Пред пет децении, Крушево го имал првиот ски-центар во земјава – „Станич“, изграден со државни пари. Со комплексот сега стопанисува приватна фирма, која вложува според можностите, а општината и државата немаат конкретна стратегиска цел и намера за директни инвестиции. Може ли „Станич“ да блесне во целосен сјај или, пак, да се инвестира во нов ски-центар за алпско скијање „Мусица“?
Автори: Лефкија Гажоска* и Мики Трајковски**
Во 70-тите години на минатиот век, во најнепосредна близина на градот Крушево, следејќи ги желбите и визиите на крушевските вљубеници во зимскиот спорт – скијањето, општинските власти со помош на стопанскиот сектор во градот ја направија најголемата инвестиција во Крушево, од тогаш до денес. Од центарот на градот, низ буковата корија, се изгради траса и се постави жичница, која води до месноста Станич, што потоа прерасна во првиот ски-центар во Македонија. На падините на Станич се поставија три ски-лифтови со различни должини и се изгради основна инфраструктура, како и дрвена куќарка за топол чај и ладни закуски.
Инфраструктура стара половина век
Но, додека зимските центри во регионот грабaат напред, во Крушево како да застанало времето. Речиси сѐ е исто, како и пред пет децении – од жичницата и ски-лифтовите, до ски-патеките, од кои денес во функција се само дел. Не се користат ниту топовите за вештачки снег, кои досега биле во функција само еднаш.
Со ски-центарот „Станич“ од почетоците, во 1974 година, раководеше комплексот хотели „Илинден“, сè до 2000 година, кога во транзицискиот период беше предмет на редица купопродажби, за конечно да прејде во сопственост на „Специјал градба ДООЕЛ Скопје“ со која управува крушевчанецот Кочо Стојчески. Во нивна сопственост се и двата хотели, „Панорама – спа“ и „Монтана“.
Стојчески за „Локал Актив Пелагонија“ вели дека досега инвестирале во изградба на нов ресторан, односно бачило, израмнување на патеките, нов адреналински парк за да може ски-центарот да работи 12 месеци. Се вложило и во зиплајн, вештачка карпа за планинарење, изработка на 4 километри и мапирање на 80 километри планински велосипедски патеки и други содржини за збогатување на понудата.
Стојчески, сепак, признава дека инфраструктурата на ски-центарот е истата од неговото формирање, но додава дека е во добра кондиција и ги задоволува барањата на бројноста на туристи.
„Сите патеки се во функција, но нивниот број е мал. За отворање нови, прво мора да се добие концесија. Ноќно скијање имаме кога тоа го дозволуваат временските услови, а топовите за вештачко оснежување се на општината. И покрај нашите барања, општината не ни ги даде да ги користиме, туку ѝ ги позајми на Општина Кавадарци. Се надеваме дека новото општинско раководство ќе си ја врати опремата и ќе има повеќе слух да може да ја користиме за да се продолжи ски-сезоната“, додава тој.
Топовите за вештачки снег дадени на Кавадарци
Бидејќи со скијачкиот центар стопанисува приватна компанија, ставањето во функција и користењето на опремата се надлежност на стопанисувачот, тврди градоначалникот на Општина Крушево, Нико Чонески. Тој сепак вели дека се подготвени да помогнат во нивното враќање од Кавадарци.
„Во однос на топовите за вештачки снег, тие се донација од АД МЕПСО, со цел унапредување на условите за скијање и продолжување на сезоната. Од причини поврзани со технички предуслови и организациски аспекти, тие не беа ставени во функција во изминатиот период и со одлука на Советот на Општина Крушево, од 2024 година ѝ се дадени на времено користење, без надоместок, на Општина Кавадарци, од за нас непознати причини. Општина Крушево останува подготвена, во секој момент и во согласност со условите и потребите, да ги стави топовите и придружната опрема во функција на развојот на зимскиот туризам во Крушево, доколку се обезбедат соодветни технички и организациски предуслови“, вели Чонески.
Концесионерот на ски-центарот, Стојчески, вели дека ниту еден странски или домашен партнер досега немал пројавено интерес за заедничко вложување во него.
