Жените од маргинализирани заедници сè уште ретко бараат заштита од дискриминација и покрај постоењето на законска рамка и институционални механизми – покажуваат наодите од мониторингот презентирани на регионалниот форум „Платформа за вклучување на маргинализираните жени во општеството и зајакнување на соработката“, организиран од Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Настанот обедини претставници на институциите, граѓанскиот сектор и меѓународната заедница, со цел да се отвори јавна дискусија за реалниот пристап до заштита од дискриминација и предизвиците со кои се соочуваат жените од маргинализираните заедници.
На форумот беше презентиран извештај од мониторингот на постапувањето на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) со фокус на маргинализираните жени. Извештајот укажува на значителен јаз помеѓу формалната правна рамка и практичниот пристап до правда.
Во периодот на мониторингот од јули 2024 до септември 2025 година, пред КСЗД биле поднесени вкупно 643 претставки. Од нив, 234 претставки (36 %) се поднесени од жени. Само 14 претставки, односно околу 2 % од вкупниот број, се поднесени од жени од маргинализирани заедници, и тоа исклучиво од жени од рурални средини. Овој податок укажува на сериозна институционална невидливост на жените кои се соочуваат со повеќекратни форми на дискриминација.
„Поддршката за еднаквост и недискриминација е суштинска за развој на демократско и инклузивно општество. Важно е системите за заштита да бидат достапни за сите, особено за оние кои се најранливи“, изјави швајцарскиот амбасадор Н.Е. Кристоф Зомер.
Овој проект е значаен бидејќи овозможи директна работа на терен преку ангажирани параправнички, особено во руралните средини, каде што жените најчесто остануваат надвор од системот. Преку оваа работа се подобри препознавањето на дискриминацијата, но предизвиците остануваат кај пријавувањето и довербата во институциите. Овие наоди јасно укажуваат на потребата од системски промени“, изјави Уранија Пировска.
На институционалниот панел, претставници на институциите и граѓанските организации дискутираа за предизвиците во системот за заштита од дискриминација. Беше истакнато дека Комисијата за спречување и заштита од дискриминација се соочува со зголемен обем на работа, но и со ограничени ресурси, при што општите препораки беа посочени како важен инструмент за системски промени.
Панелистите укажаа дека напредокот во изминатата деценија е нерамномерен, а судската заштита останува долга и обесхрабрувачка. Дополнително, беа нагласени бариерите во пристапот до услуги за жените кои употребуваат дроги и ЛГБТИ лицата, кои често се соочуваат со интерсекциска дискриминација што сè уште не е доволно препознаена во пракса.
Форумот заклучи дека подобрувањето на пристапот до правда бара поактивна улога на институциите, паралелно со зајакнување на довербата кај граѓаните и унапредување на континуираната соработка со граѓанскиот сектор.
Настанот се организираше преку проектот „Еднаквост сега – Зајакнување на маргинализираните заедници за социјална инклузија и недискриминација“, поддржан од Владата на Швајцарија преку програмата Цивика мобилитас.
Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во нејзината политичка, социјална и економска транзиција од 1992 година. Тековната програма има за цел да го подобри квалитетот на животот на граѓаните во Северна Македонија преку зајакнување на демократските институции и практики, промовирање одржлив и инклузивен економски раст и заштита на природните ресурси. Швајцарија придонесува со експертиза, финансиски средства и конструктивен ангажман со своите долгорочни партнери во Северна Македонија. Денеска, Швајцарија е рангирана меѓу најголемите билатерални партнери за соработка на Северна Македонија и останува посветена на стабилноста и просперитетот во регионот.