Битола старее, a не вложува во домови за стари лица

Битола

Битола се соочува со сериозен недостиг на сместувачки капацитети за стари лица и терминално болни, при што повеќе од 150 лица чекаат место, а постојните домови се преполни. Во услови на зголемена побарувачка, недостиг на инвестиции и пропаѓање на некогашниот хотел и пензионерски дом „Битола“, граѓаните се принудени на компромиси, додека институциите најавуваат можни решенија без конкретна реализација.

Авторки: Даница Петличкова* и Жанета Здравковска**

Повеќе од 150 лица чекаат местo во битолските установи за сместување стари лица и терминално болни. Во услови на ограничени капацитети – со вкупно 340 легла, корисниците најчесто немаат можност за избор и се приспособуваат на понудените услови – дури и кога тие значат разделба со животниот сопатник или компромис со личните убедувања.

Брачни партнери што со децении живееле заедно, последните години, месеци или недели од животот ги минуваат разделени, бидејќи често нема слободна заедничка соба. Дел од верниците, пак, и покрај религиозните правила, прифаќаат да делат просторија со лица од спротивен пол со кои не се во верски брак. Но, придобивките се големи, корисниците добиваат сместување, нега, грижа, храна, хигиена…

Во Битола функционираат три дома за стари лица: „Сју Рајдер“ кој е под општински ингеренции, двата приватни („Софија“ и „Свети Спас“), како и хосписот за палијативна нега „Сју Рајдер“, кој е под државна капа.

Според податоците на Здружението на пензионери од Битола, во oпштините Битола, Могила и Новаци има приближно 23.000 пензионери. Градот нуди 340 легла за стари и изнемоштени лица, што значи дека има едно легло на секои 68 пензионери.

Но, сместување не бараат само битолчани, туку и жители од Југозападниот Регион, па и пошироко во државата, затоа што нема секоја општина дом за стари лица, а болници за палијативна нега постојат само во Скопје и во Битола.

Пецо Бучковски, пензионер.

Ја губат работата за да ги гледаат родителите дома

Во услови кога тешко се доаѓа до место во домовите, грижата за старите лица најчесто паѓа на товар на најблиското семејство, кое нема секогаш услови, време или знаење да ја обезбеди потребната грижа и нега.

„Во семејството на моја роднина, свекрва ѝ е неподвижна и девојката е подготвена да се откаже од работата, затоа што е потребно човек да биде покрај болната. Нема кој да ја гледа, а девојката има и две дечиња на кои мора да мисли. Се обратија до домовите, но има долги листи на чекање. Молат на сите страни, но по можност да биде сместена во државен дом за да се избегнат големите трошоци во приватните“, вели Пецо Бучковски, пензионер.

Поранешниот пензионерски дом хотел „Битола“ се распаѓа

Додека притисокот врз установите за згрижување стари и болни лица во Битола се зголемува, неповратно исчезнува некогашниот хотел и пензионерски дом „Битола“. Објектот што е во државна сопственост, денес е руина и собиралиште на сомнителни лица, што создава чувство на небезбедност кај жителите од околните згради. Некогаш располагаше со 300 соби (од кои 105 за пензионери), со котларница, кујна, магацини, голем ресторан, банкетна и конференциска сала од отворен тип. Денес, четврта година по затворањето, зградата се распаѓа, иако била изградена со средства од пензионерите.

Според имотниот лист, објектот со површина од 5.401 квадратни метри е во 99,9 проценти сопственост на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Северна Македонија (ПИОМ). Поради натрупани долгови низ годините, хотелот беше затворен. Наместо реконструкција, државата од 2015 до 2022 година трипати го понуди на продажба, по цена од 1,4 до 2,7 милиони евра. Немаше заинтересирани купувачи.

Сепак, објектот не беше отстапен на Здружението на пензионери од Битола, кое со години бараше да го добие во сопственост или трајно користење, додека уште беше во функција, за да го пренамени во старски дом.

Јосиф Атанасовски – Здружение на пензионери – Битола

„Со дописи до Владата и до Фондот, уште додека објектот беше во употребна состојба, баравме да ни се отстапи, бидејќи е граден од пензионерите, а интересот за сместување во пензионерски домови во Битола е огромен. Зачудувачки е ваков објект тотално да пропаѓа и да се нуди на продажба, додека пензионерите нема каде да се сместуваат“, вели Јосиф Атанасовски од Здружението на пензионери – Битола.

Новото раководство на ПИОМ од 2024 година ги запре постапките за продажба и бара начини за реконструкција и ставање во функција.

Унгарскиот кредит за инфраструктурни проекти, но не и за дом за стари лица

Последната целосна реконструкција на јавен дом за стари лица во Битола беше реализирана во 2014 година. Со средства од ИПА-фондовите, обезбедени преку Министерството за локална самоуправа, и со кофинансирање на Општина Битола, беше комплетно обновен домот „Сју Рајдер“.

