Струга е без вода за пиење повеќе од 3 недели! Цистерни нема. Одете купете си сами. А што со оние кои не живеат во финансиските владини небесни височини и врзуваат крај со крај? Сосема логично е прашањето на стружани: Кој ќе ми плати, и оти треба сметка за водовод и колектор да платам?
Премиерот Мицкоски не извади свој кандидат за Струга иако можеше но реши тивко да го поддржи граночалникот Ќура. И тоа е во ред, се до оној момент кога политиката мора да стивне а рационалноста мора да надвладее.
Последните објавени податоци покажуваат дека матноста на дел од мерните места е намалена и се движи од 0,62 до 1,73, при дозволена вредност од 1,5, но проблемот не е затворен: кај дел од мрежата има варијации, а кај изворот „Шум“ е регистрирана и многу повисока матност (6,61), поради што здравствената препорака за пиење не е вратена. Поставен е и јасен услов: три последователни мостри без варијации. Струга, според истата објава, веќе 19 дена е без вода за пиење.
Во меѓувреме, случајот одамна не е само комунален дефект. Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет за испитување на причините и евентуална кривична одговорност, а подоцна беа предложени и мерки на претпазливост за две фирми од Велешта, со забрана да ги посетуваат парцелите и да вршат активности кај изворите во Шум. Во јавно објавените информации се наведува и дека на 9 февруари биле измерени 28,56 проценти матност.
Тука доаѓа клучното прашање за Владата и за Мицкоски:
Не дали политички ќе му „свика“ на градоначалникот, туку дали ќе ги активира законските механизми што државата веќе ги има. Затоа што законите не бараат тв-изјава, туку наредби, рокови, надзор и координација.
Законот за снабдување со вода за пиење е прилично јасен. Давателот на услугата има обврска да обезбеди трајно и непрекинато снабдување со здравствено исправна и чиста вода, а како исклучок прекин/нарушување е дозволен и при здравствена неисправност на водата. Истовремено, давателот е должен да ја информира јавноста за нарушувањето.
Уште поважно, истиот закон вели дека ако граѓаните не можат да се снабдуваат со вода за пиење непрекинато над 12 часа, давателот мора да обезбеди вода за пиење на начин утврден со план за вонредни околности, согласно стандардите и неопходното количество вода, и да ги информира корисниците за начинот на снабдување. Во превод: по толку денови криза, „снаоѓајте се“ не е законска политика.
Законот исто така не ја остава работата само на локална добра волја. Надзор вршат овластени комунални инспектори, Државниот инспекторат за животна средина и Државниот санитарен и здравствен инспекторат. ДЗСИ и општинските инспектори утврдуваат дали се врши испитување на здравствената исправност и дали се обезбедува неопходно количество вода кога има прекин над 12 часа. Ако најдат неправилности, инспекторите носат решение со рок за отстранување. А жалбата не го одлага извршувањето на решението.
Ова е клучната точка што ја руши удобната фраза „државата нема ингеренции“. Можно е одделни институции да немаат директна надлежност за секој аспект од случајот, и такви тврдења се појавија и во медиумски извештаи. Но во делот на водоснабдувањето, законската рамка предвидува државен надзор над законитоста на постапувањето на општината и дури можност, ако и по укажувања и мерки не се обезбеди извршувањето на работите, на општината да ѝ се одземе вршењето на работите, а нив времено (до една година) да ги преземе надлежниот државен орган за комунални работи, во име и за сметка на општината.
Паралелно, тука е и системот за управување со кризи. Законот за управување со кризи предвидува систем за превенција, рано предупредување и справување со кризи што претставуваат ризик за здравјето и животот на луѓето, а државните органи, општините и другите учесници се должни да ги спроведуваат препораките и мерките на Управувачкиот комитет. Законот предвидува и финансирање од буџетски средства за органите во системот, како и за општините и јавните претпријатија во согласност со закон. Тоа значи дека Владата има алатка за координација и ресурси, ако реши да ја третира ситуацијата како вистинска јавноздравствена криза, а не само како локален PR проблем.
Дополнително, правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење го дефинира поимот безбедна вода како вода што не содржи штетни микроорганизми, биолошки, физички и хемиски супстанции и предвидува санитарно заштитни зони околу извориштата токму за заштита од намерно или случајно загадување. Тоа е причината зошто јавноста во Струга не реагира само на „матност“ како технички термин, туку на чувство дека цел систем на заштита на изворот потфрлил.
Затоа, вистинското прашање за Мицкоски не е дали ќе има средба со Ќура, туку дали ќе побара јавно објавен оперативен план со рокови: кој носи вода за пиење, кој врши дневен мониторинг, кој ги спроведува инспекциските решенија, кој ја води санацијата кај Шум, и кога точно граѓаните ќе добиваат проверени извештаи. Без тоа, политичките пораки ќе звучат како менаџирање на впечаток, а не на криза.
Стружани не бараат спектакл. Бараат држава што знае дека вода за пиење не е локална кавга, туку основна јавна услуга и обврска. И кога таа услуга паѓа со недели, одговорот не смее да биде префрлање на топката, туку интервенција по закон.
Леон БАКРАЧЕСКИ