„Станич и Крушево, по мое мислење, и денес се со најдобра понуда од сите центри во државата од проста причина што работиме 12 месеци. Со глобалното затоплување и нашата мала надморска височина, мислам дека зимските спортови без вештачки снег ќе станат мачење, но перспективата е во другите сезони и во алтернативниот и активен туризам, за што имаме целосна агенда за нови и подобри содржини“, додава Стојчески.

Тој смета дека нивните инвестиции во хотелиерството и угостителството биле на завидно ниво и го издигнале Крушево во препознатлива дестинација за одмор преку целата година.
„Можеме да се пофалиме дека само нашите хотели во 2025 година ги посетиле околу 20.000 домашни и странски туристи, што само по себе зборува дека Крушево има потенцијал за развој на секаков вид туризам, од параглајдерство, кој е водечки за привлекување странски туристи, до велосипедизам и скијање“, објаснува Стојчески.
Обиколница, паркинг и нови инвестиции
Сите општински власти досега, препознавајќи го импактот што туристите го даваат во локалната економија, во своите долгорочни стратегии и програмски документи го таргетираат ски-центарот „Станич“ како голем потенцијал.
Од Општина Крушево велат дека според своите надлежности, дејствуваат во насока да обезбедат поволна инфраструктура, патно поврзување со ски-центарот, па затоа велат дека еден од проектите што сигурно ќе се реализираат е обиколницата, која директно ќе води до терените.
„Во рамките на своите надлежности, Општина Крушево активно работи на подобрување на инфраструктурните услови што се од суштинско значење за развојот и функционирањето на локалниот економски развој, вклучувајќи го и скијачкиот центар. Во таа насока, планирана е изградба и уредување на обиколница околу Крушево, која поминува покрај ‘Станич’, односно пристапен пат до скијачките терени, со цел да се овозможи побезбеден и пофункционален пристап за посетителите“, вели првиот човек на градот, Чонески.
Предвидена била и изградба на паркинг-простор со приближна површина од 1.644 м2. Со него треба да се обезбедат 77 паркинг-места за автомобили, со дополнителни паркинг-места за автобуси.
„Пристапот до паркингот ќе биде преку посебна сервисна улица. Со тоа, ќе се подобри организацијата на сообраќајот и ќе се зголеми туристичката привлечност на локалитетот“, објаснува градоначалникот.

Во однос на осовременувањето и директните инвестиции во скијачкиот центар, Чонески додава дека Општина Крушево нема директна надлежност во делот на управување, модернизација или инвестиции во опремата и капацитетите на самиот скијачки центар, бидејќи со него стопанисува приватна компанија.
„Сепак, како локална самоуправа, остануваме отворени за институционална поддршка во рамките на нашите законски можности, особено во делот на инфраструктурата, урбанистичкото планирање и создавање поволна бизнис-клима, со цел да се поттикне и да се подобри инвестициската клима и да се унапреди туристичката понуда на Крушево“, вели Чонески.
Со цел обезбедување сеопфатен и плански развој на комплексот „Станич“, бил донесен детален урбанистички план за воннаселено место, врз чија основа се парцелизирале седум градежни парцели за изградба на мали објекти за вршење услужна и угостителска дејност и тие по пат на јавно наддавање им биле продадени на приватни инвеститори.
„Со ова, се создаваат реални предуслови за поттикнување на локалниот економски развој, отворање нови работни места и зајакнување на туристичката понуда, што ќе придонесе кон одржлив раст на економијата и афирмација на општината како атрактивна туристичка дестинација во текот на целата година“, ни изјави градоначалникот.
Во општинскиот документ „Интегриран локален развоен план 2025 – 2028“, големо значење им се дава на инвестициските активности во параглајдерството и змајарството, преку изградба на ново полетувалиште за параглајдери на месноста Црн Врв, за што веќе се обезбедени средства од фондовите на ЕУ. Но, во него се споменува и скијањето.

