Семејното насилство расте, државата пак доцни, Тошковски најавува законски измени

Тошковски

Семејното насилство во Македонија последниве недели повторно ја отвори најнепријатната слика за државата: бројот на пријави расте, а институциите дури сега признаваат дека проблемот одамна не е изолиран. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска изјави дека наместо еден до два случаи неделно, сега има по неколку случаи дневно и повеќе од 10 пријави само викендов, најавувајќи итни законски интервенции и целосна ревизија на системот.

Но, полициските билтени и извештаите од последните недели покажуваат дека алармот не се вклучил денес. МВР на 8 март соопшти дека за само две недели поднело 21 кривична пријава за 25 кривични дела поврзани со семејно насилство и уште пет пријави за родово базирано насилство, при што биле изречени и пет мерки притвор. Само два дена подоцна медиумите објавија дека во неколку дена биле евидентирани 14 пријави, а на 15 и 21 март беа регистрирани уште седум случаи во едно деноноќие и осум пријави за два дена.

Најтешкиот дел е што бројките растат паралелно со признанијата дека системот не функционира како што треба. По трагичниот случај во Карпош институциите формираа работна група за итни измени на повеќе закони, но само осум дена подоцна парламентарното мнозинство повторно не ги изгласа измените што предвидуваа електронски нараквици за следење на сторителите. Во меѓувреме, активистите предупредија дека мерките за заштита постојат само на хартија и дека државата со години не обезбедува доволно човечки и финансиски ресурси за тие да профункционираат во пракса.

Затоа владините пораки дека жртвите се охрабрени да пријавуваат се само половина од вистината. Според домашните анализи базирани на бројките на МВР, во 2025 година 4.745 жени пријавиле семејно насилство, додека на 5 март беше соопштено дека во првите два месеца од 2026 веќе имало четири фемициди. Кога на тоа ќе се додадат и податоците дека Македонија е трета во Европа по бројот на убиства на жени од нивните интимни партнери, станува јасно дека проблемот не е само во охрабрувањето на жртвите, туку и во тоа што државата предолго реагира дури откако насилството ќе стане статистика или трагедија.

Зачлени се на нашиот е-билтен