18 години Струга наплаќала сметки од граѓаните а не плаќале кон држават

Случајот со изворот „Шум“ веќе не е само комунален скандал, туку учебник за тоа како локалната и централната власт со години можат да дозволуваат незаконска пракса, а да реагираат дури кога од чешмите ќе потече кал. Најновите наоди покажуваат дека Струга 18 години го користела изворот „Шум“ без соодветна дозвола, без утврдени заштитни зони и без да плаќа надоместок кон државата, иако законската обврска постои уште од 2008 година.

Тоа значи дека проблемот не почнал со последното заматување на водата, туку дека еколошкиот инцидент само ја открил голата вистина за систем што функционирал надвор од правилата речиси две децении. Државниот инспекторат за животна средина, по вонредниот надзор, утврдил дека над 50 илјади жители во Струга со години се снабдувале од извор што се користел без дозвола и без основна правна и еколошка заштита. Во февруари, токму по тој инцидент, градот речиси еден месец остана без чиста вода за пиење.

Во политичка смисла, најтешкиот дел од оваа приказна е што најголемиот дел од тие 18 години се совпаѓаат со ерата на Рамиз Мерко, кој беше градоначалник на Струга од 2005 до 2013 година, а потоа повторно се врати на функцијата во 2017 и беше реизбран во 2021 година. Тоа не значи дека одговорноста е само персонална, но значи дека тешко може да се зборува за случаен институционален пропуст кога една иста локална политичка структура доминира со управувањето толку долг период.

Уште потешко за институциите е што ова не е само прашање на неплатени обврски, туку и на целосно неуреден статус на изворот. Екологистите веќе предупредија дека изворот „Шум“ не е ниту впишан во катастар, што дополнително покажува колку лабаво и небезбедно бил оставен системот од кој зависи водоснабдувањето на целиот град. Кога на тоа ќе се додаде отсуството на соодветна дозвола, приказната веќе не е за административен пропуст, туку за долготрајна институционална аномалија.

Оваа афера ја урива и удобната одбрана дека државата не знаела. Не е можно 18 години да се користи државен ресурс без соодветна дозвола и без надоместок, а никој во ресорното министерство, инспекторатот, општината и јавното претпријатие да не знае дека системот е правно шуплив. Законот за водите јасно предвидува стекнување водно право, дозвола за користење и надоместок за користење на вода. Ако тие механизми не биле применети, тогаш не потфрлила само општината, туку и државниот надзор што требало да спречи ваков модел да стане нормала.

Затоа суштинската теза на овој случај не е само дека Струга не плаќала. Туку дека со години се создавала и одржувала зона на неказнивост, во која еден од најважните јавни ресурси бил користен како да не подлежи на закон, контрола и одговорност. А кога таа зона конечно пукна, товарот не го платија ни градоначалниците, ни директорите, ни инспекциските служби, туку граѓаните, кои останаа без основното: безбедна вода за пиење.

Зачлени се на нашиот е-билтен