„Туризмот во Општина Крушево претежно е заснован на искористување на скијачките капацитети на ски-центарот Крушево, додека во помал обем е опфатен со организација на семинари и планински туризам. Алтернативниот туризам може да се дефинира како голема можност за развој на општината, но досега оваа можност не е искористена“, стои во овој локален развоен план.
Во изминатиот период, велат од Општина Крушево, меѓу позначајните инвестиции за постојниот ски-центар „Станич“, а во соработка со АД МЕПСО, биле обезбедени ратрак, снежна санка, шест снежни топови за преработка на вештачки снег, монтажни елементи за изведба на сноуборд рампи, целокупна инсталација за приклучок, ставање во функција и работа, а била поставена и инсталација за ноќно скијање. Инвестицијата била со вредност од 94 милиони денари.
Без пат и вештачки снег тешко до развој на зимскиот туризам
Ски-центарот „Станич“ е место каде што сите крушевчани, а и големиот број ученици од другите градови научија да скијаат. Овде во минатото се подготвуваа и членовите на тогашните ски-клубови, кои во рамките на поранешна Југославија освојуваа значителни награди. Еден од нив е и поранешниот репрезентативец во скијање Андон Ќечески, кој целиот живот е поврзан со ски-центарот „Станич“ и скијањето. Во 1968 година бил дел и од југословенската репрезентација на Олимпијадата во Гренобл. Тој смета дека Крушево не ги искористило потенцијалите со кои располага за развој на алпското и рекреативното скијање.
„Постојниот терен ‘Станич’ овозможува многу добри услови за рекреативно и детско скијање, како и за обука и школи за алпско скијање. Има и голем простор за нордиско скијање, каде што се направени специјални патеки. За квалитетно алпско скијање имаше една добра патека, која веќе не постои. Се викаше ‘Писти Окту’, од која една третина завршуваше во градот и се затвори, но потоа се отвори патеката ‘Долче’, која е под самата жичница и таа завршува во самиот град, во својот завршен дел. Целна рамнина е проблематично да се направи, но има друга алтернатива да се направи друг завој“, вели Ќечески.
За неискористените можности да се позиционира на мапата на врвни зимски центри, жалат и угостителите од Крушево. За Жан Шапе, сопственик на ресторан „Шапе“, зимскиот туризам е многу важен за развојот на Крушево.
„Во последниве години имаме проблем со снегот, затоа што некои сезони има снег, а некои нема, но во секој случај зимскиот туризам е многу важен за Крушево, затоа што Крушево од времето важи за еден од најзначајните туристички центри во Македонија. Ако не за професионалци, тогаш за аматери и за дечиња е идеално“, вели Шапе.
Тој смета дека Крушево има идеални услови да прерасне во одличен зимски центар, но потребни се многу поголеми инвестиции.

„Ние терените ги имаме, тие терени се пристапни и добри, само има еден проблем, а тоа е доаѓањето до нив. Постои земјен пат, кој е некако направен и пробиен, но кој во зимно време се уништува од возилата што поминуваат. За да се дојде до нив, еден човек со мали дечиња мора да ја посети и да ја користи жичницата. За да ја продолжиме зимската сезона, првенствено треба да направиме приоден пат до скијачките терени. Од чешмата на АРМ до терените за скијање има нешто повеќе од еден километар. Не е некоја филозофија да се стави тампон и асфалт, со неколку испусти за вода за да не се оштетува патот. Тогаш би им бил полесен приодот на туристите. За да биде подобро, да има повеќе туристи, има и топови за правење вештачки снег. На овие минусни температури, ако беа активирани топовите, ние ќе имавме продолжена сезона“, вели Шапе.
Дека потенцијалот е голем се согласува и Мишко Христоски, сопственик на сместувачкиот комплекс „Вила Гора“.
„За разлика од пред 10 години, на ски-терените е постигнат значаен напредок. Инвестиран е поголем износ на средства за нивно подобрување. Изграден е нов угостителски објект, набавен е нов ратрак и отворен е адреналински парк. Потенцијалот е огромен, но, за жал, не е постигнат договор за користење на снежните топови, кои се клучни за зимскиот туризам во Крушево. Со оглед на тоа дека се наоѓаме на 1.200 метри надморска височина, а со климатските промени снегот станува помалку достапен, Крушево е идеално место и има потенцијал за детски ски-центар, каде што би се зголемил бројот на ски-школи и семејства со деца што сакаат нивните деца да научат да скијаат“, вели Христоски.
