Цените на нафтата и природниот гас забележаа умерено стабилизирање и благ пад на светските пазари, откако поранешниот американски претседател Доналд Трамп соопшти дека за пет дена го одложува евентуалниот воен удар врз иранските енергетски капацитети, оставајќи простор за дипломатско решение и прекин на ескалацијата во Персискиот Залив.
Според аналитичарите, самата најава за одложување на нападот делумно ја намали таканаречената „геополитичка премија“ која претходно ги туркаше цените нагоре. Стравувањата дека конфликтот може директно да ги загрози клучните извозни рути за нафта, особено низ Ормутскиот теснец, засега се ублажени.
Нафтените берзи реагираа со корекција: цената на барел сурова нафта се повлече од неодамнешните пикови, додека европските фјучерси за природен гас исто така бележат намалување поради очекувањата дека нема да дојде до итно нарушување на снабдувањето. Пазарите, очигледно, остануваат крајно чувствителни на секоја нова изјава или сигнал од Вашингтон и Техеран.
Цената на сировата нафта за спушти на 84,6 долари, Брент нафтата 96,6 долари, а цената на гасот се намали за 2,5%.
„Ова е класичен пример како политичките одлуки директно се рефлектираат врз енергетските пазари. Самото одложување не значи решен проблем, туку купување време“, оценуваат трговци со енергенси, предупредувајќи дека ризикот не е елиминиран, туку само одложен.
Иран, како значаен производител во рамки на ОПЕК, игра важна улога во глобалната понуда на нафта, а секоја закана за неговата инфраструктура веднаш се пресликува врз цените. Дополнително, евентуален воен конфликт би можел да ги вклучи и други регионални актери, што би предизвикало поширок шок на пазарите.
За европските економии, вклучително и Северна Македонија, ваквите движења носат двоен ефект. Краткорочното смирување на цените е позитивен сигнал за инфлацијата, но неизвесноста ја отежнува прогнозата за трошоците на енергија во наредниот период.
Аналитичарите очекуваат дека во следните неколку дена пазарите ќе се движат во тесен опсег, со нагли реакции на секоја нова информација. Клучното прашање останува: дали дипломатскиот прозорец што го отвори одложувањето ќе доведе до деескалација – или само ќе ја одложи следната ценовна турбуленција.