Во изминатата деценија нема нови капитални инвестиции во оваа сфера во Битола, ниту од локалната ниту од централната власт. Битола не се најде ни на листата на проекти финансирани преку Програмата за изградба, опремување и одржување објекти за социјална заштита и домови за стари лица за 2025 година, за која државата обезбеди над 9,9 милиони денари.

Општината минатата година објави дека Битола е лидер по број одобрени проекти во рамките на вториот јавен повик од Инструментот за капитални инвестиции од Владата, финансирани со средства од унгарскиот кредит. Потпишани се договори за реализација на 65 проекти, во вредност од 707 милиони денари. На првиот повик во септември 2024 година Битола доби 16 проекти со вредност околу 230 милиони денари. Во двата повика претежно се финансираат инфраструктурни проекти. Од Општината признаваат дека не аплицирале со проект за сместување лица од трета доба.

„Не, Битола преку двата повика не аплицираше за таков сместувачки капацитет“, ни одговорија од Општината.

Од Министерството за локална самоуправа одговорија дека од сите општини во државата, само две – Кочани и Куманово – аплицирале на вториот повик за користење средства за изградба и реконструкција на старски домови. Одобрени се 200 милиони денари (3,2 милиони евра) за дом во Кочани.

Домовите полни, листите на чекање долги, цените за сместување во раст

Недостигот на инвестиции резултира со преполни сместувачки капацитети за стари лица, долги листи на чекање и повисоки цени за престој.

Единствениот дом за стари лица под општинска надлежност во Битола „Сју Рајдер“, располага со 150 легла, кои во моментов се целосно пополнети, а 35 лица се на листа на чекање за легло. Цената за подвижни корисници изнесува 12.000, а за неподвижни 15.000 денари.

„Најголем е интересот за сместување жени со комплетна потреба од помош и нега. Сместувањето зависи од тоа кога ќе се ослободи место. Немаме територијално ограничување, па имаме корисници и барања дури од Демир Капија, Струмица и од други места каде што нема домови. Лицата сместени преку центрите за социјална работа имаат предност, без разлика на кое место се на листата на чекање“, ни рече во телефонскиот разговор Татјана Галвовска, в.д. директорка на домот.

Дом за стари лица „Сју Рајдер“

Приватната установа за социјална заштита на стари лица „Дом Софија” располага со 70 легла. Во моментов нема слободни места, има листа на чекање со десетина лица. Цената за престој започнува од 1.000 евра месечно и зависи од состојбата на лицето за кое се бара згрижување.

И во приватниот дом „Свети Спас“ во битолското село Кравари капацитетот е целосно исполнет. Од управата велат дека немаат формална листа на чекање и не одговорија на нашето прашање колкава е цената за сместување.

Ургенции за кревет дури и од политички функционери

Побарувачката за сместување е толку голема што, според вработени во установите, притисоците се секојдневни.

„Се јавуваат директори, политичари, пратеници да ургираат за да добие некое лице кревет. Телефонот постојано ѕвони. Не само што нѐ бараат нас како вработени, туку ги чекаат пред куќа и нашите брачни партнери да ги молат да ургираат. Како да се помогне кога сѐ е пренатрупано? А кога ќе се ослободи место, има критериуми – време на чекање, дијагноза, социјален случај и слично“, раскажуваат дел од вработените што инсистираат на анонимност.

Бараат кревет и во хосписот, иако не е дом за стари лица, туку болница

Во потрага по слободен кревет, дел од старите лица бараат сместување и во хосписот „Сју Рајдер“ во Битола, наменет за специфична здравствена грижа на пациенти со неизлечиви, прогресивни болести. Хосписот работи во рамките на ЈЗУ Специјализирана болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ Скопје.

Приоритет за згрижување имаат пациенти со карциноми, а од установата велат дека најмногу добиваат барања за сместување стари лица со деменција, за кои се потребни други институции. Во моментов во хосписот се сместени 74 пациенти, а на листата на чекање има повеќе од стотина лица.

Д-р Александар Поповски, специјалист интернист и раководител на хосписот „Сју Рајдер“

„Ние не сме старски дом, туку јавна здравствена установа, болница за терминално болни. Згрижуваме пациенти што имаат потреба од 24-часовен лекарски, сестрински и негувателски надзор. За таа цел сме екипирани со пет лекари со долгогодишно искуство од палијативната и геријатриската медицина, како и високо обучени и специјализирани сестри, физиотерапевти, негуватели, социјален работник и друг помошен кадар. Имаме и три специјалистички консултативни кабинети по интерна, физикална медицина и неврологија. Ние сме првите во регионот што работат доплер на каротиди. Физикалната терапија работи од понеделник до петок. Секоја недела има амбулантски прегледи за пациенти закажани преку системот ‘Мој термин’, односно за сите здравствено осигурени лица“, вели д-р Александар Поповски, специјалист интернист и раководител на хосписот.

Дел од цената за престој во хосписот ја покрива државата, преку Министерството за здравство, а трошокот на товар на пациентот изнесува 900 денари дневно. За разлика од други домови каде што услугите се плаќа на месечно ниво, во хосписот престојот се пресметува на ден.

