Зоолошката градина во Битола веќе две децении функционира во систем на поделени надлежности, каде што институционалната одговорност е нејасна, а развојот постојано одложуван. Иако локалната самоуправа управува со установата, а државата ги исплаќа платите, во практика ниту една институција нема целосна контрола врз нејзиното функционирање, што резултира со недостиг на кадар, ограничени инвестиции и бавен напредок.
Автори: Диоген Хаџи-Коста Милевски* и Филип Етмишовски**
Mинатата година Зоолошката градина во Битола скромно одбележа 75 години од своето основање во 1950 година. Таа, заедно со онаа во Скопје, се единствените јавни установи од ваков тип во државата.
Единствен е можеби и моделот на функционирање. Имено, она што е специфично за Зоолошката градина – Битола, како и за онаа во Скопје, е тоа што институцијата е правно регистрирана како јавна општинска установа, управувањето и финансирањето се вршат од локалната самоуправа, додека Министерството за култура и туризам е формален работодавец на вработените. А, тие имаат ист статус на даватели на јавни услуги во културата, исто како и вработените во театрите, музеите и библиотеките.
Од општи работници од „Македонски шуми“ до ЗОО-негуватели
Зоолошката градина во моментов располага со приближно 200 единки животни, а за нив се грижи со 11 вработени, вклучувајќи го и директорот. Од нив осум се ЗОО-негуватели, еден магационер, а нема ниту еден административен работник.
Последниот примен кадар е од пред десетина години и не е по пат на вработување по оглас, туку преземање од ЈП „Македонски шуми“. Па, така, некогашните општи работници во јавно претпријатие станаа самостојни ЗОО-негуватели, кои никогаш не поминале низ обука за работното место.

„Затекнав ЗОО-негуватели што воопшто не беа обучени и не беше инвестирано во нивните работни способности. Во една година им организирав две обуки. Едната во Белград и едната во Скопје, а годинава најверојатно ќе одат во Загреб. Но, сето тоа е малку и потребно е континуирано усовршување“, објаснува Жарко Тренковски, директор на Зоолошката градина во Битола.
За споредба, во Зоолошката градина во Скопје според систематизација се предвидени 55 работни места, а во моментов се пополнети 49 работни места, од кои 21 се самостојни ЗОО-негуватели од вкупно 23 предвидени такви работни места.
Проблемот со кадарот е бирократски, ама и образовен
Зоолошката градина секоја година носи План за вработување, кој редовно го усвојува Советот на Општина Битола. Овој план потоа се упатува во Министерството за култура, кое треба да го одобри, а потоа и да обезбеди согласност од Министерството за финансии.

„Од 2005 година кога Зоолошката градина е со поделена надлежност, оваа установа се соочува со сериозен недостиг на кадар. Советот на Општина Битола секогаш дава поддршка на планот за вработување, но следната инстанција во министерствата не ги одобрува. За оваа година веќе има позитивни сигнали, но нема временска рамка кога Министерството ќе ги одобри“, тврди Бојан Бојковски, претседател на Советот на Општина Битола.
Позитивни сигнали дојдоа неодамна од министерствата за финансии и за култура, кои одобриле вкупно 12 вработувања што треба да се реализираат годинава. Со новите вработувања, Зоолошката градина го решава еден од своите најголеми проблеми, но не целосно.
Обезбедени се административни позиции, неколку ЗОО-негуватели, а за првпат Зоолошката градина ќе добие ветеринар и ветеринарен техничар. За волја на вистината, Зоолошката градина никогаш не останала без ветеринарна грижа, но тоа и во моментов е од надворешен ветеринарен доктор, со кој институцијата има склучено договор и кој двапати седмично ги обиколува животните.
Тешко достапен стручен кадар
Дел од проблемот со вработувањата, покрај бирократски, е и образовен. Иако во градот има Ветеринарен факултет и десетина ветеринарни амбуланти, недостига практично искуство за грижа на диви животни.
Покрај овој тип стручни соработници, во систематизација на Зоолошката градина Битола се предвидени и работни места за стручни соработници: зоолог и биолог што на пазарот на трудот се исклучително ретки, а во Пелагонискиот Регион речиси ги нема.

Ова е проблем со кој се соочува и Зоолошката градина во Скопје, каде што исто така нема вработен ветеринарен лекар, иако е предвидено едно работно место во нивната систематизација. Но, таму за разлика од Битола, веќе имало вработено барем еден ветеринарен техничар. Според нивната систематизација, пак, не се предвидуваат работни места за стручни соработници зоолог и биолог. Иако во главниот град е Природно-математичкиот факултет, а има и Факултетот за ветеринарна медицина.
Државна надлежност на хартија, локален товар во практика
Со децентрализацијата во 2005 година, Општина Битола станува основач на Општинската јавна установа „Зоолошка градина – Битола“. Недвижните ствари, опремата, вработените и другите средства за работа се пренесоа од Владата кон Советот на Општина Битола.

Според статутот, а во согласност со Законот за култура и со Законот за установите, Зоолошката градина има својство на правно лице што врши дејност од областа на културата како дејност од јавен интерес. Па, така, ресорно министерство е сегашното Министерство за култура и туризам, каде што според внатрешната организација ниту еден сектор и одделение во практика не се надлежни за Зоолошката градина. Единствено преку Секторот за финансиски прашања се исплаќаат платите на вработените, кои во согласност со Колективниот договор за култура се даватели на јавни услуги во културата. И овде завршува надлежноста, но и можноста на ова министерство да ја контролира и да ја унапреди работата на оваа установа.