„Мусица“ – скијачки центар што со децении чека реализација
За поголеми амбиции и уште поголем развој на зимските спортови, Крушево ја има на располагање блиската планина Мусица, која е со идеална надморска висина од 1.800 метри.
„На северната падина има можност да се направат патеки. Но, тоа е голема инвестиција. Потребен е попрофесионален однос на сите одговорни“, објаснува поранешниот скијач Ќечески.
За ски-терените во Станич, како и за можноста за негово проширување и поврзување со потенцијалниот ски-центар „Мусица“, во 2006 и 2007 година се интересираше и легендата на југословенското скијање Бојан Крижај, кој во три наврати го посети Крушево.

Потенцијалот за инвестирање во ски-центар „Мусица“ е забележан во 80-тите години на минатиот век, кога „АКАУ“, кооперативно одделение за архитектура и урбанизам од Женева, Швајцарија, изработи и Физибилити студија за развој на зимските спортови во Крушево, во која се предвидува изградба на една жичница и шест ски-лифтови кои опслужуваат седум ски-патеки со различна должина. Од најкусата – 720 метри, до најдолгата – 2.200 метри.
Развојниот проект на ски-центарот „Мусица“ доби поддршка и од Владата на Република Македонија, а УНДП и Агенцијата за странски инвестиции го избраа за еден од 15-те владини инвестициски проекти во 2006 година. Ски-центарот „Мусица“ беше промовиран и на „Реал експо“ во Минхен, Германија, како еден од 10-те приоритетни проекти на Владината програма „Инвестирајте во Македонија“ во 2007 година. Последен официјален документ е физибилити студијата изработена од Општина Крушево во 2008 година, во која се дадени основните параметри за инвестицискиот циклус и неговата одржливост.
„Базирајќи се во понудата на Општина Крушево, Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски даде преддоговор за одобрување на средствата за подготовка на проект за урбанистичко планирање. Министерството за економија – Сектор за туризам во својата програма за промоција и туристичка понуда на Македонија обезбеди финансиски средства за промоција на ски-центарот „Мусица“, стои во документот за Мусица од 2008 година.
Со документот се предвидува вкупната инвестиција за ски-центарот „Мусица“ да биде 10 милиони евра.
Месноста Мусица се наоѓа на 15 километри од Крушево. До манастирот „Преображение“ е изграден асфалтен пат, со што е подобрен пристапот до терените каде што снег има и до април. Засега овој план, кој е од големо значење за развој на Крушево, е останат само на хартија.
Но, локалните власти во Крушево не се откажуваат од него. Велат дека планот за изградба на скијачки центар кај локалитетот Мусица и понатаму останува како стратегиска определба во развојот на зимскиот туризам во Крушево.
„За оваа намена, во минатото е изработена соодветна студија, која претставува основа за понатамошни активности. Сепак, реализацијата на ваков капитален проект зависи од повеќе фактори – обезбедување финансиски средства, интерес од потенцијални инвеститори, како и усогласување со законските и планските документи. Општина Крушево останува посветена на изнаоѓање можности за активирање на овој проект во соработка со релевантни институции и заинтересирани инвеститори“, вели градоначалникот на Крушево, Чонески.
И угостителот Жан Шапе смета дека проектот „Мусица“ ќе биде од голема корист за Крушево.
„Тогаш ќе имаме туризам од висок ранг, каде што ќе се организираат светски и европски првенства. Само таа инвестиција е голема, но не е краткорочно исплатлива. Во Крушево нема брзи бизниси. Има добри услови за да биде сезоната подобра“, вели Шапе.
Уште во 2011 година е донесен и урбанистички план за воннаселени места Крушево и Македонски Брод за ски-центар за алпско скијање „Мусица“, со што се создадени првични услови за инвестиции во него.
