За земја со околу 180.000 земјоделски производители, со сè поизразени топлотни бранови, помалку летни врнежи и сè поголем ризик од суша и мраз, адаптацијата кон климатските промени веќе не е прашање на избор – таа е нужност. Светскиот ден на метеорологијата, 23 март, затоа е и предупредување и повик за дејствување. Последната деценија, 2011-2020, е најтоплата од почетокот на метеоролошките мерења во земјата, а регистрирани се и повеќе од 14 дополнителни денови со топлотни бранови. Проекциите покажуваат пораст на температурите до 2050 година и намалување на врнежите, особено во лето, што за земјоделството значи помала предвидливост и поголем ризик.
Професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) предупредува дека проблемот не е само во количината на врнежи, туку и во нивниот сè понеповолен распоред.

– Врнежите, за жал, се намалуваат, не само по вкупна количина, туку и по својот распоред, што е особено неповолно за земјоделството. Во периодот на вегетација ќе има уште помалку вода, а во исто време ќе се соочуваме и со поплави, бидејќи врнежите ќе бидат поретки, но поинтензивни. Почесто ќе има и мраз, но и суши и топлотни бранови. Промените имаат силно негативно влијание врз земјоделството, кое е директно изложено затоа што се одвива на отворено, каде што климатскиот ризик брзо и силно се претвора во штета. Мораме напредните технологии и практики да ги донесеме на нивите ако сакаме да ја обезбедиме иднината на нашите деца, затоа што промените што нè очекуваат се сериозни. Толку сериозни, што постои ризик и онака чувствителните и сушни подрачја во земјата дополнително да се прошират и уште посилно да нè погодат. Mора да бидеме подготвени. Ова е моментот кога треба да се дејствува. Ако чекаме промените целосно да нè стигнат, тогаш веќе ќе биде предоцна – посочува Чукалиев.
Стеван Орозовиќ, извршен директор на Националната федерација на фармери, вели дека земјоделците во последните години најмногу се соочуваат со зголемени температури, долги сушни периоди, нестабилни врнежи и појава на мраз во критични периоди од вегетацијата.

– Овие појави сериозно го нарушуваат планирањето на производството, бидејќи земјоделците не можат прецизно да ги предвидат условите за сеидба, наводнување и жетва. Како резултат на тоа, се намалува и квалитетот и квантитетот на земјоделското производство. Климатските промени имаат директно негативно влијание и врз земјоделството и врз сточарството, што доведува до намалено производство на храна, а со тоа се доведува во прашање и одржливоста на земјоделските стопанства. За земјоделците најважни се инвестициите во рехабилитација и модернизација на системите за наводнување, бидејќи водата станува клучен ресурс за производство на храна. Потребна е и поголема поддршка за воведување зелени иновации и нови технологии во земјоделството, како и едукација на производителите за адаптација кон климатските промени. Клучна е и поголемата соработка помеѓу институциите, научната заедница и граѓанските организации за да се обезбеди одржливо и отпорно земјоделство – појаснува Орозовиќ.
На ова се надоврзува и Ирена Џимревска, советничка за земјоделство во Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), која посочува дека фактите за Северна Македонија веќе јасно ја покажуваат насоката во која се движи климата и што тоа значи за земјоделството.
– Податоците и фактичката состојба во Северна Македонија покажуваат јасни знаци на климатски промени, вклучително и рани пролетни температурни осцилации и штети од мраз, почести и подолготрајни топлотни бранови, долги сушни периоди и екстремни врнежи. Овие услови веќе влијаат врз земјоделството преку недостиг на вода, поплави, намалени приноси, послаб квалитет на производите, како и појава на нови штетници и болести – посочува Џимревска.

Во ваков контекст, Регионалното климатско партнерство меѓу Германија и Западен Балкан е важна платформа за заеднички одговор, размена на знаења и унапредување на отпорноста на земјоделството во регионот. Германската поддршка преку GIZ ги поврзува политиките со практиката – на национално ниво во сите шест земји се поддржува развој на политики за климатска адаптација во земјоделството, додека во Северна Македонија поддршката се надополнува и со пилот-проект кој демонстрира конкретни решенија.
– Соработката со Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје за спроведување на овој пилот проект вклучува тестирање различни алатки и методи за адаптација. Оваа поддршка е важна затоа што ја спојува анализата, политиките и практиката на едно место – додава Џимревска.
Во рамки на пилот-проектот се тестираат прецизно наводнување, покривни култури, климатски поотпорни сорти, заштита од мраз, заштитни мрежи, како и моделирање и софтверски алатки. Паралелно, се работи и на јакнење на капацитетите на земјоделците. Во таа насока, професорот Чукалиев нагласува дека проектот не е само тестирање технологии, туку и создавање јавна база на знаење што ќе им биде достапна на земјоделците.
-Сите овие технологии што ги применуваме треба да го најдат својот пат до земјоделските производители и нивните ниви, така да работиме на подготовка на упатства за користење за фармерите. Сите материјали и резултати од проектот ќе бидат јавно достапни. Понатаму, сознанијата и советодавните материјали ќе бидат пренесени до Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделство. Значи, секоја технологија ќе ја тестираме, ќе биде и документирана и пренесена до соодветните служби, кои понатаму треба да ги поддржат земјоделците кога некој сака да ја примени соодветната технологија кај себе во нива. Сакаме да ги поттикнеме експертите од земјоделскиот сектор, како и од секторите кои што се сродни со земјоделството да ги интензивираат своите активности кон градење на капацитетите за прилагодување кон климатските промени и да ги направиме сите податоци со кои што располагаме отворени и достапни за сите заинтересирани, запазувајќи ги принципите на отворената наука и отворените публикации. Тоа значи дека целта не е само да се покаже што функционира, туку знаењето да се пренесе пошироко и да стане употребливо – појаснува Чукалиев.
Во услови кога климатските промени веќе директно го менуваат начинот на производство на храна, на македонското земјоделство му се потребни побрза адаптација, посилна институционална поддршка и практични решенија што ќе стигнат до секој производител. Токму затоа, поврзувањето на метеоролошките информации, науката и применливите технологии станува клучно за поотпорно, поодржливо и поконкурентно земјоделство во Северна Македонија.
