Младите на маргините – закон има, но никој не го почитува

Младите

Младите и понатаму не ги чувствуваат придобивките од сервисите што ги предвидува Законот за младинско учество и младински политики, иако поминаа речиси шест години од неговото донесување. Додека активистите и институциите си ја префрлаат одговорноста за тоа кој е виновен, Законот ретко кој го почитува, а никој не е санкциониран поради тоа.

Автор: Мики Трајковски*

Шест години по донесувањето на Законот за младинско учество и младински политики (Законот за млади), неговата примена во Вардарскиот Регион на Македонија сѐ уште е на многу ниско ниво, реагираат младинските и граѓанските организации. Во девет општини од регионот досега се отворени само два младински центри и само три локални младински совети, за кои во најголем дел сè уште нема изработено локални стратегии за млади.

Анализите на Коалицијата на младински организации „Сега“ покажале дека најмногу се спроведува обврската за именување службеник за млади, односно лице од општината одговорно за младински прашања. Досега се именувани осум такви службеници во деветте општини од регионот.

„Направени се повеќе анализи од аспект на примена на Законот и неговото спроведување, особено во последните три години, во фазата кога завршуваа одредени рокови за да се испочитуваат нормите. И врз нивна основа заклучокот е дека многу малку од законските одредби што ги задолжуваат локалните самоуправи и државата во одредени делови се спроведени“, вели за „Локал Актив Вардар“ Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации „Сега“.

Според него, и ова е некаков чекор напред кога станува збор за свесноста на институциите за потребите на младите. Сепак, Илиевски напоменува дека иако се основаат локални младински совети низ државата, нивното функционирање е проблематично.

„Искуството од изминатите шест години од спроведувањето на Законот, е дека онаму каде што се основани, нивната функционалност бележи минимално спроведување или активност. Која е причината за нефункционалноста на локалните младински совети? Онаму каде што се основани, тоа е резултат на две страни, прво на ниво на младите луѓе, и второ на ниво на институциите што треба да ги обезбедат условите за младите да знаат како да го применуваат правото на учество, особено преку локалните младински совети. Тоа значи дека младите не се доволно информирани и едуцирани за да знаат какви придобивки може да им донесе учеството во локалниот младински совет. Неприкосновено право на младите е да учествуваат во расправите на Советот на општината, да учествуват во дискусиите, па дури и да учествуваат со своја предлог-точка на дневен ред, без претходно тоа да е најавено“, вели Илиески.

Младински центри – или ги нема, или се соочуваат со проблеми

Младинските центри, кои исто така се законска обврска на секоја општина, требаше да бидат јавни места каде што младите ќе го поминуваат своето слободно време, ќе се надоградуваат и ќе спроведуваат активности. На ниво на целата држава, од 80 општини, основани се само девет младински центри. Но, и онаму каде што ги има, тие се соочуваат со сериозни предизвици. Како, на пример, центрите во Кавадарци и во Велес.

Од граѓанската организација „Креатив“ од Кавадарци велат дека иако во центарот се спроведуваат активности од организации, тој не е отворен со редовно работно време бидејќи нема постојано вработено лице. Тоа предизвикува тешкотии во работењето на младинските активисти.

Од Општина Кавадарци негираат дека центарот не функционира, но посочуваат дека проблем е неговото финансирање.

„Младинскиот центар не е надвор од функција, затоа што има доставено предлог-програма за 2025 година, и организацијата што раководи и управува со Младинскиот центар треба да достави извештај за реализација на активностите до Советот на Општина Кавадарци. Општина Кавадарци има предвидено 800.000 денари за Младинскиот центар за 2025 година, со тоа што половина од средствата се веќе исплатени за 2025 година, а остатокот од средствата ќе се реализираат кога ќе достават финансиски и наративен извештај, и откако тој ќе биде усвоен од Советот на Општината“, велат од Општина Кавадарци.

„Младите не се доволно информирани и едуцирани за да знаат какви придобивки може да им донесе учеството во локалниот младински совет. Неприкосновено право на младите е да учествуваат во расправите на Советот на општината, да учествуват во дискусиите, па дури и да учествуваат со своја предлог-точка на дневниот ред, без претходно тоа да е најавено“, вели Зоран Илиески, извршен директор на Коалицијата на младински организации „Сега“.

