Диви животни за профит: Од Македонија на црниот пазар

Фотографии од изложбата за македонскиот рис на Македонското еколоѓко друштво

Во Глобалниот индекс на организиран криминал, во извештајот за Северна Макаедонија, покрај другите форми, нелегалната трговија со диви животни редовно има свое поглавје.

Така е и во извештајот на 2025 година. Северна Македонија според криминалот, односно нелегалната трговија со диви животнии се нотира како извозна, транзитна земја, ни и како дестинација во која завршува трговијата со диви животни. Она што најмногу загрижува е што цел на нелегалната трговија, според овој глобален индекс, се и заштитените видови, како што се балканскиот рис и кафеавата мечка. Нашите извори на оваа тема укажуваат и на забранета трговија и со некои видови птици, а во последно време и со ендемската пеперутка „сивец“ која живее само во Македонија.

Глобалниот индекс изведува заклучок дека нелегалната трговија со диви животни, нормално, е првенствено мотивирана од финансиска добивка, а во некои случаи се вклучени транснационални мрежи.

Рацин.мк тргна во проверка на овие информации и разговаравме со неколку граѓански здруженија за заштита на живиот свет, и испративме прашања и до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и Министерството за надворешни работи (МВР).

Вообичаено, граѓанските здруженија веднаш ни одговорија, додека од АХВ и МВР, до објавувањето на овој текст нема ништо.

Белоглав мршојадец

Шверцот загрижува, но повеќе загрижува непостапувањето на институциите

Од Анима Мунди велат дека констатациите во Глобалниот индекс за шверцот со диви животни во Македонија загрижувачки податок што бара итно и системско постапување од институциите.

„Не не изненадува, бидејќи со години добиваме информации и пријавуваме злоупотреби – од сомнежи за инволвираност или пропусти на лица задолжени за заштита на дивечот, до организиран недозволен ловен туризам во кој странци за пари ловеле, па дури и заштитени видови“, велат од Анима Мунди.

Од Македонското еколошко друштво (МЕД), се малку повоздржани. Велат „не знаеме со сигурност дали е ова точно“.

„Имало гласини но ништо не е потврдено ниту докажано. Доколку стварно постои ваква трговија, тоа би било погубно за балканскиот рис бидејќи неговата популација е многу мала, под 40 возрасни единки и секоја единка е значајна за да може оваа популација да се одржи во живот“, вели Диме Меловски, раководител на програма за диви животни при МЕД. 

Меловски дека појави на негрижа, нехуман пристап, па и на лов на заштитени видови имаше не така одамна и дека тоа се случаи кои не треба да се заборават и коишто што предупредуваат.

„Да, такви сознанија имавме на два наврати, во 2011 година кога бее утепан рисот Марко, првиот рис кој беше заловен за научни цели. Вториот случај е од 2017 година кога на бивш директор од водоснабдување му беа најдени слики од службениот лаптоп со многу илегални активности низ НП Маврово, меѓу кои и утепан рис“, потсетува Меловски. 

Шверцот со диви животни загрижува, но повеќе загрижува непостапувањето на институциите, а на тоа укажуваат и статистиките.

Во неможност да пренесеме непосредни податоци од МВР, ги пренесуваме податоците што од таму ги доби Радио Слободна Европа. МВР вели станува збор за мал број случаи со недозволена трговија со животни. Во во 2024 и 2025 година има кривични пријави против петмина за три кривични дела „неовластено чување и отуѓување на диви животни и птици“.

Но, овие податоци се неспоредливо помали во однос на базата на Конвенцијата за меѓународна трговија со загрозени видови дива фауна и флора (CITES), која посочува насериозни бројки на нелегална трговија со животни.

На пример во дата базата е забележливо дека во последниве 5 години, од земјава се извезени 120 волци во Канада, Мексико, САД и Србија, при што увозниците прикажале дека им пристигнале двојно помалку македонски волци.

Во базата се спомнува и балканскиот рис, кој е е строго заштитен и цел на нелегална трговија што дополнително го загрозуваат неговиот опстанок. Според оваа дата база, во 2020 година, 14 македонски примероци завршиле во Шпанија, а во Македонија нема регистрирано таков „извоз“.

Како стигнале 14 примероци на балканскиот рис од Македонија во Шпанија?

Точно е дека тоа се случило во 2020 година, но мистеријата како стигнале таму кога се работи за строго, најстрого заштитен вид, остава длабоки сомнежи. Оттаму е и длабоката загриженост на Меловски и за новите индиции во Глобалниот индекс за организиран криминал каде што рисот во Македонија е нотиран како жртва на недозволена трговинја и во 2025 година.

