Кога завршија сите “извинувања” време е да се провериме кој е се фашист

Моментот кога луѓе што никогаш не сте ги виделе ниту ги познавате, и веројатно нема да ги запознаете ги сведувате на навреди на социјални мрежи и омаловажување на една цела заедница вие не сте граѓанин со став, туку фашист.

Миле БОШЊАКОВСКИ

Ако веќе знаете дека сте фашисти, слободно прескокнете го овој текст. Ова го пишувам за тие што живеат во удобната заблуда дека не се, а секојдневно мислат, зборуваат и реагираат како класични фашисти.

Поводот се неодамнешните протести на дел од ромската заедница во Македонија и нивните барања поврзани со сообраќајните казни, возењето без возачка дозвола и третманот од институциите. Барањата може да се погрешни. Може да ви звучат нелогични. Може да бидат и целосно неосновани. Тоа воопшто не е поентата.

Поентата е реакцијата.

Секој што бил во Шуто Оризари мисли дека ја познава „Шутка“. Не, драги мои, не ја знаете. Има една улица што се вика „Брсјачка Буна“. Отидете таму. Прошетајте. Вратете се дома. Седнете. Пуштете Нетфликс и пробајте да гледате роматнична комедија да ве видам.

Моментот кога индивидуално барање или протест го претварате во колективна пресуда за „тие Ромите“ вие сте навлезени во линијата на тоа што се одредува како фашизам. Моментот кога луѓе што никогаш не сте ги виделе ниту ги познавате, и веројатно нема да ги запознаете ги сведувате на навреди на социјални мрежи и омаловажување на една цела заедница вие не сте граѓанин со став, туку фашист.

Фашизмот не почнува со логори. Почнува со генерализација и ова е историски факт. Со објаснувањето кон сам себе дека „јас сум нормален, тие се проблемот“. Со потребата да имате некој под вас за да си ја оправдате сопствената немоќ.

Квалитетот на живот во една држава се мери според тоа како се спроведуваат законите. Но, постојат разлики или развиени држави и држави во развој. Е, сега степенот на цивилизациски вредности се мери и според тоа како се однесува кон најранливите. Или, кон старата популација и дали нивниот крај е достоинствен или очаен низ болнички лавиринти. Односот кон сиромашните, дали се „судат“ за сиромаштијата или имаат парче леб секој ден. Кон маргинализираните. Кон оние што немаат институционална моќ, медиумски глас и политичка заштита.

Кога ја прашале Маргарет Мид (Антрополог) кој е првиот вистински знак на човечка цивилизација. Нејзиниот одговорот не бил тркалото, оружје, религија, господ, лов….. туку заздравена човечка бутна коска – femur. Нејзиното објаснувањето е брутално едноставно. Кај животните, скршена бутна коска значи сигурна смрт. Животното не може да бега, да лови, да се брани и умира. Кај човекот, заздравената коска значи дека некој друг човек го чувал. Дека некој го хранел повредениот. Дека го штител со недели или месеци. Дека заедницата одлучила дека животот на послабиот вреди повеќе од правилото на силниот.

Токму таму, според мене, започнува цивилизацијата. Со грижата за другиот.

Првите знаци пак за фашизам, се:

  • Ако свесно го користите зборот „Циган“ како навреда.
  • Ако правите конструкции „не сум расист, ама…“.
  • Ако одбивате вашето дете да оди на училиште каде што има деца Роми! Ова не е знак, вие сте веќе фашист.

Законот мора да важи за сите и тука немам дилема. Но, човечноста не е законска обврска. Таа е свесен избор.

Овој водич не е напишан за тие што знаат што се. Туку за тие што одбиваат да си признаат.

Зачлени се на нашиот е-билтен