Трамп со закана за ескалација: нови цели надвор од списокот на Пентагон

Трамп

Реториката од Вашингтон повторно ја крева температурата во војната со Иран, откако американскиот претседател Доналд Трамп најави дека се разгледува проширување на воените операции и таргетирање „области и групи“ кои досега не биле дел од официјалниот список на цели на Пентагон и израелската армија. Пораката е јасна: досегашните удари не се граница, туку основа за нова фаза на притисок.

Оваа најава доаѓа во момент кога Техеран испраќа обид за условна деескалација кон соседите. Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан јавно соопшти дека привременото раководство донело одлука да ги запре нападите врз соседните арапски држави, но со строг услов: прекинот важи само ако од нивни територии не се извршат нови напади врз Иран. Тоа е дипломатска формула што треба да ја намали регионалната штета и да го изолира фронтот, но истовремено ја префрла одговорноста врз земјите во Заливот што во своите граници имаат западни бази и инфраструктура.

Токму тука се судираат двете стратегии. Од една страна, Иран се обидува да ја ограничи војната и да ги „извади“ соседите од непосреден радиус на одмазда, за да не создава нови противници. Од друга, Трамп сигнализира дека целиот конфликт влегува во поширока матрица, каде целите не се само воени капацитети, туку и пошироки структури што администрацијата може да ги прогласи за легитимни мети. Кога ваков сигнал оди јавно, тој не служи само за заплашување на Техеран, туку и за дисциплинирање на целиот регион: секоја држава што ќе се оцени како „платформа“ за напад може да стане дел од конфликтот, сакала или не.

На терен, ваквите најави го хранат најопасниот круг во кризни ситуации: неизвесност што произведува погрешни пресметки. Ако една страна очекува проширување на целите, ја зголемува готовноста и се подготвува за удари врз бази, логистика и економски точки. Ако другата страна смета дека ескалацијата е единствениот јазик што носи резултат, се стеснува просторот за дипломатија и се зголемува притисокот на „победа по секоја цена“. Во таква динамика, дури и условниот прекин на иранските напади кон соседите може да се распадне за една ноќ ако се појави нов удар од територија што Техеран ќе ја протолкува како „потврда“ за својата теза.

Од Техеран веќе стигна и контрапорака со повисок тон: Револуционерната гарда предупреди дека американските и израелските воени бази, како и нивните економски и стратешки интереси во регионот, ќе станат примарни цели ако продолжи воздушната кампања. Тоа е линија што ја враќа војната во логиката на широки фронтови: бази, пристаништа, терминали и критична инфраструктура, со ризик конфликтот да се прелее далеку над првичните цели.

Во политичка смисла, изјавата на Трамп ја разоткрива и внатрешната противречност на американската порака: кога Пентагон уверува дека целите се „јасни и ограничени“, а претседателот јавно најавува нови, пошироки цели, сигналот што го примаат сојузниците е дека сценариото може да се менува „во лет“. За земјите што живеат од стабилни рути, трговија и туризам, тоа е аларм дека ризикот нема да се мери само со ракети, туку и со цена на осигурување, прекини во авиосообраќај и нови економски шокови.

Зачлени се на нашиот е-билтен