Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на брифинг со новинарите претстави дел од новата партиска програма, со силен акцент на платите, пензиите и даночната политика. Во настапот рече дека партијата нуди „нов социјален договор“, во кој растот на профитот кај компаниите треба да значи и раст на платите, а државата да ги наградува фирмите што ги зголемуваат примањата на работниците.
Во истото обраќање Филипче зборуваше за, како што ја нарече, „инфлацијата на алчноста“, тврдејќи дека во услови на криза големите компании и банките прават високи профити, додека работниците тешко го следат растот на трошоците. Порача дека економијата не смее да работи само во корист на капиталот, туку и во корист на луѓето што живеат од плата и пензија.
Како дел од мерките, СДСМ најавува пораст на платите, 50 отсто повисоки пензии во рок од еден мандат и даночни олеснувања за фирмите што ќе ги покачуваат платите. Во програмата се најавува и намалување на, како што беше речено, данокот на чесниот труд, додека повисоко би се оданочувале луксузот и вишокот.