Државните институции без јасен план за развој на крушевскиот туризам
Од Владата велат дека Крушево има потенцијал за развивање на концептот за одржлив туризам, спроведување соодветна туристичка и инвестициска промоција, збогатување на туристичката понуда, како и за инвестирање во инфраструктура и во човечки ресурси како значаен предуслов за развојот на туризмот.

Но, оттаму не одговорија директно на нашите прашања: Дали во Владата постои план и стратегија како да му се помогне на Крушево и на ски-центарот и тој да им се понуди на странски инвеститори, односно дали досега се водени разговори со потенцијални инвеститори и кои се тие. Наместо тоа, тие се повикуваат на програмата на градоначалникот.
„Во програмата на градоначалникот се наведени приоритетни проекти, како што е изградба на пристапен пат – скијачки терени ‘Станич’, изградба на обиколница околу Крушево, подобрување на патната инфраструктура во Општина Крушево. Со унапредувањето на туризмот е опфатена и изградба на патишта до новите параглајдерски полетувалишта, реконструкција на градскиот пазар, ревитализација на ‘Крушевска чаршија’, реконструкција на спортските терени во близина на езерото во Крушево. Во планот за локален развој е и уредување на спортско-рекреативен центар ‘Станич’, инфраструктура за ски-центар ‘Мусица’, доградба на ски-патеката ‘Долче’ и осветлување на спортската ски-патека ‘Долче’“, велат од Владата.
Прашавме и во надлежното Министерство за култура и туризам, кое треба да се грижи за развојот на туризмот во Македонија, дали постои план и стратегија како да му се помогне на ски-центарот во Крушево, преку инвестиции и вложувања во него, дали е во план да им се понуди на странски инвеститори и дали министерот за култура и туризам лично ќе се интересира за состојбата во ски-центарот Станич. Но, од таму не добивме одговор.
Нема снег, нема ниту скијање во Крушево
Од година во година, во Крушево има сѐ помалку снег. Оваа зима сезоната на скијање беше меѓу најкратките во последните години. Скијање имаше само три недели. Тоа беше причина зошто сместувачките капацитети не беа исполнети на посакуваното ниво.
„Зимската сезона е прилично важна за нас. Децата тогаш имаат распуст, доаѓаат луѓе од цела држава и имаме доста работа, цел јануари ни е посетен со гости претежно од нашата земја.Во последните години има сѐ помалку снег. Снег врне на поголемите надморски височини, па сега треба да се насочиме и на други активности за да привлечеме повеќе туристи. Имаше еден убав настан што десетина години наназад се одржуваше во зимскиот период. Тоа беше ‘When in Krushevo‘, каде што со музика, велосипеди, адреналински и други активности се привлекуваа многу гости. Мислам дека такви настани треба да се поддржат, каде што се испреплетуваат повеќе активности со кои Крушево изобилува“, вели Нули Костоска, сопственичка на пицеријата „Скар“ во Крушево.
Оваа зима големо внимание, особено од посетители од околните градови, предизвика манифестацијата „Празничниот шепот на крушевската чаршија“.
Крушевчани сметаат дека Крушево низ годините било оставено без посериозни инфраструктурни инвестиции во зимскиот туризам, кои ќе ги подобрат условите за скијање. Но, се надеваат дека новите сопственици ќе продолжат да вложуваат во нови содржини и со тоа да го модернизираат „Станич“.
Денес, кога најмногу треба да има скијање, многу често го нема, затоа што сѐ зависи од природата, дали ќе има снег, а ски-лифтовите понекогаш се во дефект поради староста.
Сепак, сите во Крушево се едногласни дека решението лежи во едно, а тоа е државата да стави рака на Крушево, преку сопствени инвестиции или по пат на јавно приватно партнерство. На тој начин, велат, можностите и перспективите на Крушево како ски-центар од висок калибар конечно да станат реалност.
* Лефкија Гажоска е активистка од ФЕЕЛ Крушево
** Мики Трајковски е новинар
Сторијата „Крушевскиот ски-центар замрзнат во времето“, е преземена од Локал актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.