Генерацијата Z е генерација на парадокси. Се сметаат за попрогресивни од своите родители, а како многу важни ги сметаат традиционалните вредности. Веруваат во демократијата, но не и во политичкиот ангажман. Македонските и бошњачките припадници на генерацијата Z, најмалку заинтересирани да останат во своите земји, а оние во Албанија и Црна Гора во убедливо најголем број би останале во своите земји, што се совпаѓа тоа што овие земји се најблиску до членство во ЕУ.
Ова се дел од заклучоците што можат да се изведат од резултатите на истражувањето што минатата година, од мај до јуни, го спроведе Отворено општество – Западен Балкан.
Над 6.000 припадници на генерацијата Z (на возраст од 16 до 28 години) кои живеат во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија учествуваа во анкети и фокус групи за да ги измерат политичките ставови, грижите и надежите на една генерација во подем.
Генерацијата Z (или Зумерите), родени меѓу 1997 и 2012 година, се првата целосно дигитално-нативна генерација, обликувана од паметните телефони, социјалните медиуми и зголемената свест за климатските промени и менталното здравје. Како разновидна, прагматична и социјално свесна генерација, тие ја ценат автентичноста, финансиската стабилност и инклузивноста, честопати предизвикувајќи ги традиционалните норми на работното место и потрошувачите.
Така е опишана генерално оваа генерација.
Резултатите од ова истражувањето за Генерацијата Z откриваат дека таа е информирана за политиката и доста прагматична за институционалните реформи потребни за решавање на секојдневните проблеми. Сепак, тие остануваат исклучени од формалната политика и селективно се мобилизираат за специфични прашања. Да се добие нивната доверба и согласност е главниот предизвик за националните и институциите на ЕУ и дефинирачката задача на нашето време.
Веруваат во демократија, не веруваат во политички ангажман
На Западен Балкан, посветеноста на Генерацијата Z кон демократијата е силна. Огромни 79,7% веруваат дека демократијата е најдобрата форма на владеење, или целосно или до одреден степен. Ова е повисоко од младите во Германија (71%) и повисоко од просекот низ цела Европа (57%).
Тоа го поткрепуваат и одговорите на прашањето „Што би направиле доколку владата или лидерот на вашата земја утре незаконски преземат повеќе овластувања?“
Сериозен, но не мнозински процент од анкетираните, 40%, во таков случај би учествувале во протести. На социјаланите мрежи би се мобилизирале 8,3%.
Само 5,7% би поддржале незаконско преземање повеќе овластувања, но висок е процентот на испитаниците, 21%, кои одговориле дека тоа не би ги интересирало, како и на оние кои не знаат како би постапиле – 17,5%.
Од анкетираните, 5,8% би ја напуштиле земјата во такво сценарио.
Дискусиите во фокус групите за време на истражувањето покажуваат дека дистанцата од формалната политика доаѓа од информираната критика за лошите институционални перформанси и ограничената промена на раководството; тие се воздржуваат од согласност.
Овој предизвик е дотолку поголем според бројките од кои 71,1% пријавуваат мал или никаков интерес за политика, а 82,1% велат дека не се ниту политички активни ниту членови на политичка партија.
Сликата ја дополнуваат и одговорите на прашањето „Колку влијание мислите дека имате врз политичките процеси?“.
Висок процент од 48,2% велат дека воопшто немаат влијание, додека мало или умерено влијание веруваат дека имаа 24,6%, односно 15,4%.
Во значително или големо влијание веруваат 4,4% и 1,4%.

Пост-идеолошка генерација
И мажите и жените од генерацијата Z се сметаат себеси за попрогресивни од своите родители, но сепак го гледаат семејство како основна единица на заедницата и грижата.
Како посебно интересен е фактот што произлегува од истражувањето, дури 81,1% се согласуваат дека одржувањето на традиционалните вредности е важно, што укажува дека културниот континуитет и семејните структури остануваат централни референтни точки.
Од анкетираните родени како генерација Z, 70,8% се согласуваат дека зголемените можности за жените го подобриле животот на сите во општеството, што укажува на меѓуродово поддржување на родовата еднаквост.
42,4% од „зетерите“ силно се согласуваат дека секој треба да има исти права, без оглед на нивната етничка или расна припадност, 40,8% се согласуваат, што вкупно заедно е прилично висока согласност околу еднаквоста. Само 9,3% и 3,8% не се согласуваат или силно не се согласуваат.
Иако претходните две прашања имаат високо одобрување, генерацијата Z не преферира припадност од една конкретна идеологија. На прашањето „Дали имате политичка идеологија?“, 21,5% одговориле со „да“, а дури 64,5% со „не“, што е прилично висок процент.
Само 5,3 одбиле да одговорат на ова прашање, а 8,7% од анкетираните немале право да гласаат на избори.
Истражувачите заклучуваат дека одржувањето на демократската посветеност на Генерацијата Z зависи помалку од идеолошки наративи, а повеќе од ефикасни и одговорни институции, квалитетно образование и економска безбедност.
Посветени да останат во регионот
Заедно со склоноста за негување на традиционалните вредности, за генерацијата Z важен е и националниот идентитет и се поврзува со релевантен за желбата на генерацијата Z да останат во своите земји.
И дискусиите во фокус групите откриваат чувство на патриотизам и силна приврзаност кон семејството, националната култура и начинот на живот.
Од вкупниот број анкетирани, 64,8% ја гледаат својата иднина во својата матична земја.
По земји има разлики кои се симптоматични и индикативни: Во Албанија 69,6% од испитаниците ја гледаат иднината во својата земја. Во Косово и Црна Гора овој процент е уште поголем – 73.4% и 74,5%, а во Србија 66% од младите би останале во својата земја.
Македонија и Босна и Херцеговина се на најдолу на оваа листа според бројот на млади кои би останале во земјата. Само половина, 53,3%, од Македонците и Македонките би останале во земјата. Слична е ситуацијата и во БиХ – 52,9%.
Иако генерално се оптимисти, генерацијата Z во Западен Балкан се загрижени за квалитетот на својот живот.
Генерација на ЕУ?
Вкупно 76,2% од Генерацијата Z во регионот би го поддржале приклучувањето на нивните земји кон Европската Унија (ЕУ), или сметајќи го тоа важно (57,1%) или подготвени да го поддржат дури и ако не е неопходно (19,1%).
Поради нивната посветеност на демократијата и институционалните реформи, оваа генерација може да се смета за „Генерација на ЕУ“. Но, нивната поддршка е условена. Генерацијата Z не сака членство во ЕУ по секоја цена, т.е. без реформи или јасна визија за тоа што приклучувањето кон ЕУ значи за нивната иднина.
Тесно мнозинство, 51%, очекува нивните земји да се приклучат кон ЕУ до 2035 година, иако овој став станува понијансиран кога се разделува по земји.
Среќна и надежна генерација?
Анкетата покажува дека 86,6% од Генерацијата Z се многу среќни или донекаде задоволни од својот живот. „Добар живот“ се дефинира како пристап до добро платена, задоволувачка работа и силни меѓучовечки односи.
И покрај политичкото разочарување, 71,7% очекуваат нивниот живот да се подобри во следните пет години. Ова одразува надеж и оптимизам, а не одобрување на моменталните политички реалности или елитите.
Ова може да биде меч со две острици. Ако владите и ЕУ не успеат да ги остварат реформите и кредибилните патишта за пристапување, надежта ќе се претвори во суров оптимизам – верба без резултати, доверба без враќање, ги толкуваат сознанијата од истражувањето аналитичарите.