Општината ќе бара решение за хотелот „Битола“

Општина Битола не вложила пари во изградба на нов дом за стари лица, но оттаму велат дека во континуитет вложуваат во подобрување на инфраструктурата, опремата и услугите во Домот за стари лица „Сју Рајдер“. Воедно, во усвоениот нацрт детален урбанистички план за новиот реонски центар во Нова Битола, предвидена е локација за изградба на нов дом за стари лица. Од Општината додаваат дека актуелно е размислувањето и повеќегодишните обиди поранешниот хотел „Битола“ да може да биде дом за стари лица.

Поранешниот хотел и пензионерски дом „Битола“

Градоначалникот Тони Коњановски на прес-конференција одржана на почетокот на февруари годинава рече „приказната на хотел ‘Битола’ не требало да си ја дозволиме“.

„Немаше кој да го заштити, иако се знае сопственоста. Ние инсистиравме и за тој објект, да побараме од Владата едноставно да се најде начин да се издвојат средства. За него ќе треба тотална реконструкција. Која е визијата? Ако мене ме прашувате, треба да биде старски дом. Во градот ни требаат старски домови и детски градинки“, рече Коњановски.

На новинарското прашање зошто како градоначалник не ја реализира визијата, тој одговори дека не зависи секогаш сѐ од општинската власт.

„Ние баравме, не ни беше даден. Сега Владата е зафатена со повеќе работи, но ќе го бараме повторно. И отворено е сѐ уште тоа прашање, но да видиме што понатаму. Наметната е темата и разговарано е за тоа“, додаде тој.

Бела смрт ја коси Битола

Битола, погодена од бранот на иселување во последните години, го добива епитетот „пензионерски град“. Податоците од Државниот завод за статистика од пописот во 2021 година покажуваат демографски дисбаланс. Во општината живеат 13.320 млади лица на возраст од 15 до 29 години, наспроти 24.041 жител од 60 до над 85 години. Од повозрасната категорија, дури 70 проценти, односно околу 16.700 лица, се економски неактивни.

Според податоците од Социјалниот план на Општина Битола 2021 – 2024, на годишно ниво има повеќе умрени од родени. Посочена е 2019 година со 706 родени, а 1.171 починати, и негативен природен прираст од – 465.

И покрај ваквата старосна структура и зголемената потреба од институционална грижа, во изминатите 12 години нема значајни државни и локални вложувања во изградба на нови старски домови во Битола.

ПИОМ се откажа од продажба, ќе бара средства да го реновира

Од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување посочуваат дека во изминатиот период Фондот преземал активности за да се реши проблемот со објектот. Претходните влади во повеќе наврати донеле одлуки за негова продажба. Од 2015 до 2022 година имало три објави за продажба по цени од 38.362.963 денари, 85.884.013 денари и 167.816.095 денари. На јавните објави не се јавиле заинтересирани купувачи.

„Во октомври 2024 година новото раководство на Фондот побара да се запре постапката за носење нова одлука за продажба на објектот од страна на Владата. Определбата на ова раководство на Фондот е дека имотот не треба да се продава, како што тоа било правено во минатото. Фондот треба да стопанисува и да има корист од него. Во таа смисла, раководството на Фондот смета дека во соработка со сите надлежни институции треба и мора да се најде начин хотелот да биде реконструиран и ставен во функција. Со тоа ќе се подобрат условите за сместување на пензионерите, а ќе се зголеми и капацитетот за сместување во пензионерските домови“, велат од ПИОМ.

Минатата година Фондот преку Министерството за социјална политика, демографија и млади побара средства од СИАП проектот на Светска банка за реконструкција на хотелот, но не беа одобрени. Сега се преземаат активности за изнаоѓање други начини за обезбедување пари.

Македонија зад европскиот просек за сместување стари лица

Во вакви услови Македонија заостанува зад европскиот просек за институционално сместување стари лица. Според податокот објавен од Министерството за социјална политика во 2026 година, кај нас се опфатени 0,5 проценти од вкупниот број стари лица, во однос на европските стандарди што препорачуваат да бидат опфатени од 3 до 5 отсто од жителите во поодминати години.

Процентот мора да се промени со оглед на тоа дека во Македонија расте бројот на старо население. Според Пописот од 1994 година, учеството на старото население над 60 години изнесуваше 13 % во вкупното население, додека во 2021 година изнесува 17,17 %.

Пелагонискиот Регион е еден од регионите со најбројно старо население.

Проблемот присутен со години ќе продолжи да се продлабочува доколку не се преземат итни мерки и не се воспостави посериозна политика за создавање подобри услови за достоинствена трета доба на граѓаните.

* Даница Петличкова е активистка на ЖГИ „КЛЕА“ Битола

** Жанета Здравковска е новинарка

Фотографии: Жанета Здравковска

Текстот е преземен од https://lap.mk, онлајн медиум на локалните заедници од пелагонискиот регион во РСМ, вклучително на ранливите групи граѓани и граѓанските организации што работат со нив.

Зачлени се на нашиот е-билтен