Следен пример е со мечиња, кои како извезени од Македонија во 2022 година се водат 6, додека Чешка, како земја увозник пријавила дека на нејзина територија пристигнале само 2.

Од Анима Мунди вела дека нивните сознанија се ограничени и често базирани на доверливи информации од поединци, но ако државата навистина функционира како транзитен и одредишен пазар за трговија со диви животни, тоа укажува на сериозни слабости во системот на контрола и владеењето на правото.

„Станува збор за криминал што директно го загрозува опстанокот на строго заштитени видови и не смее да се релативизира туку да се актуелизира максимално и да се постапува“, укажуваат од невладината за заштита на животните.

Скриншот од оглас за продажба на волк

Приватни мини зоолошки градини

Индиции за необјаснета „циркулација“ на диви животни произлегуваат и од сѐ поголемиот број „приватни зоолошки градини“ во рамките на ресторани или ресорти.

Анима Мунди има став дека „мини зоолошките градини“ во рамки на ресторани и ресорти се суштински злоупотреба на дивите животни за комерцијална атракција.

„Дивината не е декор за угостителски бизнис. Фактот што постојат дозволи издадени од Министерството за животна средина не ја прави оваа пракса оправдана, туку укажува на сериозен институционален пропуст. Сме укажувале и пријавувале поединечни случаи, бидејќи условите во ваквите објекти по правило не можат да ги задоволат основните биолошки потреби на дивите видови“, сметаат од Анима Мунди.

Прашање е, предупредуваат од невладината, како и дали воопшто се спроведуваат ветеринарните контроли во „приватните зоолошки“.

„Тие можеби постојат на хартија, но нема транспарентни докази дека се редовни, темелни и независни. Додека диви животни се користат како туристички реквизит во приватни комплекси, не може да се зборува за вистинска заштита, туку за жал за легализирана експлоатација“, укажуваат од Анима Мунди.

Од оваа организација, во врска со „приватните зоолошки градини“ укажуваат и на нешто што може да се идентиификува како нелегален внатрешен пазар на диви животни.

„Не сме се соочиле со продажба на заштитени видови диви животни, во повеќе наврати сме детектирале и пријавувале огласи за продажба на диви животни на социјални мрежи и интернет огласници. Дел од случаите се однесуваа на волци, но и на други диви видови (на пример лисици или диви видови птици ). И овие појави укажуваат на постоење на нелегален пазар и сериозни пропусти во институционалниот надзор“, сметаат во Анима Мунди.

Желките бавно одат, ама брзо исчезнуваат

Уште еден жител на македонскиот див свет има своја улога во недозволената трговија. Најголем борј на единечен извоз на животни од Македонија се однесува на неколку видови желки. Според податоците на CITES за пет години од се извезени над сто илјади желки. Завршувале во Чиле, САД, Шпанија, Велика Британија, Јапонија, Индонезија.

Но и за желките го имаме истиот проблем. Овие земји пријавиле дека нешто повеќе од половина од овие желки пристигнале до нив. Каде се другите педесеттина илјади, којзнае? Желките бавно се движат, но се чини брзи исчезнуваат.

Фото: Драган Арсовски/Македонско еколошко друштво

Приказната за желките од Голем Град, мал остров во Преспанското Езеро, деновиве доби светско внимание, благодарение на Њујорк Тајмс, поради научни предупредувања дека популацијата, иако бројна, се движи кон демографски колапс: на островот живеат околу 1.000 шумски желки, но на секоја возрасна женка доаѓаат по 19 мажјаци, што, според истражувањето, создава услови за масовно исцрпување и рана смрт на женките.

Тоа е една можна причина за „белата чума“ на желките, но таканаречената „црвена листа “ на Конценцијата, CITES е наведено дека „разликите во пријавените бројки за извоз меѓу различните извори укажуваат на веројатноста за многу поголеми и потешко откриени размери на нелегално тргуваните животни“.

Во земјава постојат шест лиценцирани фарми за желки, покажуваат податоците од Министерството за животна средина.

„Постои сомнеж дека дел од легалните фарми се користат како параван за извоз на диво уловени желки“, е наведено во таканаречената црвена листа, потенцирајќи дека тоа води кон ризик за опстанокот на специфичните видови желки кои живеат на територијата на Македонија.

Извештајот уште нотира дека и покрај некои напори за спречување на шверцот со диви животни, целосното запирање на оваа појава е бавно и без посериозни резултати заради ограничениот институционален капацитет и регулаторните двосмислености.

Зачлени се на нашиот е-билтен