Мицкоски победи, а Македонија е пред уште еден пораз со шанса повторно да биде заробена

Мицкоски

Тезата од насловот „Мицкоски победи, Македонија е пред уште еден пораз со шанса повторно да биде заробена“, освен што е тест за институционалната издржливост на државата, не произлегува од еден изолиран потег, туку од низа одлуки и сигнали кои отвораат сериозни прашања за независноста на системот.

Клучниот момент доаѓа со случајот на обвинителката Ленче Ристоска. Откако Совет на јавни обвинители одби да ја прифати нејзината жалба за заштита од политички притисоци, следуваше одлука што дополнително ја разниша довербата со одлуката на новоизбраниот државен обвинителк на Ристоска да ѝ се одземат двата предмета „Талир 1“ и „Талир 2“ за финансиски малверзации на партијата ВМРО-ДПМНЕ чиј претседател и директно засегнат е Мицкоски.

Сега станува јасно кои задачи му ги додели Мицкоски на новоизбраниот државен јавен обвинител Ненад Савески, кој само неколку дена откако ја презеде должноста започна преуредување во обвинителството под оправдување дека ја затекнал „состојба на сериозен организациски хаос и без јасна евиденција кој обвинител кои предмети ги води“.

Институционална динамика со партиска позадина

Во правосудните кругови, ваквиот потег не се чита како административно евидентирање, туку како ризик за правната разрешница. Секое прераспределување на комплексни предмети во напредна фаза или друи завршна фаза, значи губење на време и континуитет, а тоа директно го отвора прашањето за евентуално застарување. Токму тука се лоцира првиот аргумент на тезата: дека институционалната динамика се користи за политички исход.

Новиот државен јавен обвинител Ненад Савески, кој функцијата ја презеде со образложение дека затекнал „сериозен организациски хаос“, веќе презема чекори што отвораат дилеми за приоритетите. „Кога првиот потег е да се сменат носителите на чувствителни предмети, наместо да се зајакнат капацитетите за нивно завршување, јавноста има право да се сомнева во мотивите“, коментираат правни аналитичари.

Но, ова не е изолиран случај. Во паралела се одвива и процес на кадровско позиционирање во институции што по дефиниција треба да бидат независни.

Изборот на Ацо Ристов на чело на енергетскиот регулатор отвори прашања за политичка и бизнис блискост, со оглед на фактот дека Ристов, поранешен градоначалник на Радовиш е истакнат член на ВМРО-ДПМНЕ.

Партизацијата на институциите дополнително ја засили од фактот што неговата сопруга, Данка Ристова, е дел од Судски совет на Северна Македонија. „Ова создава перцепција на концентрирана моќ и вмрежување на влијание“, реагираа дел од експертите, оценувајќи го процесот како „опасно доближување до партизација на судството“.

Слични реакции предизвика и именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенција за национална безбедност, и покрај законската одредба дека носителот на функцијата не смее да биде партиски функционер.

Потсетуваме дека само неколку часа откако „360 степени“ објави дека на фејсбук-профилот на новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), Бојан Христовски, пишува дека е политичар, беше направене промена. Во секцијата вовед (Intro) на фесјбук-профилот на Христовски сега стои дека тој е „јавна личност“ (Public figure).

Познато е дека, иако од Владата за „360 степени“ минатата година изјавија дека Бојан Христовски од 2023 година не е член на партија, откако си поднел оставка по неговото враќање на работа во Министерството за внатрешни работи, од објави на неговиот фејсбук-профил забележлива е активност и пропагирање во прилог на партијата.

Меѓу поновите објави, една е особено интересна. Датира од 1 септември годинава, а е поврзана токму со Агенцијата за национална безбедност. Во неа тој го честита петтиот роденден на Агенцијата, наведувајќи дека е последен.

„Кога законите се толкуваат селективно, институциите ја губат својата автономија и се претвораат во продолжена рака на извршната власт“, предупредуваат безбедносни експерти.

Во надворешната политика, пак, изјавата на Мицкоски дека земјата е подготвена да чека „и децении“ за членство во Европска унија, доколку условите не се прифатливи, отвори нов фронт на дебата. За дел од аналитичарите, ова значи замрзнување на реформскиот импулс. „Европската интеграција не е само геополитичка цел, туку механизам за внатрешна трансформација. Со нејзиното одложување, се губи и надворешниот притисок за владеење на правото“, оценуваат тие.

Еднаш заробена…

Историскиот контекст дополнително ја засилува загриженоста. По политичка криза воМакедонија во 2015, европските извештаи ја означија земјата како „заробена држава“, во период кога Никола Груевски ја водеше владата. Денешните паралели, велат критичарите, не се случајни. „Кога се повторуваат истите модели на влијание врз судството и независните тела, ризикот од повторно лизгање кон заробена држава е реален“, предупредуваат соговорници од граѓанскиот сектор.

Сепак, власта ја отфрла оваа нарација. Од таму велат дека станува збор за „реформа и расчистување на наследен хаос“, а не за политичка контрола. „Граѓаните избраа промени, а промените значат и одговорност и ред во институциите“, е ставот што се пласира од владејачките кругови.

Но токму тука се судираат двете интерпретации: дали станува збор за соодвенти нужни реформи или за системско партиско преземање. Ако првото значи консолидација, второто значи концентрација на моќ. А разликата меѓу тие две состојби, како што покажува македонското искуство, често се гледа дури кога веќе ќе биде предоцна.

Зачлени се на нашиот е-билтен