„Зоолошката градина е под надлежност на Министерството за култура и туризам, па така дел од средствата се изделуваат преку ставка на Министерството и се наменети за плати на вработените. А Општина Битола соодветно на своите можности издвојува средства од буџетот за да може да функционира Зоолошката градина“, појаснува советникот во Општина Битола, Бојан Бојковски.
Со исплатата на платите, Министерството за култура и туризам повеќе нема буџетски ставки за финансирање на Зоолошката градина. Како и со секторите и одделенијата во Министерството, така и во конкурсот за годишна програма, ниту една од програмите не е соодветна за финансирање на зоолошките градини.
„Ние правиме годишна програма за работа и ја носиме во Советот на Општина Битола и работата тука се завршува. Министерството за култура секоја година објавува јавни повици за годишната програма, таму има многу ставки, но за зоолошки градини нема ниту една во која ние можеме да аплицираме. Додека, пак, Министерството за животна средина и просторно планирање има проекти во областа на заштита на биодиверзитетот. Но, ние таму не можеме да конкурираме бидејќи не припаѓаме во надлежноста на ова министерство“, вели директорот на Зоолошката градина Тренковски.
По една деценија се реактуализира проектот за нови живеалишта
Највидливиот проблем за кој со години реагираат граѓаните и здруженијата за заштита на животните, се условите за чување на животните и нивните живеалишта.
Најголемите инвестиции во инфраструктурата на Зоолошката градина во Битола во поново време се реализирани со проект од 2012 година, а го спроведе Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион.

Тогаш беа изработени основни проекти и техничка документација за сите живеалишта во Зоолошката градина во Битола, паркинг, едукативен центар и ресторан. Проектот беше аплициран и реализиран преку Министерството за локална самоуправа и Бирото за регионален развој, во рамките на програмата за прекугранична соработка со Грција. Процесот траеше околу 14 месеци, а партнери беа Зоолошката градина во Битола, Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион и Општина Битола од македонска страна, а од грчка страна Регионалната развојна агенција АМФЛО и Општина Лерин.
Се изградија живеалишта за лисица, рис, мечка, мајмуни, нилски коњ и лав. Преку овој проект беа изградени влезот и билетарницата на Зоолошката градина. Сите активности во овој проект застанаа во 2015 година, откога се реализирани многу малку градежни работи во установата.
Проектот се реактуализира со доаѓањето на актуелниот директор Жарко Тренковски, кој од ЦРППР ги побарал проектите и ги реажурирал со нови предмер пресметки.

На повикот за искористување на средствата од втората транша од „Унгарскиот“ кредит, Општина Битола аплицираше со два проекта за изградба на живеалишта во Зоолошката градина во Битола, и тоа живеалиште за копитарите во вредност од 9.634.336 денари и терариум за влекачите со вредност од 8.994.667 денари.
„Станува збор за проекти што се во согласност со постојниот генерален урбанистички план. Јас по доаѓањето на функцијата ги ревидирав проектите, а Општина Битола ги аплицираше до Владата. Јавната набавка за живеалиштето за копитари и за терариумот е во тек. Но, првиот и вториот обид беа неуспешни“, објаснува Тренковски.
Ќе се почека за едукативниот центар и за другите живеалишта
Според информациите од Бирото за јавни набавки, Општина Битола на 18 декември 2025 година распишала јавна набавка за изведувач на двете живеалишта. Но, била поништена на 5 февруари 2026 година од причина што не е поднесена ниту една прифатлива понуда. Постапката ќе се повтори уште еднаш.
„Со завршувањето на овие две живеалишта, во некој од наредните буџети ќе се издвојат средства за некои од другите живеалишта. Многу е битно да се завршат прво тие за да може да се изградат придружните елементи какви што се пристапни патеки и заштитна ограда. До крајот на мандатот во 2029 година сигурно ќе се издвојат средства и за некое од живеалиштата за поатрактивните животни“, ветува првиот човек на Советот, Бојковски.

Покрај споменатите две живеалишта, годинава ќе се гради и живеалиште за фламингоси, а како следен приоритет е живеалиштето за волци, кое се очекува да се изгради во 2027 година. И за двете инвестиции планот засега е да се градат по пат на донации.
Со последниот развој на ситуацијата, Зоолошката градина во Битола во следните неколку месеци ќе го реши проблемот со недостигот на кадар. А годинава, според најавеното, би требало да се изградат и три нови живеалишта.
Според споменатиот проект за градба, меѓу другото, сега остануваат неизградени живеалиштата за волк, леопард, лемури, ној и за кенгури. А засега не се споменува едукативниот центар, кој е особено важен имајќи предвид дека Зоолошката градина според статут е основана како јавна дејност што опфаќа едукација и информација, преку презентирање на дивиот свет пред пошироката јавност, која во случајов го опфаќа целиот Пелагониски и Југозападен регион на Македонија, но и Албанија и северниот дел на Грција, што, пак, исто така е потенцијал за зголемување на туризмот.
* Диоген Хаџи-Коста Милевски е активист од организацијата Центар за европски развој и интеграција – Битола
Текстот е преземен од Локал Актив Пелагонија, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.