Оттаму додаваат дека по усвојувањето на извештаите за 2025 година, ќе склучат нов финансиски договор за 2026 година, така што ќе продолжи соработката со младинските организации.

„Со основањето на Локалниот младински совет, што е во тек, ја потврдуваме сериозноста по ова прашање и отворениот пристап и
транспарентност кон младите во Општина Кавадарци. Општината ја има донесено Локалната младинска стратегија и е усвоена од Советот на Општина Кавадарци за периодот од 2025 до 2029 година“, додаваат од Општината.

Со слични проблеми се соочува и Младинскиот центар во Велес.

„Најчестите предизвици се поврзани со ограничени финансиски и човечки ресурси, како и со потребата за поинтензивна институционална соработка. Општината е вклучена и обезбедува финансиска поддршка, но поради растечките потреби на центарот, постои простор таа поддршка понатаму да се унапреди. Соработката со локалните институции постои и претставува добра основа за понатамошен развој. Поголема координација и долгорочно планирање би придонеле за поголема одржливост на младинските активности и политики“, вели Ивана Јордева, младински работник во Младински центар во Велес.

Фотографија: Младински центар – Велес

Младинскиот центар во овој град функционира во доделен простор од Општината, кој се наоѓа во локалната библиотека „Гоце Делчев“ во Велес.

„Станува збор за една канцеларија и за уште една  мала  сала за активности. Просторот одамна е претесен, со добиени проекти се зголемија опремата и реквизитите на центарот, за потребите на реализација на годишната програма за работа. Затоа е значајна поддршката што овој центар ја добива од Европска куќа Велес каде што се спроведуваат речиси сите активности во кои се вклучени повеќе од 12 учесници“, велат од Младинскиот центар во Велес.

Зоран Илиески од Коалицијата на младински организации „Сега“ вели дека за да имаат поголемо влијание и поголем број активности, потребен е и поголем буџет.

„Онаму каде што има младински центри, на пример во Велес и во Кавадарци, финансиските средства што ги доделува Општината се многу мали. Не може центар со еден вработен да дава услуги за 10.000 млади. Значи, за да бараме професионални услуги што треба да ги дава центарот – а тоа е грижа на општината и затоа општината ги плаќа тие центри – мора да има одреден кадар што е обучен и кој може тоа да го прави. Мора да се работи со младите луѓе, да ги спознаат одговорностите што ги носи законот за нив. Но, не само обврските на локалната самоуправа. Не само да ги напаѓаме општините и институциите. Мора да бидеме реални и да кажеме дека недостасуваат знаења и вештини кај младите луѓе и мотив да се борат за своите права преку институционалните форми, како што е локалниот младински совет“,  вели Илиески.

Свети Николе со години се бори за да добие локален младински центар

Општина Свети Николе има назначено службеник за млади, а во Буџетот за 2023 година, по реакција од Организацијата на жени на Општина Свети Николе, локалната самоуправа за првпат издвоила средства за активности за млади, кои, пак, потоа не биле реализирани за намената за која биле планирани и биле пренаменети.

„Немам конкретна информација за пренамената, но не се искористени поради огромната процедура за избор на Совет за млади“, вели Ивица Арсов, службеник за млади во Општина Свети Николе.

Од Организацијата на жени велат дека со процесите многу се доцни.

„Младински центар сѐ уште нема. Процесот за формирање Локален младински совет е во тек, но доцни со години. Повикот за пријава на членови е завршен на 2 јули 2025 година, имаше состанок на иницијативниот одбор и на младинското собрание, но сѐ уште нема одлука за формирање и за членови на Локалниот младински совет, иако имаме наши членови што имаат поднесено пријава да бидат дел од советот. Младински центар – како клучен механизам предвиден со Законот за младинско учество – сè уште не постои, што ја става Општина Свети Николе зад законските стандарди“, велат од Организацијата на жени.

За разлика од 2025 година, кога шестмина се пријавиле како кандидати за членови во младински совет (кој треба да има пет члена), во 2024 година интересот бил многу мал, односно имало само две пријави на повик што Општина Свети Николе двапати го објавила.

