Додека светот вниманието го насочува кон Блискиот Исток и Персискиот залив, на Балканот тивко се гради нова геополитичка линија на поделби. Регионот не е во војна, но не е ни во стабилен мир. Напротив – се создава атмосфера на „ладен конфликт“ со јасно дефинирани блокови, вооружување и реторика што потсетува на минатото.
Во центарот на оваа нова криза повторно е Србија – како регионален играч што балансира меѓу Истокот и Западот, ама со погледот постојано свртен кон Москва.
На линијата Белград-Загреб ситуацијата се вжештува: претседателот Вучиќ тврди дека ја следи тесно одбранбената кооперација меѓу Хрватска, Албанија и Косово, односно т.н. трилатералниот договор потпишан во март 2025 во Тирана. Но, тој отиде дури и чекор понатаму и предупредува дека „тие чекаат погоден момент“ и но дека Србија е подготвена за тој потенцијален напад.
Во својата реторика Вучиќ ги истакнува новите оружени системи во арсеналот: Србија, како што објави, ја има првата хиперсонична ракета во Европа – кинески CM-400AKG со домет до 400 км.
Оската Белград – Пекинг – Москва
Последните потези на Србија укажуваат на јасна стратегија: јакнење на воената моќ со поддршка од Истокот. Набавката на напредни ракетни системи од Кина (вклучително и системи со суперсонични способности) го менува балансот на сила во регионот.
Паралелно, Русија продолжува да ја користи Србија како клучна точка за влијание на Балканот – не толку преку директна воена поддршка, туку преку политичка, енергетска и медиумска стратегија. За Москва, нестабилен Балкан значи одвлекување на вниманието од други фронтови.
Според аналитичарите, Русија „ја користи секоја можност да внесе раздор во НАТО“ и го гледа Балканот како атрактивен театар за агитација токму поради „традиционалното пријателство на Србија“ со неа. Тоа значи дека конфликтот Србија–Косово не ѝ одговара да се реши: како што предупреди Саморуков, Кремљ сака фокусот да остане на непроменети граници и реваншизам, за да го одржува својот углед во регионот.
Во исто време, стариот континент гледа во Русија спонзор што е готов повторно да заплеткува или зацврстува меѓуетничките јазли (поради енергетските врски и историските врски) за да се зацврсти во Белград.
Контра-блокот: Тирана – Приштина – Загреб
Некои аналитичари сметаат дека „регионалната оска“ Албанија – Косово – Хрватска, всушност, е формирана за да биде противтежа на влијанијата на Русија и на оркупнувањето на Србија како регионална суперсила.
Договорот за соработка во одбранбените политики меѓу овие три земји не е формален воен сојуз, но испраќа јасна политичка порака: координација и заедничка безбедносна рамка наспроти растечката моќ на Белград.
Хрватска, како членка на НАТО и ЕУ, игра клучна улога во „преведување“ на регионалните безбедносни стравови кон западните сојузници. Косово, пак, останува најчувствителната точка – со хронични тензии со Србија што повремено ескалираат. Токму затоа станува дел од оваа тројка.
Србија – Хрватска: реторика што не мирува
Односите меѓу Србија и Хрватска повторно се вжештуваат – со дипломатски препукувања, историски ревизии и меѓусебни обвинувања.
Иако директен конфликт е малку веројатен поради НАТО рамката, ваквата реторика ја одржува перманентната нестабилност. За Москва, ова е идеален амбиент: поделени соседи, недоверба и блокирана регионална соработка.
Невидливиот фактор: Бугарија и трката за влијание
Во сенка на главните тензии, Бугарија игра специфична улога. Како членка на ЕУ и НАТО, таа формално е дел од западниот блок, но истовремено има сопствени регионални амбиции.
Историски, Бугарија и Србија се натпреваруваат за културно, политичко и економско влијание на Балканот. Денес, оваа конкуренција се манифестира преку дипломатски позиции, енергетски проекти и односите со соседите – особено со Северна Македонија.
Во последните три години поради бугарскиот став кон Македонија, освен внатрешните реформски слабости за постигнување на европските стандарди, Софија го држи „клучот“ за напредокот на Скопје кон ЕУ и не отстапува додека „соседите не ги исполнат обврските“: уставно признавање на бугарската заедница во Македонија и доследно почитување на Договорот за пријателство и соработка од 2018 година. Во Македонија тоа ја создаде широката перцепција дека Бугарија е „најголемата закана“ за нашата земја.
Македонија на шаховската табла: набљудувач или играч?
Позицијата на Северна Македонија е деликатна, но не и безначајна.
1. Дали да остане посматрач?
Во ваква конфигурација, пасивноста носи ризик. Географски и политички, државата е дел од западниот безбедносен систем, но опкружена е со земји со кои има отворени прашања. Ако остане „невидлива“ може да ги изгуби и можностите за влијание.
2. Односите со Бугарија – клуч за стабилност
Она што очигледно сѐ уште не е научена лекција е дека намалувањето на тензиите со Бугарија не е само билатерално прашање, туку регионална безбедносна инвестиција. Да, дипломатија со јасни црвени линии, но и прагматизам, може да ја позиционира Северна Македонија како фактор на стабилност, наместо како „слаба алка“.
3. НАТО како стратешки штит
Членството во НАТО се покажува како најдалекувидниот потег во последните децении. Во услови кога Србија се вооружува, а Русија игра на картата на нестабилност, безбедносниот чадор на Алијансата е клучен.
Дополнително, глобалните тензии – од Блискиот Исток до Персискиот залив – го зголемуваат значењето на стабилни НАТО позиции на Балканот. Во таа смисла, Северна Македонија не е периферија, туку дел од поширока стратешка мрежа.
Балканот како огледало на светот
Новата геополитичка мапа на Балканот не е изолиран феномен – таа е одраз на глобалните судири. Локалните тензии се хранат од глобални интереси, а старите конфликти добиваат нови актери.
Прашањето не е дали регионот ќе влезе во отворен конфликт, туку колку долго ќе остане во оваа состојба на контролирана нестабилност.
Северна Македонија е пред избор: Да биде пасивен сведок на туѓи игри или активен фактор што гради стабилност во регион што повторно станува турбулентна геополитичка раскрсница.
Владата е на потег.
З.Б.
