Управниот одбор на ПИОМ доби нов член по одлука на Владата донесена на седница на 3 февруари, со која Благоја Ралповски, претседател на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), е именуван како претставник на синдикат што е репрезентативен член на Економскиот совет.
Именувањето отвори политичко-синдикална расправија затоа што доаѓа во период кога дел од синдикатите ја радикализираат борбата за повисоки плати, а во јавноста сè погласно се коментира дали Владата, наместо да одговара на пошироките барања на работниците, гради „комфорни партнерства“ преку позиции и привилегии.
Реакцијата најгласно ја артикулираше првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, кој јавно побара Владата да одговори дали Ралповски е поставен во управен одбор и ја пласираше тезата дека се работи за „награда“ затоа што КСС не излегува на протестите со работниците. Во истиот настап, тој обвини дека власта, наместо да разговара со тие што бараат раст на платите, ги „наградува“ оние што не притискаат на улица.
Паралелно со ова, Ралповски беше дел од разговорите во Владата во кои, заедно со претседателот на УПОЗ Трпе Деановски, беше постигнат договор за поединечни колективни договори и методологија за покачување на платите за дел од вработените во управата и правосудството. По договорот, Ралповски јавно изрази благодарност до премиерот Христијан Мицкоски и до министрите, со порака дека преговорите треба да продолжат и за нов општ колективен договор во јавниот сектор.
Токму тука се вкрстуваат критиките и кон Владата и кон КСС: власта праќа сигнал дека институциите и управните одбори се дел од политичката алатка за „управување“ со синдикалната сцена, а КСС ризикува да го изгуби кредибилитетот на независен застапник кога нејзиниот лидер влегува во управување со клучна јавна институција во време на жестоки работнички барања. Дополнителна тежина на сомнежите им дава фактот што Ралповски во јавни настапи ја критикувал тезата за минимална плата од 600 евра како „популистичка“, инсистирајќи на „системско решение“, што дел од работниците го читаат како дистанца од најитното барање на терен.
Во ваква поставеност, остануваат практичните прашања на кои јавноста очекува јасни одговори: по кои критериуми се избираат синдикалните претставници во управните тела, дали и колкава надоместок на функција носи членството, и како ќе се обезбеди синдикалната автономија кога линијата меѓу преговори со власта и кадровски „бенефити“ станува сè понејасна