Фотографија: Организација на жени – Свети Николе

„Сметаме дека ова е поради тоа што повикот вообичаено се поставува само на веб-страницата на општината, а тоа не е место каде што се информираат младите“, додаваат од Организацијата на жени.

Оттаму велат дека иако младинскиот центар е актуелно прашање со години и секогаш има позитивен став од градоначалниците за него, тој сè уште не постои.

За младите луѓе во оваа мала општина ваков центар би значел безбеден и инклузивен простор за младите, поддршка и развој на неформално образование, култура, волонтерство, ментално здравје и други животни вештини, можност младите да бидат активни граѓани, а не пасивни набљудувачи. Тој би овозможил вистинско учество на младите во донесувањето одлуки, наместо нивна симболична застапеност.

Локалната власт ја префрла одговорноста кај младите

Од Општина Свети Николе велат дека отворањето на младинскиот центар доцни затоа што немало интерес за позицијата за раководител на центарот.

„Се прават напори тоа да го реализираме во текот на 2026 година. Административно сите процедури се завршени, но тука останува проблемот за младински работник, кој треба да работи во него, бидејќи ние спроведовме анализа и анкета и такво лице не постои на територијата на Општина Свети Николе, ниту има интерес некое младо лице да плати за обука и сертификат за потоа да биде ангажирано, напоменувам без стаж“, вели Ивица Арсов, службеник за млади во Општина Свети Николе.

На нашето прашање до локалните власти зошто досега сѐ уште не профункционира ниту локалниот младински совет и покрај тоа што повикот за членови завршил уште на 2 јули 2025 година, од таму велат дека проблемот бил во младите.

„Пред сѐ, проблем е да се соберат младите што се членови на Собранието на млади поради презафатеност, учество во разни Еразмус програми и слично. Новиот закон и самата процедура за избор на членови на Младинскиот совет повеќе прави проблем за таа да се реализира отколку што нуди решение за оваа проблематика да се поедностави со еден повик. На овој начин избираме иницијативен одбор, па собрание, а потоа собранието избира совет. Премногу административна работа, состаноци и повици за кои младите не се заинтересирани. Останува и проблемот што на територијата на Општина Свети Николе не постои невладина организација за млади, туку организации што работат со млади“, објаснува службеникот за млади Арсов.

Младите во помалите општини оставени на маргините

И покрај сите проблеми и пречки, локалните младински активисти тврдат дека постои интерес кај младите да се вклучат во разни активности на ниво на нивните општини. Но, често тоа останува само на идеја, без конкретна реализација на нивните замисли.

„Граѓанските организации забележуваат иницијативи поврзани со култура, алтернативни настани, волонтерство и неформално здружување, но тие најчесто се реализираат надвор од институционалната рамка. Од нашето искуство во работа со млади во изминатите три-четири години, евидентно е дека младите имаат интерес и желба да бидат активни во заедницата, доколку имаат можности, но главно во помалите општини младите се на маргините, а она што недостасува се и отворени можности од нивен интерес“, истакнаа од Организацијата на жени на Општина Свети Николе.

„Новиот закон и самата процедура за избор на членови на Младинскиот совет повеќе прави проблем за таа да се реализира, отколку што нуди решение за оваа проблематика да се поедностави со еден повик. На овој начин избираме иницијативен одбор, па собрание, а потоа собранието избира совет. Премногу административна работа, состаноци и повици за кои младите не се заинтересирани“, вели Ивица Арсов, службеник за млади во Општина Свети Николе.

Од Младинскиот центар во Велес посочуваат дека младите често се активираат во подмладоците на политичките партии, пред сѐ заради вработување.

„Младите се ангажираат во подмладоци на политички партии од различни причини, најчесто затоа што таму гледаат можност за активно учество во општеството. За многумина тоа е начин да стекнат искуство, знаење и чувство дека можат да придонесат за промени“, вели Ивана Јордева, младински работник во Младинскиот центар во Велес.

Оттаму додаваат дека интерес за активирање постои, но не е целосно искористен, а  поддршката е често проектна и краткорочна, што не е доволно ако се сака континуитет и поголем опфат.

Младинскиот центар во Велес е активен од самото отворање на 12 август 2022 година и непрекинато работи со млади од Велес и од поширокиот регион. Во просек, центарот го посетуваат неколку стотици млади годишно, додека дел од нив се редовни корисници вклучени во програми, работилници и иницијативи.

