Собрание на Република Северна Македонија денеска (19 февруари) по скратена постапка ги усвои измените на Законот за постапување со бесправно изградени објекти и го продолжи рокот за легализација на дивоградбите за уште пет години, односно до 2031.
Клучната поента што ја истакнуваат предлагачите е дека измените не отвораат „нова врата“ за нови барања, туку треба да им дадат време на општините и институциите да ги завршат веќе започнатите постапки за објекти изградени до 2011 година. Во спротивно, со истекот на досегашниот рок на 3 март 2026, илјадници предмети што со години „висат“ низ општини, катастар и судови би биле прекинати по сила на закон – во фазата во која се затечени.
Но продолжувањето на роковите ја отвора истата стара дилема: дали државата конечно расчистува административен хаос, или, со секое ново пролонгирање, испраќа порака дека бесправното градење е проблем што може да се „растегнува“ со години. Радио Слободна Европа потсетува дека привремено решение што првично изгледало како кратка мерка, со текот на времето се претворило во дводецениска процедура.
Покрај тоа, најнепријатниот факт е што ни системот нема јасна слика за обемот на заостанатите случаи. ЗЕЛС побара продолжување на рокот, но признава дека нема точни податоци колку нерешени предмети имаат општините. Тоа значи дека државата носи законски продолжување без јавна, прецизна бројка за тоа колку точно постапки „чекаат“ и каде се закочени.
Во истото време, бројките што излегуваат од институциите ја покажуваат тежината на проблемот: според податоци што ги пренесува Радио Слободна Европа, до 2024 година биле решени 57% од барањата за легализација, а околу 200 илјади објекти и натаму се водат како дивоградби, со Гази Баба како „рекордер“ по број на нелегализирани градби, по што следуваат Гостивар, Прилеп, Тетово и Охрид.
Така, продолжувањето до 2031 во пракса станува уште петгодишен „грејс период“ за администрацијата да го расчисти она што одамна требало да биде завршено. А за граѓаните што поднеле документи и со години чекаат имотен лист, ова е порака дека државата барем формално нема да ги пресече постапките на половина пат – иако не нуди гаранција дека ќе ги заврши брзо.