Мицкоски вели дека горивата се најевтини, но не кажува колку е ниска минималната плата, и токму тука се отвора најслабата точка во владината порака за економската стабилност. Откако Регулаторната комисија ја зголеми цената на дизелот за 14,5 денари, премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата не гледа потреба од прогласување кризна состојба, дека Македонија и натаму има најниски цени на горивата во регионот и дека инфлацијата е 2,9 проценти, односно една од најниските во регионот. Но, во таа слика за „стабилност“ изостанува клучното прашање: со какви примања граѓаните треба да ја издржат таа стабилност.
Премиерот ја бранеше владината позиција со споредба на цените на дизелот во соседството, наведувајќи дека во Албанија, Србија, Косово, Грција и Бугарија горивото е поскапо отколку во Македонија. Тој најави и средби со дистрибутерите и ланците маркети за да не се злоупотреби состојбата со нов бран поскапувања. Но, колку и да звучи политички удобно приказната за „најевтино гориво“, таа е нецелосна без споредба со платите, бидејќи животниот стандард не се мери само со цената на литар дизел, туку и со тоа колку литри можат да се купат со една плата.
Токму таму сликата за власта станува многу понепријатна. Минималната плата во Македонија изнесува 24.379 денари, односно 397 евра, и е повисока само од Косово, каде минималната нето-плата е 384 евра. Во исто време, минималната плата во Албанија е 444 евра, во Федерацијата БиХ 525 евра, во Република Српска 511 евра, во Србија се движи од 505 до 580 евра, а во Црна Гора достигнува 600 евра. Тоа значи дека аргументот за „најевтино гориво“ звучи поинаку кога ќе се стави до фактот дека македонските работници се меѓу најслабо платените во регионот.
Но контрастот не завршува со минималецот. И кај просечната плата Македонија останува на дното во регионалната споредба. Просечната нето-плата во земјава изнесува 45.961 денари, односно околу 747 евра. Тоа е помалку од Србија, каде просекот е 945 евра, од Босна и Херцеговина со 815 евра, од Црна Гора со 1.018 евра, како и далеку под Хрватска со 1.498 и Словенија со 1.627 евра. Со други зборови, проблемот не е само во тоа што минималната плата е ниска, туку што и просечната плата во Македонија останува најслабата во непосредното соседство.
Затоа пораката дека нема потреба од кризна состојба не ја затвора дебатата, туку ја отвора уште посилно. Бидејќи за граѓаните прашањето не е само дали горивото е неколку центи поевтино од соседството, туку колку од таа наводна предност воопшто останува кога и минималната и просечната плата заостануваат зад речиси сите околни земји. Ако економската самопофалба почнува од горивата, а завршува без споредба со примањата, тогаш не станува збор за целосна слика, туку за внимателно избран дел од неа.