На прашањето како да се поттикнат младите да бидат поактивни и што треба да направат институциите, од таму велат дека тоа ќе биде така само ако видат дека нивните идеи се слушаат и се реализираат. Затоа сметаат дека се потребни повеќе младински простори и поддршка за неформални иницијативи, реално вклучување на младите во носење одлуки, транспарентни локални политики за млади, финансиска и логистичка поддршка без партиски условувања. 

Се бараат казни за кршење на законот

Законот вели дека секоја година треба да се издвојуваат најмалку 0,3 % од Буџетот на Република Северна Македонија за спроведување на Законот за млади, додека општините дополнително треба да издвојат уште најмалку 0,1 % од својот буџет.

Според Илиески од Коалицијата „Сега“, и покрај ваквиот незначителен буџет има општини каде што нема одвоено ниту денар за реализирање на овој закон и никој не е казнет поради тоа.

Фотографија: Младински центар – Велес

„Тоа ја отсликува политичката волја на донесувачите на одлуки, на Советот на општината и на градоначалникот во одредените општини. Тоа го покажува несоодветното третирање на прашањето на младите во нивната општина. Второ, непочитувањето на законот значи дека тие воопшто не го ставаат прашањето што се однесува на младите на ниво на приоритет, односно толку се заинтересирани и за иселувањето, за незадоволството и за немањето доверба“, смета Илиески.

Затоа перцепцијата на младите кон државата претежно е разочарувачка, вели тој.

„Тие не веруваат дека нешто ќе се промени, тие не веруваат дека локалната самоуправа ќе направи нешто за нив. И тука мислам дека се крши клучната волја за напуштање на државата. Кога не верува младиот човек дека нешто ќе се промени, кога не верува во искрените намери на политичарите и на институциите, неговото 

решение сега е едноставно, во новата ера во 2026 година, носењето одлука за заминување е многу полесно отколку во 2000 или 1998 година“, додава Илиески.

Сето ова остава простор за проширување и за унапредување на Законот за млади, особено во креирање механизми за надзор на спроведувањето на Законот на централно и на општинско ниво.

Уште во март 2025 година, најголемите три национални младински чадор организации, Коалицијата „Сега“, Сојузот на младинска работа и Националниот младински совет, поднесоа предлог-измени на Законот до Собранието на Република Северна Македонија. Со нив е предвидено да се поедностави процедурата за формирање младински совет, но пред сѐ предвидува казни за неспроведување на Законот. Според Илиески, веројатно токму затоа нивниот предлог никако да стигне на дневниот ред на пратениците.

Од Владата велат дека ја препознаваат потребата од унапредување на примената на Законот, особено на локално ниво, каде што велат дека било очигледно дека дел од општините сè уште не ги имале воспоставено законски предвидените механизми, какви што се младински центри, локални младински совети и службеници за млади.

„Во таа насока, надлежното министерство непрекинато работи на зајакнување на координацијата со единиците на локалната самоуправа преку насоки, обуки и поддршка за спроведување на законските обврски, како и преку поттикнување на планирање буџетски средства за младински политики. Дополнително, се разгледуваат можности за воведување појасни механизми за мониторинг и отчетност, со цел поефикасна примена на Законот на целата територија на државата“, велат од Владата за „Локал Актив Вардар“.

Оттаму додаваат дека Законот за младинско учество сега не предвидува прекршочни одредби за неспроведување на овој закон, што бил еден од пропустите кога бил донесен.

„Во однос на поднесеното барање за предлог-измени и дополнувања на Законот за младинско учество и младински политики во март 2025 година, единствено Собранието во оваа постапка може да даде одговор на ова прашање. Ние сме во контакт со сите чинители, имајќи ги предвид и подносителите на овој закон, со кои имаме чести средби и комуникации за подобрување на младинската состојба“, стои во одговорот што го добивме од Владата.

*Мики Трајковски е новинар, а анализата е преземена од Локал Актив Вардар е онлајн медиум на локалните заедници од Вардарскиот регион во РСМ, вклучително и на ранливите групи граѓани и граѓанските организации кои работат со нив.

Зачлени се на нашиот е-билтен