Филипче: владин авион за на одмор, а нема слух за минимална плата

Владин авион за на одмор користел премиерот, тврди претседателот на СДСМ, Венко Филипче, кој од Гевгелија побара одговори кој патувал со него и зошто Владата најавува купување нов владин авион, во време кога, како што рече, „нема пари за плати“ и граѓаните се соочуваат со поскапувања и ниски примања.

Филипче изјави дека користењето на владиниот авион за приватни патувања е луксузирање на сметка на граѓаните и нагласи дека „сите граѓани го плаќаат керозинот за тој авион“. Во истата порака, тој ја оцени власта како негрижлива за животниот стандард и праша дали целта е да се прават трошоци за луксуз, додека се одбива раст на платите.

Во продолжение, Филипче се осврна на минималната плата и рече дека СДСМ двапати поднела законско решение, но дека власта не покажала слух. „Луѓето не можат крај со крај да врзат. 600 евра минимална плата не е луксуз“, порача Филипче, додавајќи дека со актуелните примања тешко се покриваат основните трошоци како струја и потрошувачка кошничка.

На крајот, Филипче оцени дека Владата нема визија и план за подобрување на животниот стандард и дека наместо тоа се гледаат задолжувања и луксузирање, додека граѓаните, како што рече, „едвај преживуваат“.

Зачлени се на нашиот е-билтен