Косово одбележува 18 години од прогласувањето независност

Косово

Косово денес одбележува 18 години од прогласувањето на својата независност – чин што на 17 февруари 2008 година го означи почетокот на најмладата држава на Балканот.

Декларацијата за независност беше усвоена од парламентот во Приштина по години меѓународна администрација под покровителство на ОН и речиси една деценија по војната од 1998-1999 година, обележана со сериозни злосторства против албанското население.

Македонија ја призна Република Косово на 9 октомври 2008 година. Тогаш опозициската СДСМ бараше во резолуцијата во Собранието да се вметне и амандман кој всушност би бил услов Владата да го признае Косово, а тоа е Косово да се обврзе дека ќе ја нарекува Македонија со уставното име, но овој амандман беше одбиен.

Признавањето на Косово се случи ден по воздржаниот македонски глас во ОН при гласањето за српското барање да се побара мислење од Меѓународниот суд на правдата околу легитимноста на косовската независност.

Репресија под режимот на Милошевиќ

Патот кон независноста беше обележан со сериозните злосторства на српскиот диктатор Слободан Милошевиќ. На почетокот на 1990-тите, албанското население беше подложено на систематска дискриминација.

Конфликтот ескалираше во 1998-1999 година, кога српските сили спроведоа воени операции, придружени со убивање цивили, уништување на населби и масовни депортации. Според меѓународните организации, околу 13.000 луѓе загинале, а над 800.000 биле протерани од своите домови. Решителната интервенција на НАТО со воздушна операција во март 1999 година ги принуди српските сили да се повлечат, по што беше воспоставена меѓународна администрација на ОН.

Ова беше постигнато со Кумановскиот договор, воено-техничкиот договор склучен меѓу Меѓународните безбедносни сили и KФОР и владите на СР Југославија и на Р. Србија, ноќта меѓу 9 и 10 јуни 1999 г. на воениот аеродром близу Куманово, во базата на KФОР.

Со договорот беш ставен крај на воздушните удари на нато на СРЈ, а ден подоцна е усвоена резолуцијата 1244 во Советот на безбедност на ОН.

Тензии под владеењето на Вучиќ, кој и понатаму го употребува името Косово и Метохија

Под владеењето на српскиот претседател Александар Вучиќ, односите меѓу Србија и Косово беа придружени со кризи – блокади на патиштата во северните општини со српско мнозинство, тензии околу регистарските таблички, бојкот на изборите, масовно повлекување на Србите од косовските институции и создавање паралелни структури.

Дијалогот под покровителство на Европската Унија продолжува формално, но без никакви резултати.

Осумнаесет години по прогласувањето независност, Косово ги продолжува своите напори за меѓународно признавање, економски развој и членство во меѓународни организации.

Нападот во Банска во 2023 година

Тензиите меѓу Белград и Приштина значително ескалираа од 2008 година. Еден од најсериозните примери во последните години беше вооружениот напад во селото Банска во северно Косово во септември 2023 година.

Во тоа време, вооружена група српски борци нападнаа патрола на косовската полициска полиција, при што загина еден косовски полицаец. Следеше престрелка, во која беа убиени неколку од напаѓачите. Косовските власти го опишаа инцидентот како терористички напад и го обвинија Белград дека стои зад организацијата и логистиката на групата. Огромната количина оружје пронајдена во скривалиштата во регионот сугерира дека целта била сериозна дестабилизација на земјата.

Српскиот политичар од Северно Косово, Милан Радојичиќ, близок до режимот на Александар Вучиќ, ја презеде одговорноста за нападот. Инцидентот предизвика остра реакција од ЕУ и САД, кои повикаа на целосна истрага и деескалација.

Неколку месеци претходно – на 29 мај 2023 година – во северно Косово избувнаа тешки судири меѓу демонстрантите и војниците од меѓународната мировна мисија на НАТО – КФОР. Во немирите беа повредени над 30 војници. НАТО ги сметаше нападите за неприфатливи и испрати дополнителни сили во Косово за да ја стабилизира ситуацијата.

На 29 ноември 2024 година, силна експлозија го оштети водоводниот канал Ибар-Лепенси во селото Вараж, општина Зубин Поток – клучна инфраструктура што снабдува вода за неколку градови во Косово и обезбедува ладење за термоелектрани. Властите предупредија на ризикот од прекини на водата и електричната енергија во големи делови од земјата, а премиерот Албин Курти нагласи дека организаторите биле поврзани со државните структури во Белград.

Зачлени се на нашиот е-билтен