирил и Меродиј” во Скопје, со Универзитетот „Климент Охридски” во Битола. Здружението Пелагонија имаше допринос за да се започне така формална комуникација помеѓу македонски и грчки универзитети.
Меѓутоа сметам дека треба малце повеќе да се да се вложат и македонските универзитети. Бидејќи она што го нудат грчките универзитети, барем оние коишто се на толку мало растојание од границата. Се работи за една европска земја која што може да го понуди сè она што знае и што потпаѓа под сфаќањето на еден европски универзитет. Нормално, и искуството на македонските универзитети, кое што не е воопшто занемарливо и мислам дека може да се направи намногу поглабока и подобра и поквалитетна соработка во интерес на локалните заедници.
Намалување на иселувањето, намалување невработеноста, семинари за доквалификација, заеднички студиски програми, додипломски, постдипломски.
Сте препознале таков тип на потенцијали?
Постои потенцијал, да. Само треба да се интензивира таа соработка помеѓу универзитетските центри.
Како гледаат грчките универзитети на оваа тема?
Последните десетина години малку повеќе. Постои една трилатерална иницијатива помеѓу Универзитетот од Битола, Универзитетот од Корча и Универзитетот од Кожани.
Поконкретно помеѓу педагошките факултети на тие три универзитети. На секои две години се организира по еден научен симпозиум за педагошки теми, на кој е домаќин еден од тие три факултети и се менуваат на секои две години.
Веќе почнаа да се повторуваат, што е навистина за поздрав. Последниот беше организиран во октомври во Битола, на Педагошкиот факултет во Битола. Предходно беше во Корча, пред тоа беше во Лерин. Ова е нешто кое што се случува сигурно повеќе од десетина години, дванаесет можеби, така што започна во периодот пред Преспанскиот договор и академската соработка и комуникација е на многу високо ниво.

Универзитетот од Кожани има сериозен институт за грчки јазик со којшто имаме потпишано меморандум за соработка.
Кои се конкретните придобивки за студентите, за граѓаните од овие региони, од оваа соработка?
Придобивки постојат за студентите. Прво, најбазична придобивка е тоа што студентите или и додипломски и постдипломски докторанти добиваат сертифицирано излагање на меѓународен симпозиум, а им е дома или на многу мало растојание со нула трошоци, и тоа нормално го подигнува и нивниот професионален рејтинг.
Понатаму, продлабочувањето на запознавањето со начинот на работа на три различни универзитети коишто се соседни, и коишто за оние коишто не се запознаени, се работи за многу сериозна и посветена научна работа.
Иако се периферни и релативно мали универзитети, нивната посветеност навистина зачудува.
Имате ли поддршка од грчката страна на државно, на институционално ниво? Пред сѐ мислам на грчката амбасада, или на други институти? Можеби и од Министерството за култура на Грција?
Од пред три години во склоп на здружението „Пелагонија” функционира Оддел за грчки јазик. Одделот за грчки јазик е своевиден Институт за грчкиот јазик, којшто има за цел да го промовира грчкиот јазик и култура во странство. Одделите за грчки јазик во странство добиваат нефинансиска поддршка којашто се состои во обезбедување на материјали за промоција на современата грчка култура и грчкиот како странски јазик.
Од тој аспект здружението „Пелагонија” има соработка со Грчката амбасада и Генералниот конзулат на Грција во Битола, бидејќи одделот за грчки јазик е признат заеднички од Министерствата за надворешни и Министерството за образование на Грција.
Тоа значи дека има некоја институционална врска и поддршка во таа област.
Да, и од тој аспект ја имаме слободата да предлагаме некои настани коишто сметаме дека би биле од интерес за пошироката публика, и понатаму се организираат од страна на дипломатските претставништва.

И пред Преспанскиот договор имаше силна академска соработка меѓу универзитетите во Битола, Кожани и Корча.
Не откривме на почетокот на разговорот, но во Скопје дојдовте за да бидете дел од промоцијата на поезијата на Константинос Кавафис, познатиот грчки поет, легендарен поет. Мислам дека нема дете или човек во Грција што не знае една песна од Кавафис, најмалку „Итака“, ако не повеќе.
Да, особено беше голема честа за поканата за учество на таа дискусија за промоцијата на книгата песни од Константинос Кавафис, во превод на Паскал Гилевски.
Константинос Кавафис во голема мера за некои луѓе, за дел од популацијата во Грција е еден преекспониран поет. Меѓутоа, за поголемата популација којашто се запознала или чула за него, се работи за еден во голема мера несфатен поет, бидејќи неговиот јазик, јазикот на којшто пишува е сосема дијалектично идиоматски, значи, не е формалниот грчки јазик ниту од неговото време, ниту од денес и секогаш останува начин на откривање, на читање на неговата поезија, којашто носи многу длабоки пораки. Мислам дека секогаш е популарен и секогаш има нешто да се истражи за него.
Тој настан всушност беше токму тоа, да открие уште една страна на поетот и да го приближи до македонската публика, бидејќи, ако добро се сеќавам, не постоеше претходен превод на неговите песни, иако постоеја уште од периодите на средината на дваесетиот век доста преводи на грчки автори. Кавафис како доста тежок за превод, особено тежок и комплициран за превод, е голем предизвик да се нафати некој да ги преведе неговите песни.
Добро, но сепак, еве, сега го имаме на македонски, така?
Сега го имаме. Да.