Ампева за Рацин.мк: Работниците не смеат да потпишуваат спогодба и да останат без плати, испратнина и заштита

Кристина Ампева – Фото Слободен печат – Методи Здравев

Кристина Ампева за Рацин.мк предупредува дека работниците кои остануваат без плати, К-15 и придонеси не смеат да потпишуваат спогодбен прекин, затоа што така може да останат и без работа и без правата што по закон им следуваат. Во разговор за Рацин.мк, Кристина Ампева, координаторка и претседателка на здружението „Гласен Текстилец“ во Штип и основачка на Гласен синдикат на работниците, вели дека случајот со „Артекс“ не е исклучок, туку правило што со години се повторува, додека институциите или молчат, или не ги третираат овие случаи со сериозноста што ја бараат.

НИШТО ДА НЕ СЕ ПОТПИШУВА ПОД ПРИТИСОК

„Во вакви ситуации најважно е работниците да не потпишуваат спогодбен прекин, особено ако не им се исплатени плати и К-15. Ова најчесто им се нуди на работници на неопределено време, затоа што во случај на затворање на фирма работодавачот треба да даде отказ од деловни причини и да исплати испратнина. Законот за работни односи предвидува испратнина според стажот бидејќи треба да добијат отказ од деловни причини на работодавачот, но со потпишување на спогодба работниците се ставаат во заблуда дека сами си заминуваат, односно се согласни и сакаат да си одат од фирмата по своја волја. Со тоа го губат правото и на испратнина и на надоместок во случај на привремена невработеност од Агенцијата за вработување. Не смеат да потпишуваат ниту документи со кои се откажуваат од побарувањата. Ова не е првпат да го гледаме, истото се повторува со години. Затоа апелот е јасен, ништо да не се потпишува под притисок, веднаш да се побара правна помош и случајот да се пријави во трудов инспекторат“, вели Ампева.

Таа посочува дека на хартија постојат повеќе механизми преку кои работниците би можеле да бараат правда, но дека во пракса тие речиси секогаш доаѓаат предоцна или остануваат без вистински ефект.

„На хартија постојат механизми, трудов инспекторат, суд, УЈП, Управата за финансиска полиција и секторот за економски криминал при МВР. Но во пракса, работниците ретко успеваат да ги наплатат своите пари. Судска постапка нема да донесе ништо освен победа на хартија, ако немаме имот и пари од каде може да се наплатат работниците. Казните кои ги пишува трудов инспекторат се толку ниски што не им значат ништо. Дали ќе се исплашат од казна од 100 евра, а тие не исплатиле три плати и придонеси? Секако дека не! Ова не е изолиран случај. „Артекс“ не е единствена фирма што на ваков начин се затвора и ги остава работниците без плати. Со години гледаме исти ситуации, фабрики се затвораат, често со странски газди, а работниците остануваат без две, три или повеќе плати. Како „Гласен текстилец“ сме работеле на многу вакви случаи и исходот речиси секогаш е ист. Додека не почнат институциите како УЈП, финансова, обвинителство и економски криминал да ги гледаат овие дела како кривични дела во работните односи, не си ја работат работата за која се платени, а тоа е заштита на граѓаните, во случајов работниците, и придонесите и даноците кои се слеваат во државните фондови и каса, состојбата ќе биде ваква“, оценува таа.

Ампева вели дека одговорноста не смее да заврши само кај работодавачот, туку мора да стигне и до институциите што не постапиле навреме, иако со години добиваат пријави, докази и конкретни случаи.

„Ова што се случува со „Артекс“ не е исклучок, туку правило што со години се повторува. Имаме многу случаи каде фирми се затвораат, користат државни бенефиции и средства, а работниците остануваат без неколку плати и платени придонеси од задолжително социјално осигурување. Само минатата година имавме околу десетина фирми од кои добар дел со странски сопственик, кои ставија клуч на врата, од денес за утре, со неколку неисплатени плати, придонеси, К-15 и други парични побарувања кои ги следуваат работниците кога фирмата се затвора. Како организација имаме поднесувано пријави до трудов инспекторат, УЈП, финансова полиција и економски криминал, обвинителство, но загрижува што од дел од институциите, особено финансиските органи кои се должни да го штитат граѓанинот, но и државните фондови и каса од финансиски злоупотреби, нема соодветен одговор. Всушност, никаков одговор. Обвинителството пак како да не го знае Кривичниот законик, и делата против работните односи кои ги има во тој закон, најчесто ги отфрлаат пријавите и ги сметаат како прекршок. Тогаш зошто ги има опишано овие дела во членови во КЗ? Не се за украс сигурно, туку законодавецот ги предвидел, ама нема кој да ги имплементира“, вели Ампева.

Според неа, итно мора да се вклучат УЈП, финансиската полиција, економскиот криминал и обвинителството, за да се утврди каде се парите и дали има злоупотреби, особено ако фирмите користеле државни средства.

„Одговорност мора да има и кај работодавачот, но и кај институциите што не постапиле. Потребно е веднаш да се вклучат УЈП, финансова полиција и економски криминал, да се утврди каде се парите, особено ако се користени средства од државниот буџет, и да има одговорност. Треба обвинителството сериозно да се вклучи и ги гледа овие дела како кривични дела, а не прекршочни. Не можеме ние да сме единствените кои бараат одговорност, им даваат докази, пријави на тацна, а од таму да гледаме ноншалантно однесување. Конкретно имаме од лани фирма со германско сопствеништво каде должат над 200.000 евра во име на плати, додатоци, придонеси, даноци, пријавуваме дека продаваат имот кој вреди 2 милиона евра и до финансова и до економски криминал, а немаме одговор никаков од септември минатата година. Напорно е единствено ние да ги гледаме и разбираме овие проблеми, а институциите кои се должни да работат, да не мрдаат со прст и не чувствуваат никаква одговорност кон оние од кои се платени. Треба зголемување на казните кои ги пишува трудовиот инспекторат, треба ангажман итен од финансова, УЈП и економски криминал, треба да се направи и работодавачот да одговара со сопствен имот, а не фирма и машини под закуп, фирма отворил со 5.000 евра, и од денес за утре затвара и нема никаква одговорност бидејќи немал имот на име на фирмата. Додека ова не почне да се третира како сериозен проблем, ќе продолжиме да гледаме затворени фабрики и работници оставени без плата и без заштита“, предупредува Ампева.

Зачлени се на нашиот е-билтен