Академската заедница жестоко го нападна предлог-законот за високо образование, објавен од Министерството за образование и наука (МОН).
Првите бројни критики предупредуваат дека со измените наместо зголемување на квалитетот и модернизација на системот, се крие цел за политички контролирано универзитетско образование, со сериозни последици по автономијата на универзитетите и академската слобода.
Контролa наместо автономија
Една од најострите критики која доаѓа од професорската фела, независниот академски синдикати и СДСМ, е дека предлог-законот директно ја еродира автономијата на универзитетите. Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека „со предложените измени се брутално централизира моќта кај министерот, односно кај Владата и дека наместо координација, се воведува директна контрола и интервенција на извршната власт врз автономните органи на универзитетите“.
Аналитичари и професори укажуваат дека законските одредби за надзор и овластувања на МОН дозволуваат министерот да повлекува и укинува одлуки на универзитетските органи, што е директна суспензија на институционалната автономија која академијата ја третира како суштински предуслов за слободно истражување и настава.
Механизми за контрола под маската на „побарување одговорност“
Во текстови кои анализираат потенцијалните ефекти од законот, експерти укажуваат дека институционалните механизми за надзор, реизбор на професори, финансиски контроли и учество на владини и стопански кандидати во тела за управување создаваат средина на страв, цензура и зависност од политички и бизнис интереси.
Овие критики не се само теоретски: бројни факултети, синдикати и поединечни професори веќе доставиле десетици страници забелешки и амандмани до МОН, при што оценуваат дека предложените одредби „во огромен обем ја рушат автономијата на универзитетите“.
Историски резони: повампирување на стариот конфликт
Реакциите на академската и студентската заедница денес потсетуваат на бунтот од 2014 година, кога илјадници студенти маршираа низ Скопје како организирани од Студентски пленум, протестирајќи против тогашните измени на Законот за високо образование и воведувањето на државен испит – мерки кои и тогаш беа доживеани како директно ограничување на автономијата и академската слобода.
Тогаш, студентите го окупираа УКИМ и ја актуелизираа дискусијата за автономија на универзитетот, што подоцна траеше со месеци и остави длабок белег во јавната меморија на образовниот протест. Денешните реакции ја враќаат истата темелна дилема: дали државата треба да управува со универзитетите, или тие треба да бидат простори на слободна мисла, истражување и критичко размислување?