Инфлација под 3 проценти е целта што ја најавува Владата, но наместо јасен план како ќе се скротат цените, јавноста доби порака дека главниот виновник е претходната влада, а дополнителната одговорност се бара кај трговците и кај „стабилизацијата“ на платите.
Повод за ваквата реторика се најновите статистички податоци според кои трошоците на живот во јануари 2026 година се зголемиле за 3,2 проценти во однос на јануари 2025, додека на месечно ниво е регистрирана дефлација од 0,7 проценти. Во исто време, цените на храната на годишна основа се повисоки за 5,2 проценти, бројка што директно ја чувствуваат домаќинствата, особено кај најосновните производи.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска порача дека „мора да се одвикнат трговците“ од неоправдано покачување на цените и оцени дека е дојден моментот платите да се стабилизираат за да се стабилизираат и цените. Во истата логика, таа ја обвини претходната влада дека со зголемувањето на платите го „навикнала“ приватниот сектор да ги зголемува цените со образложение дека повисоките плати значат и поголема куповна моќ, што дополнително ја поттикнувало инфлацијата.
Најкритичниот дел од пораката, сепак, не е во тоа кого го обвинува власта, туку во тоа што недостасува: кога министерката уверува дека проекцијата е достижна, за прашањето како точно ќе се држи инфлацијата под контрола ги упатува новинарите да ја прашаат Народната банка. Со тоа, владината одговорност се разлева во институционална магла: политиката ја дава дијагнозата, а терапијата ја остава на туѓ терен, како да не станува збор за секојдневен проблем што бара координирани, мерливи и јавни мерки.
Од СДСМ реагираа дека власта имала доволно време и инструменти да го заштити животниот стандард, но наместо тоа постојано ја префрла вината на претходната гарнитура. Во нивната реакција се тврди дека ако намерите биле чесни, досега ќе биле пронајдени механизми за заштита на стандардот, а не оправдувања што, според нив, стануваат сè понеубедливи.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека очекува инфлацијата годинава да се движи под три проценти, оценувајќи дека тоа би било приближно на нивото на земјите од регионот. Тој најави „априлска кошничка“ за ублажување на ценовните шокови и засилен мониторинг за спречување евентуални злоупотреби, со порака дека глобалните кризи не смеат да бидат алиби за неоправдани маржи и прекумерни профити.
Останува суштинското прашање што го избегнува официјалниот наратив: дали „кошничката“ и мониторингот се привремена козметика или дел од поширока политика што ќе влијае врз корените на проблемот, од конкурентност и снабдувачки ланци до реални трошоци и пазарно однесување. Додека власта го распоредува виновникот по сите страни, граѓаните остануваат со истата грижа на каса: кои конкретни чекори ќе ја направат инфлација под 3 проценти реалност, а не само удобна цел за прес-конференции.