SOS Охрид известува дека, врз основа на побарано мислење од Министерството за култура, неодамна доставиле коментари кон Предлогот на закон за управување со природното и културното наследство во Охридскиот Регион. Очекуваат сите сугестии да бидат имплементирани во насока на создавање квалитетна законска рамка која ќе гарантира заштита на светското наследство на Охридскиот Регион.
„Сите наши коментари беа насочени кон адресирање на суштинските проблеми во предметното законско решение и обид за нивно надминување, имајќи предвид дека во сегашната состојба односно во дадената предлог – форма на законот е неможно да се надминат без сериозно реструктурирање“, се вели во соопштението на SOS Охрид.
Во продолжение целото соопштение на SOS Охрид:
Од она што можевме да забележиме во доставениот предлог на закон, светското наследство не се третира како интегрален систем, туку институционално раздвоено како природно и културно. Во предлог варијантата останува клучниот проблем – управувањето и контролата се распарчени меѓу различни органи, без воспоставен јасен и обврзувачки механизам за заедничка процена и спроведување. Отсуството на ваков механизам е крајно загрижувачкo бидејќи ја ослабува ефективноста на законот и не обезбедува целосна заштита на мешаното светско наследство. Формирањето на централно управувачко тело е клучно за координација, супервизија и навремено преземање корективни мерки, обезбедувајќи реална имплементација на законот, планот за управување и ургентниот (а многу задоцнет) стратегиски план за рехабилитација.
Составот на Комисијата во која членуваат избраници на министрите и општински бирократи ја поткопува нејзината функција како стручно и независно тело и не може да го гарантира интегритетот и независноста потребна за управување со светското наследство. Без редефинирано, експертско и независно членство на Комисијата, законот ќе остане формален и неефикасен, неспособен да обезбеди реална контрола и супервизија врз светското наследство.
Повторно се пропушта можноста да се воведе оцена на влијанието врз наследството, согласно барањата на УНЕСКО. Наместо тоа, се користи Оцена на влијанието врз животната средина и заштитно-конзерваторски услови, кои се несоодветни во контекст на светското наследство. Дополнително, во пракса овие механизми се применуваат недоволно квалитетно, особено имајќи го предвид застарениот и проблематичен Закон за животна средина.
Нацрт-законот не предвидува воведување на суспензивно дејство ниту автоматски правни последици. Отсуството на вакви механизми овозможува формално почитување на обврските кон Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, но фактички го поткопува нивното спроведување и не обезбедува ефективна заштита на мешаното светско наследство.
Пропуштено е да се воведат посебни одредби за надомест на штета предизвикана со реализација на штетни проекти, ниту механизми за санација или реституција на нарушеното природно и културно наследство. Отсуството на вакви одредби значително ја ослабува ефективноста на законот и не обезбедува целосна заштита на исклучителната универзална вредност.
Во нацрт-законот целосно се игнорираат веќе издадени или одобрени документи, проекти и планови. Како резултат, пропушта да воведе механизам за нивна ревизија и повторна оценка, со што се остава можност за правни несогласувања, недоследности во управувањето со наследството и потенцијално поголема штета врз природното и културното наследство. Ревизијата на овие документи е неопходна.
Детално, на триесет (30) страници, ги адресиравме сите погоре споменати недостатоци и слабости, ги понудивме нашите предлог-измени и дополнувања, со цел подобрување на законскиот текст – суштински, и негова подобра ефикасност. Сметаме дека без радикално реструктурирање на клучните одредби, сегашните пречки за ефикасно управување ќе останат непремостливи, а деградацијата на регионот ќе продолжи со несмалено темпо. Со овој чин, ние не само што укажуваме на пропустите, туку нудиме и конкретна алтернатива која наместо парцијални интереси, во фокусот ги става долгорочниот интегритет и вистинската заштита на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.