Секое ново поскапување на горивата не ги полни само резервоарите со поскап бензин и дизел, туку и државната каса. Новата пресметка на давачките покажува дека од секој литар продаден дизел, државата зема 28,5 денари, а од литар бензин Еуросупер 98 дури 34,43 денари. Тоа значи дека значителен дел од цената што ја плаќаат граѓаните на бензинските пумпи не оди за самото гориво, туку директно во буџетот преку акциза и ДДВ.
Кај дизелот, чија нова цена од полноќ изнесува 85,50 денари за литар, 15,5 денари се акциза, а околу 13 денари се ДДВ. Практично, речиси секој трет денар што го остава возачот на пумпа завршува кај државата. Без тие давачки, според пресметката во написот, литар дизел би чинел 72,45 денари, пред да се додадат и останатите трошоци за складирање, екологија и резерви.
Уште поголем е државниот дел кај бензинот. Кај Еуросупер 98, чија цена е 81,50 денари за литар, 22 денари се акциза, а 12,43 денари се ДДВ. Тоа значи дека 34,43 денари од секој литар одат директно во Буџетот, што ја отвора дилемата дали државата навистина има простор да го амортизира ценовниот удар ако реши да интервенира.
Токму тука почнува и политичката тежина на приказната. Зашто кога горивата растат, не расте само трошокот за граѓаните и стопанството, туку автоматски расте и приходот од ДДВ, бидејќи тој се пресметува на крајната цена. Со други зборови, колку е повисока цената на пумпа, толку е повисок и делот што оди за државата. Во услови кога дизелот веќе силно удира врз транспортот, храната и инфлацијата, ова прашање станува повеќе од техничка математика. Станува прашање дали Владата ќе се откаже од дел од приходот за да го намали ударот врз граѓаните.
Според постојната регулатива, таква интервенција е можна. Министерството за финансии може да ја намали акцизата за горивата до 4 денари, а во кризни услови можно е и ДДВ за увоз на енергенси да се спушти од 18 на 10 отсто. Слични мерки Македонија веќе применуваше во 2022 година, кога поради енергетската криза ДДВ за горивата беше намален од 18 на 10 проценти, а акцизата беше кратена за 1,2 до 4,7 денари по литар.
Затоа дилемата сега не е само колку добива државата од литар бензин и дизел, туку и дали ќе се откаже од дел од таа заработка за да го ублажи новиот ценовен шок. Ако не интервенира, тогаш секое следно поскапување ќе значи двоен удар: повисоки трошоци за граѓаните и поголем прилив во буџетот. А токму во таа математика се крие и најсилното прашање што деновиве виси над бензинските пумпи: кој навистина профитира од скапото гориво.